#ИнстаИлустрации – Ивана Горичан

Ивана Горичан е од Охрид. Средно образование завршила во родниот град, а годинава дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсек графика. Таа е илустратор, графичар, и тату-артист.

„Со оглед на тоа што последната година целото внимание ми е насочено кон тетоважите, натаму одат и моите креативни размислувања, создавам дизајни кои би биле одлична декорација во простор а истовремено би послужиле и како дизајн за тетоважа. Моето творештво е на периоди од кои се сосема различни еден со друг како и медиумите низ кои се изразувам, тргнувајќи од графиката, па колажот со банкноти, па рачно цртани илустрации кои се невообичаено минијатурни за да стигнам до дигитална илустрација. Овие пет дела се само почеток од она што планирам да го создадам во овој “серијал”, шемата е едноставна, земам познат лик од уметноста или културата, портретот го обработувам да не биде сосема јасен на прв поглед, а околината ја декорирам со предмети карактеристични за таа личност“, вели таа за Радио МОФ.

Горичан е уште една илустраторка која се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации:

*Доколку и ти си илустраторк/ка и сакаш да споделиш дел од твојот труд со нашата публика, пиши ни на нашиот Инстаграм профил, или на info@radiomof.mk