Мила Јовановиќ е средношколка во СУГС „Никола Карев” во Скопје. Таа уште од рани години покажала интерес за графичкиот дизајн, па започнала да ги совладува вештините на детската академија во Семос.
Од тогаш, активно работи на помали проекти, а во слободно време црта на разни теми, дигитално или традиционално.
„Иако засега цртањето ми е главно хоби, би сакала еден ден да можам тоа да го претворам во професија и да ја направам горда 13-годишната Мила“, вели таа за Радио МОФ.
Проект на кој се гордее е едукативната видеоигра за македонски традиционални инструменти, наменета за деца од второ одделение, која ја изработила при летниот Хакатон, организиран од NGO SamrtUp.
„Инспирацијата за моите илустрации ја добивам од апсолутно се! Некогаш ќе видам некоја случка или слика, или пак, ќе слушнам некоја песна која ќе пробуди емоција, а со тоа и инспирација за ново дело. Затоа сметам дека е битно да се има лист и пенкало при рака во било кој момент. Човечкиот ум е прекрасно нешто и не треба да поставуваме граници кога сакаме да се изразиме“, смета младата уметница.
Јовановиќ е уште една илустраторка кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: