Институтот за мода „Изет Цури“ распиша конкурс за модно дизајнерско решение од млади со можност за едногодишна стипендија

Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ – Скопје, распиша отворен конкурс за најдобро модно дизајнерско решение, изработено од млад/а дизајнер/ка.

Авторот или авторката на победничкиот дизајн ќе добие едногодишна школарина на Институтот.

Побараните материјали за учество на конкурсот треба да се испратат на мејл адресата izetcuriiim@yahoo.com, а конкурсот е отворен до 15 септември годинава.

„Темата на конкурсот е слободна, но треба да биде застапен некој од принципите на одржлива и одговорна мода“, посочуваат од Институтот.

Пристигнатите решенија ќе бидат оценети од стручна комисија, а победничкиот дизајн ќе биде објавен на 20 септември.

Од „Изет Цури“ нагласуваат дека кандидатите треба да имаат завршено средно училиште, а конкурсот е отворен за млади до 25 години, од земјава или странство.

„Кандидатите изработуваат проект што се состои од: мудборд за инспирацијата, колорна и текстилна карта, технички цртежи за сите дизајнирани парчиња облека (преден и заден изглед) и избоени модни илустрации, на кои се претставени изгледи од мини колекција, сочинета од 6 модни изгледи. Сиот визуелен материјал треба да биде зачуван во пдф формат, да се избегнува испраќање на поединечни слики. На првата страница треба да стојат името и презимето на авторот, називот на колекцијата, сезоната (есен/зима или пролет/лето) и годината на изработка на проектот“, се вели во распишаниот конкурс.

Дополнително, кандидатите треба да испратат објаснување на концептот на колекцијата во ворд документ, биографија и мотивационо писмо.