Гоце Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Досега реализирал 15 самостојни, а учествувал и во бројни групни изложби во Македонија, Германија, Австрија, Исланд, Турција, Бугарија и Полска.
Добитник е на повеќе награди за сликарство, акварел и фотографија од повеќе институции и држави. Во 2011 ја доби наградата ,,Златна четка‘‘ за сликарство од ДЛУМ, како и наградата за GIF (дигитална слика во движење).
Илиевски, исто така, беше еден уметниците кои работеа на долгометражниот анимиран филм „Loving Vincent“, како сликар и аниматор. Покрај ова, во неговиот развој како уметник придонеле и уметничкиот престој во Нирнберг, Германија, резиденциите во Литванија, Латвија и престојот во Исланд.
„Моите дела се инспирирани од идејата за развојот на човековата свест и еволуција, скокот од мајмун кон човек. Потоа идејата за бесконечност просторот во вселената, моќта на космичките тела, како и мистеријата за изворот на идеите, и светот помеѓу реалноста и имагинацијата“, вели тој за Радио МОФ.
Илиевски e уште еден илустратор кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации: