Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) тврди дека во дел од институциите на културата не е исплатена платата за месец јануари, поради тоа што нивните пресметки за плата се согласно последните измени на Законот за работни односи за недела како неработен ден, истовремено велејќи дека Министерството за култура дека не знае како да ги процесира.
„Другиот дел од институциите каде што е веќе исплатена платата, не ги почитувале измените во Законот, па така работата на одредени категории на вработени која што се одвива во недела не е исплатена“, велат оттаму.
Според СКРМ, ова е грубо прекршување на Законот за работни односи од Министерството за култура и дел од институциите.
„Итно бараме јавно објаснување од Министерство за култура зошто се прекршува Законот за работни односи и кога и како ќе биде надминат проблемот со недела како неработен ден“, соопштија од синдикатот.
Од СКРМ побараа Министерството да утврди одговорност кај сите директори на институциите кои го прекршиле Законот за работни односи, или во спротивно, синдикатот ќе започне правни постапки за заштита на правата на вработените во културата.
Министерката за култура, Бисера Кoстадиновска-Стојчевска, на денешна прес-конференција, одговорајќи на новинарското прашање истакна дека во министерството не се спровеле навремени консултации со Установите за кои е надлежно за непречено да се применува и спроведува Законот за недела неработен ден.
„Во овој момент, Министерството за култура врши исплата на јануарските плати во фази. Исплатата зависи од динамиката на анализите во министерството, согласно консултациите со МТСП и останатите институции кои се инволвирани во процесот, како и законите кои се однесуваат на културата и дејностите кои не смеат да се прекинат и не смеат да бидат изземени од недела како неработен ден“, истакна министерката.
„Министерството за култура не го крши законот за работни односи и сите оние кои работеле во јануари во недела ќе бидат исплатени согласно измените. Проблемот се јавува кај оние институции каде без основа и спротивно од одредбите од Законот за работни односи во делот Недела ден за одмор тие работеле, што всушност влијае на забавената исплата“, посочи Кoстадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека надлежната институција засилено работи на проектирање на буџетот согласно измените на Законот, како и на нова реорганизација на институциите да се обезбедат услови за оптимална работа за сите установи, каде не смее да се прекине процесот на работа.
Ивана Смилевска