Оценката за квалитетот на дебатата во Собранието на Република Северна Македонија за првото полугодие од годинава изнесува 5.5 на скала од 1 до 10, ова го покажува набљудувањето на Институтот за демократија во периодот јануари – јуни 2022 година.
И покрај благото подобрување во однос на периодот јули – декември минатата година кога оценката беше 5.4, дискусијата во Собранието не ја добива минималната потребна оценка за да се именува како конструктивна дебата, велат од Институтот. Според нив, извештајот покажува генерално ниско ниво на квалитет на дебата и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување.
„Генерално се забележува влошување на нивото на аргументирање од страна на сите учесници во дискусијата во Собранието. Во 51% од анализираните дискусии, говорниците немаа аргументи, додека во 42% од анализираните дискусии имаа слаба аргументација, односно говорниците понудија образложение на своите позиции што не е доволно да се смета за еден целосен аргумент. Факти, односно цитирани докази од истражувања, искуство, документи и други релевантни извори, беа користени во само 3% од дискусиите“, велат од Институтот за демократија.
Дополнително, тие посочуваат дека во истиот период, пратениците во своите говори повеќе се осврнувале кон личноста на соговорникот од друга политичка опција, отколку кон суштинско разгледување на нивните аргументи.
„Сепак, значително преовладуваат говорите во кои пратениците воопшто не се референцираат ниту кон аргументите на пратениците од другата опција (76%), ниту кон нивната личност (65%), што значи дека пратениците не се вклучуваат доволно во суштинска размена на ставови“, додаваат од Институтот.
Оттаму велат дека во мониторираниот период не се одржала ниедна надзорна расправа со што се ограничила можноста на Собранието за контрола и надзор на извршната власт, односно надзорната улога на Собранието останала во втор план.
Меѓу десетте најактивни пратеници, од Институтот велат дека три се жени, како и дека учеството на жени во вкупната дискусија е 42% и се задржува на релативно исто ниво како во периодот јули – декември 2021. Според нив, тоа претставува највисоко учество во споредба со сите претходни периоди на набљудување. За збор најчесто збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Гордана Сиљановска Давкова и Бојан Стојаноски.
„Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Пратениците во речиси 90% од нивните говори, не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права“, децидни се од Институтот.
Културата на дебатирање на пратениците во Собранието, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, според Институтот за демократија е на релативно ниско ниво. Па затоа, во извештајот на институтот се вклучени и неколку препораки, како и достапни алатки кои им стојат на располагање на пратениците за постигнување на повисоко ниво на квалитет на дебата.
Институтот за демократија го следи квалитетот на дебатата и работата на Собранието од 2014 година.
Целосниот извештај на македонски јазик може да се прочита на следниов ЛИНК.