Јана Божиновска – Себишки е дипломиран економист при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, која својата пасија кон ликовната уметност ја истражува од раните години, учествувајќи на бројни натпревари и проекти.
Поттикот за нејзината пасија кон цртањето ја добила од нејзиниот сопруг. Нејзиното прво официјално дело започнала да го подготвува во 2016 година, спремајќи изложба во правец на модерната уметност, која се вика „The Ellement of Feelings”.
„Инспирацијата ја добивам буквално од секаде, во секое ќоше кое ќе допре до мене на емоционален начин. Секогаш ме привлекувале портретите, па од таму и се одлучив да сликам жени поради тоа што сметам дека жената е симбол на сила, пожртвуваност, нежност, топлина – сакам набљудувачот визуелно да може да се поврзе со чувствата на жената која е насликана и да ги осети како свои. Многу ги ценам нашите македонски артисти и сметам дека секој е посебен и уникатен во тоа што го работи. За себе сметам дека негувам „street style” правец односно уживам да мешам различни стилови и техники и така секогаш откривам нови хоризонти, ниедно дело не е поврзано со претходното. Моментално сликам со акрил, но би сакала и да почнам со маслени бои. Во иднина се гледам со своја галерија, подржувајќи ги нашите “аматери” кои започнале да работат поведени од нивната пасија“, вели таа за Радио МОФ.
Себишки е уште една илустраторка која се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: