Никола Огненовска изминативе три години преку својот уметнички профил на Инстаграм (@nixizartspace) ги споделува своите цртежи. Таа вели дека клучна улога во нејзиниот развој била поддршката од заедницата.
„Сѐ уште не можам да се наречам себеси уметник, но барем го чувствувам сето тоа што го цртам. Досега имам направено само една самостојна изложба. Тоа се случи пред година-дена во просториите на „Орце Николов”. Преубав мал настан, опкружен со луѓето кои премногу ми значат“, се потсетува таа.
Инспирацијата, пак, доаѓа сосема случајно, во секој момент.
„Може да ‘надојде’ од слушање музика, читање книги и гледање филмови, што допираат до твојата душа и ја греат, барем за момент; од Скопје, од чувството за слобода, непосетени места, улици и како важен фактор – од луѓето со кои секојдневно комуницираш“, вели Огненовска за Радио МОФ.
Омилен уметник, открива таа, засекогаш ќе ѝ биде Винсент Ван Гог, а омилени правци во уметноста – пост-импресионизмот, надреализмот и фувизмот.
„Зад секој од нив се крие различна емоција, што може да се забележи и да се пренесе и мислам дека тоа е убавината во она што го нарекуваме уметност“, смета таа.
Огненовска е уште една уметница кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините дела: