За студентите на приватните универзитети во Скопје и натаму нема бесплатен јавен превоз, откако Град Скопје на седницата за буџетот за 2023 година не издвои средства за субвенционирање на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за приватните факултети. Истовремено, студентските лидери губат доверба во институциите дека ќе се реши овој, како што велат, проблем со дискриминација од големи размери.
„Доверба во институциите немам. Сè пробав и секаде се обратив, но ништо“, изјави за Радио МОФ Мила Петрушевска, претседателката на првото студентско собрание при Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
Таа додава дека по неколку обиди за разговор со надлежните институции, како што е Уставниот суд на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука (МОН) наишле на молк. Поради тоа, вели таа, го губат трпението кое им е при крај.
„Не очекувам никаква повратна реакција ни од Уставниот суд, бидејќи согласно правната сила на нивните одлуки, како конечни, ако еднаш се произнеле со такво мислење и не изгласале и не поддржале, повторно нема да смениме ништо и ќе немаме никаков резултат баш напротив така само ќе изгубиме време и трпение што инаку веќе ни е при крај“, објасни студентката за одлуката на Судот во 2018 година да ја запре постапката за утврдување дека Градот Скопје нееднакво ги третира студентите од јавните и приватните високообразовни установи во главниот град.
На Петрушевска сега ѝ се приклучува и новоизбраниот претседател на Универзитетот „Американ Колеџ – Скопје (УАКС)“, Филип Трајковски кој вели дека добивањето картичка за бесплатен градски превоз е приоритет во неговиот мандат.
„Не треба да сте експерти во толкувањето на правото за да ја разберете дискриминацијата која со години се врши врз студентите од приватните факултети кога станува збор за јавниот градски превоз, кој според Законот за високо образование, треба да им следува бесплатно на сите студенти, но и бидејќи нели, сите сме еднакви пред уставот“, забележа Трајковски.
Во членот 150 од Законот за високо образование се наведува дека студентот има право да користи градски и меѓуградски превоз според условите утврдени со закон од вршителите на соодветните дејности. ЈСП Скопје кое секоја година издава студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз се субвенционира со средства што му ги доделува Град Скопје. ЈСП и оваа година не доби средства од буџетот на Градот што ќе бидат наменети за билети за овие студенти.
Имено, во ноември 2022 година, кога пишувавме на оваа тема, советникот Горјан Јовановски ни изјави оти се надева дека следната година точката за субвенционирање на ЈСП и за приватните универзитети ќе дојде на дневен ред на Советот. Подоцна, во декември Радио МОФ повторно упати прашање до Град Скопје за тоа дали се планира да се издвојат средства од новиот буџет за 2023 година за субвенционирање на ЈСП за студентите на приватните универзитети, а оттаму ни рекоа дека тие не се надлежни за да одговорат.
„Бидејќи Град Скопје нема надлежност над високото образование, за тоа дали во иднина би се реализирало за студентите на приватните универзитети треба прашањата да ги упатите до МОН или до Владата“, гласи одговорот што го добивме.
Оттука, прашања испративме и до Министерството за образование и наука, но до денот на објавување на овој текст, одговори не добивме.
Студентите кои исто така се жалат на нетранспарентност и молк за нивните барања велат дека засега единствено за да бидат слушнати им останува темата да ја туркаат во јавност.
„Ќе се потрудам што повеќе оваа година да се изјаснувам јавно на оваа тема во соработка и со другите медиуми и да ги искористам сите средства што ми се во можност само за да наидеме првин на слух од надлежните, бидејќи од резултат сме далеку со нив, со нив соработката е бескорисна. Барем така се покажа во пракса“, децидна е Петрушевска.
Слично истакнува и Трајковски кој вели дека мора да продолжат да ги бараат своите права.
„Дали парите со кои плаќаме казни за немање картичка за бесплатен превоз треба да ги пренасочиме кон авио билети во еден правец за да се освестиме со каква неправда се соочуваме? За да избегнеме такво сценарио, со нови сили и методи, обединети со иста цел, ние ќе продолжиме да си ги бараме своите права бидејќи сме иднината на нашата држава. Ја сакаме Македонија и се бориме за неа исто колку и сите други студенти“, вели тој.
Ангела Бошкоска