Годинава Инстититутот за класични студии при Философскиот факултет на УКИМ прославува јубилеј од 70 години од своето основање. По тој повод на 22-ри и 23-ри ноември во просториите на Философскиот факултет ќе се одржи меѓународна научна конференција „Studia classica anniversaria ‒ 70 години институт за класични студии“.
На конференцијата ќе земат учество преку 40 гости од Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Швајцарија, Холандија, Словачка, Полска кои ќе презентираат различни теми од сите области на класичната филологија (книжевност, лингвистика, философија, историја, епиграфика, археологија).
Конференцијата ќе биде придружена со изложба на книги поставена во аулата на Философскиот факултет.
Институтот за класични студии е една од првите наставно-научни единици на факултетот, кој ја започнал својата дејност во 1946 г. како Семинар за класична филологија. Основач на Семинарот, а воедно и прв декан на Философскиот факултет во периодот 1946-49 г. е професорот Михаил Д. Петрушевски. Во 1950 г. тој е еден од иницијаторите (заедно со Милан Будимир) за издавањето на научното списание од областа на класичните студии „Жива Антика“ и негов прв главен и одговорен уредник. Ова списание кое континуирано се издава до денес се стекна со висок рејтинг во научниот свет, така што денес во него свои трудови објавуваат многу видни научници од повеќе земји од светот.
Наставниците и соработниците на Институтот за класични студии имаат објавено голем број научни и стручни студии како прилози во научни списанија, книги, средношколски и универзитетски учебници, преводи на македонски јазик на капитални дела од античката литература (Хомер, Хесиод, Платон, Аристотел, Кикерон, Хоратиј, Ајсхил, Софокле, Еврипид, Демостен, Овидиј, Вергилиј, Античка лирика, Витрувиј и други).
Институтот за класични студии интензивно соработува со Здружението на класични филолози „Антика“ и со Бирото за развој на образованието, изготвува наставни програми по предметите латински и старогрчки јазик за средното образование, со децении е кооорганизатор на Републичкиот натпревар по класичните јазици и врши советодавна дејност во врска со наставата по класичните јазици.