Во Националната галерија, објект Мултимедијален центар „Мала станица“ утре со почеток од 20.00 часот, ќе биде отворена изложбата „Интеграција на идентитети“ од 21 автори од Северна Македонија и Бугарија. Претходно оваа изложба, која е иницирана од ликовната група уметници „Конекција“ и е продуцирана од КИЦ на РСМ во Софија, беше претставена пред културната публика во Пловдив – градот Европска престолнина на културата за 2019 година и во главниот град на Бугарија, Софија.
Ликовната група уметници „Конекција“ претходните неколку години направи изложби во речиси сите поголеми градови во Бугарија, а оваа 2019 година концептот на групната изложба се прошири со нови автори и збогати со тематска насока. По неколкугодишното заедничко делување и дружење, авторите Марјан Ѕин, Зоран Мише, Павел Целкоски, Горан Тричковски, Маријана Иванова, Перица Георгиев и Иво Пецов, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Бугарија, изразија желба за проширување на проектот, во кој се вклучија еминентни ликовни автори од двете земји. Идејата, за поврзување на творештвата на авторите од двете земји, наиде на поддршка од страна на Министерството за култура на РСМ. Во подготовките и остварувањето на проектот помогнаа кураторите од Северна Македонија и Бугарија – Горанчо Ѓорѓиевски и Свилен Стефанов.
Заедничката изложба на седум уметници иницијатори на проектот „Поврзување“, кој во случајов е надграден под насловот „Интеграција на идентитети“, седум уметници од Бугарија и седум уметници од Северна Македонија (Шќипе Мехмети, Роберт Јанкулоски, Ацо Станкоски, Беди Ибрахим, Исмет Рамиќевиќ, Атанас Ботев и Колектив Зеро – повеќето од овие уметници се значајни за промените на мислата и концептот во современата македонска уметност) за своја основна предлошка ги има комуникацијата, пријателството, разбирањето и пред се љубовта кон уметноста. Оваа изложба носи во себе редица на различности, но и сродности во авторовата мисла, во опстојување на феноменот на ликовното, без разлика од каде потекнуваат или каде го образувале своето творештво.
Претставени се делата и на уметниците кои се вреднувани како едни од најкреативните во современата бугарска уметност: Генади Гатев, Десислава Христова, Иван Ќуранов, Лилјана Караџова, Росен Тошев, двојката Nina/Vale, како и Свилен Стефанов кој е еден од кураторите на изложбата и автор на еден од текстовите во каталогот.