„Научно Истражувачки ВИ Агент“ е нова напредна апликација што ја претстави Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет, која е базирана на вештачка интелигенција и дизајнирана да помогне во процесот на истражување.
„Најважната карактеристика на оваа алатка е автоматското истражување, кое овозможува брзо и ефикасно генерирање на истражувачки прашања, методи, наоди, дискусии и завршен текст. Дополнително, апликацијата нуди промптови кои корисниците можат да ги користат за да го прилагодат истражувањето според своите специфични потреби“, соопштуваат од Институтот.
Оваа апликација е дел од проектот „Користење на вештачка интелигенција за унапредување на родовата еднаквост во академските истражувања“ и е хостирана на aigender.net (https://aigender.net).
„Проектот има за цел да истражи и имплементира користење на вештачката интелигенција (ВИ) во областа на родовата еднаквост во научното истражување. Проектот ќе ги истражи можностите и предизвиците поврзани со креирањето на ботови со ВИ кои ќе пренесуваат знаење и информации од областа на родовата еднаквост на ефикасен и ефективен начин. Исто така, креирање и одржување на онлајн платформа поддржана од технологијата на вештачката интелигенција, која ќе овозможи онлајн обуки за родови прашања во научното истражување“, се вели во соопштението.
Како предмет на истражување, велат од Институтот, проектот ќе истражи како ботовите со ВИ можат да бидат програмирани и како можат да пренесуваат знаење и информации од областа на родовата еднаквост во научното истражување.
„Истражувањето ќе ги идентификува предизвиците и можностите поврзани со креирањето на онлајн платформа за обуки во областа на родовата еднаквост“, стои во соопштението на Институтот.