Розе Стојовска e самоука уметница од Скопје која со дигиталната уметност започнува пред 5 години. Социјалните мрежи и медиуми ја запознале со дигиталната страна на уметноста, но тие ѝ служат и за инспирација, откривање нови предизвици, како и правци за саморазвивање.
„Уште од малечка сфатив дека сите бараме среќа на еден или друг начин, јас мојата среќа често ја наоѓам во уметноста, а тоа ја прави и мојата цел – мојата уметност да предизвикува чувство на радост и среќа на тие што ги гледаат моите дела“, вели таа за Радио МОФ.
Стојовска соработува со повеќе онлајн продавници од Инстаграм, изработува и лични илустрации, а добар дел од времето работи на дела кои ѝ претставуваат лично задоволство и кои ѝ помагаат да го развива својот стил.
„Креативната искра може да дојде од било што, но најчесто успевам да најдам некоја убава комбинација на бои кои ми предизвикуваат одредено чувство, па се водам од тоа развивајќи ги тие бои во дигитални илустрации на замислени ликови“, смета таа.
Слободното време, пак, го посветува на онлајн гејмингот, особено на игрите како „Overwatch“ и „League of Legends“. „Character Concepts”, според неа, е нешто кон кое сака да се стреми понатаму и би можела да се види себеси како го работи во иднина.
Стојовска e уште една илустраторка која се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: