„Институционалното како јавно“ – отворени предавања во рамки на петтите „Кураторски размени“

Денес и утре се одржува петтото по ред издание на Интернационалниот симпозиумот „Кураторски размени“ насловен „Институционалното како јавно“. Како дел од овој настан, ќе се одржат предавањето на австриската кураторка Елке Красни за тоа што значи да се биде инволвиран во урбана трансформација на градот, како и аудио-турата на македонската уметничка и урбана истражувачка Ивана Сиџимовска од Берлин.

Денес, со почеток од 10:30, 12:00, 13:30, 15:00 и 16:30 часот, на платото пред Музејот на град Скопје се одржува турата на Сиџимовска под наслов „Раскажувајќи го Скопје“, која е дел од нејзината докторска дисертација.

Сиџимовска е визуелна уметница и истражувачка на урбаниот простор. Има завршено додипломски студии на Факулетот за ликовна уметност на Педдагошкиот оддел во Скопје и магистерски студии на Факулетот за ликовна уметност Берлин – Вајзенсее, оддел Просторни стратегии. Нејзината уметничка пракса и истражување вклучува трансдициплинарна работа помеѓу уметност, архитектура и урбана социологија и најчесто е поврзана со работа во јавниот простор, притоа употребувајќи различни методи, медиуми и техники. Oд 2012 таа е докторски кандидат на Баухаус Универзитетот Вајмар, Факултет за дизајн и медии.

Во сабота, пак, со почеток од 11.00 часот, во Социјалниот центар „Дуња“, Красни ќе одржи отворена работна сесија на која заеднички ќе се работи на поимот на вклучување.

„Заедно, ќе избереме место на урбана трансформација во Скопје. Ќе мислиме на она што значи да се биде инволвиран. Ќе мислиме на она што е потребно да се биде инволвиран“, се вели во повикот.

Заинтересираните за работната сесија ќе можат да го потврдат своето присуство на presstoexit@gmail.com

Красни е професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена, Австрија. Нејзината теоретска и кураторската работа е цврсто вкоренета во општествено ангажираната уметност и просторна практика, урбана епистемологија, постколонијална теорија и феминистичка историографија. Во нејзината концептуално насочена и истражувачка кураторска практика таа ги преиспитува вкрстувањата меѓу уметноста, архитектурата, образованието, феминизмот, контекстот, просторните политики и урбанизмот. Нејзина цел е да даде придонес во иновациите и дебатите во овие области, преку соединување на експериментални пост-дисциплинарни сојузи меѓу истражувањето, учењето, кураторството и пишувањето.

Симпозиумот ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на уметнички истражувања, кураторски практики и едукација. Негов организатор е Проектен простор Прес ту егзит од Скопје, а поддржувачи се Министерство за култура на Република Македонија, Совет на Град Скопје и Австриската амбасада.