Владимир Николовски од Куманово има 24 години и се занимава со театарска режија и цртање.
За спојката со цртањето најмногу придонела графити културата кога се сретнал со страницата comeclean.mk. Заедно со другарите започнале да цртаат „скечбукс“ и по ѕидови, а подоцна се запишал во средно уметничко училиште, каде љубовта кон цртањето и вајарството станала уште појака.
Неговото уметничко име omaleysbae, настанало како варијација на името на неговата омилена песна од Ник Кејв – O’Malley’s Bar.
Николовски вели дека отсекогаш ги сакал стриповите, мангата и анимето.
„Не може да не ги сакаш кога сите пораснавме со синхронизирани „Драгон Бол“ и „Покемон“ (и „Југио’ на хрватската телевизија)“, вели тој.
Дигитално црта од пред некоја година, а за неговиот стил вели тој, главно се базира на „цртање опасни и слатки снајки и други слатки ствари“.
„Огромно влијание врз мојот стил имаат игрици (и денешни и винтиџ), винтиџ аниме, корејски хорори, денешни аниме ствари, Санрио, Нинтендо“, објаснува Николовски.
„Инспирација имам константно и ја добивам од секаде, дали тоа ќе е нешто девојка ми што ќе направи или каже, некој корејски хорор што ќе го гледам, некоја Јунји Ито манга, или некоја песна што ќе ја слушам, битно ми доаѓа идејата во глава и цртам“, додава тој.
Артисти кои имаат огромно влијание во неговиот живот и уметноста се режисерот и илустратор Мајк Милс, но и Хивер, Еспо, Нишио, Драш, Маргарет Килгален, Јунји Ито, Ким Јунг Ги, Лугосис, Руки Чуки, Наоко Таекучи.
Николовски e уште еден илустратор кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации: