Институтот за филозофија при Филозофскиот факултетот во Скопје се вклучува во јавната расправа отворена од Министерството за образование и наука (МОН) и категорично го отфрла решението во нацртот на Концепцијата за реформи на гимназиско образование со кое, тврдат, се врши бришење на предметот Филозофија од корпусот задолжителни предмети, како и целосно отстранување на предметите Логика и Етика од корпусот изборни предмети во однос на постојниот наставен план.
„Тоа решение претставува неприфатливо деградирање на статусот на филозофијата како една од темелните дисциплини од хуманистичките науки и директно противречи на прокламираните цели на самата Концепција. Институтот за филозофија инсистира на ставот дека без разлика на тоа каков концепт за гимназиско образование ќе се одбере, во него мора да биде застапен корпусот филозофски предмети – Филозофија (како задолжителен), Етика (како задолжителен) и Логика (како изборен предмет). Како дисциплини чија фундаментално цел е развивањето на холистичкиот пристап кон светот, критичкото мислење и етичките вредности во личното и колективното дејствување, тие го сочинуваат јадрото на гимназиското образование, кое треба да овозможи целосен равој на личноста на ученикот, во интелектуална, морална, социјална, емоционална и физичка смисла“, истакнуваат оттаму.
Како што велат, како форма на средно образование, гимназијата ги поставува основите за натамошното интелектуално и професионално усовршување на учениците.
„Таа им овозможува да го продолжат високото образование во кое и да било од постојните научни подрчја и да се оспособат за професии со висок степен на сложеност и општествена одговорност. Од друга страна таа ги подготвува учениците за активно и продуктивно учество во општеството како автономни, одговорни, социјално свесни и емпатични граѓаните. Оттаму, токму систематското вклучување на Филозофијата, Логиката и Етиката во гимназиското образование дека најдобра основа за остварување на целите на Концепцијата и за подготвување на нашите гимназијалци за рамноправно учество во глобалните трендови на светскиот развој со нивните врсници од другите земји“, сметаат од Институтот за филозофија.
Ако како база за реформи се земе моделот предложен во Концепцијата, Институтот за филозофија инсистира во гимназиското образование да се врати предметот Филозофија како задолжителен во четврта година, како што е во сегашниот наставен план, и да се воведе како задолжителен предметот Етика во трета година, а предметот Логика како изборен во категоријата Изборни предмети за почетно изучување.
„За предметот Логика се предлага модификување на насловот во Логика и критичко мислење, и соодветна интервенција во наставните содржини, со ставање акцент врз логичките аспекти на критичкото размислување и аргументирање. За предметот Етика се предлага модификување на насловот во Етика и морален развој, и соодветна интервенција во наставните содржини, со ставање акцент врз моралниот развој“, велат оттаму.
За сите филозофски предмети застапени во фимназиското образование – Филозофија, Логика и Етика, Институтот ја нуди својата експертиза при изработка на нови наставни програми, учебници и помошни наставни материјали со иновирани содржини и методи на работа во духот на современи светски трендови на изучувањето на овие предмети.
„Освен во поглед на филозофските предмети, Институтот за филозофија ги поддржува заложбите, наградени во Концепцијата, за унапредување на квалитетот на наставната и во сите други предмети застапени во гимназиското образование. Тие заложби ги опфаќаат: осовременувањето на содржината на наставните програми, методите на наставата и наставните материјали, унапредувањето на методите на оценување и следење на квалитетот на наставата, подобрувањето на квалитетот и компетенциите на наставниот кадар и на инфраструктурата, особено на технолошката инфраструктура, и создавање на поттикнувачка училишна клима и култура во гимназиите“, посочуваат од Институтот.
Во однос на предлозите за застапеноста на корпусот филозофски предмети во гимназиското образование, Институтот нуди и конкретни решенија за нивно спроведување, кои може да бидат операционализирани во натамошните дискусии во однос на Концепцијата.