Овој петок (10 октомври), во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи манифестацијата Intermedia Day која ќе престави дузина уметнички форми, кои ги допираат границите на конвеционалните ликовни и музички уметности.
Напливот на технологијата во секојдневното живеење, донесе и нови платформи и медиуми за изразување на креативната инспирација на уметниците. Богатата програма предвидува: изложба, работилница, инсталација, мултимедијални перформанси, па дури и ревија на сајбер-мода. Формалниот дел ќе биде заокружен со ултимативно клабинг доживување – настапи на врвни диџејски имиња.
На фестивалот учествуваат млади, но веќе признати уметници од нашата земја и регионот (Словенија, Бугарија и Србија).
Иван Шопов е мултиталентиран уметник кој доаѓа од Софија. Академски сликар со автентичен ликовен израз, но и исклучително успешен артист на полето на електронската музика. Активен е во дури три жанра – драменбејс парчињата ги потпишува како COOH, кога прави дабстеп музика го користи името Balkansky, а техно псевдонимот му е Drumkid.
На Intermedia Day ќе одржи работилница за продукција на електронска музика, потоа ќе присуствува на отварањето на изложбата на негови графики „Светла и сенки“, за да кон крајот на вечерта настапи и со диџеј сет како COOH.
Марко Батиста е најпознатиот уметник на полето на новите медиуми во Словенија. Овој иновативен креативец, (иако по вокација ликовен уметник), има длабоко навлезено во областа на електрониката и роботиката. Изработува уреди и машини, кои потоа ги користи како инструменти за производство и манипулација на звучни и видео сигнали во живо. Резултатите на овој приод се уникатни аудио-визуелни перформанси, кои никого не оставаат рамнодушен. Во Скопје ќе се претстави со еден таков перформанс во траење од половина час – се работи за делото „Monotube“, кое својата светска премиера ја доживеа минатиот месец на познатиот фестивал за визуелна уметност „Лумина“ во Португалија.
Боб Милошевиќ е псевдонимот на еден од најдобрите визуелни уметници од Белград, кој минатата година доби низа признанија за експерименталниот филм „Peoplemeter“. Филмот го прикажува внатрешниот свет на сигналите, фреквенциите и импулсите, кои се во основата на дигиталните медиуми кои луѓето ги конзумираат. Сниман е со необични техники (микроскоп, ендоскоп и сл.) и обилува со специјални оптички ефекти.
Авторот на „Peoplemeter“, кого можете да го сретнете и под уметничкото име „Изванредни Боб“, односно Incredible Bob, во Скопје ќе присуствува на проекцијата на својот филм, а веднаш потоа – во музичкиот дел на вечерта, ќе постави автентична визуелна декорација и ќе настапи со свој виџеј сет.
Ивана Пирковска ѝ припаѓа на најмладата генерација на наши ликовни уметници. На Intermedia Day, премиерно ќе го постави триплетот инсталации „ВИЕ“, кој е логичка прогресија на нејзиниот прв самостоен проект „Виртуелизација на простор-времето“. Се работи за минималистичко концептуално дело, во кое носечка улога има играта на основните геометриски форми.
Мелани Димитровска е наша модна дизајнерка со автентичен и авангарден пристап во своите креации. Од изборот на материјалите, до самиот дизајн – нејзините дела пленат со врвна естетика базирана на минимализам, апстрактност и футуризам – своевидна сајбер-мода. Во МКЦ ќе имаме прилика да видиме промоција на нејзините модели, на начин кој и прилега на нејзините колекции – несекојдневен и луциден.
Intermedia Day ќе започне во 18 часот со работилница за продукција на електронска музика, во 20 часот е предвидено отварањето на изложбата „Светла и сенки“, а еден час потоа започнуваат аудио-визуелните перформанси.
Влезот за сите содржини е слободен.
Визуелниот идентитет на настанот го обликуваше младата графичка дизајнерка Марија Чолкова. Intermedia Day се одржува на иницијатива на Скопје Вавилон – нова форма на активизам, која веќе две години обединува креативни умови и стимулира активности за одржување и унапредување на културниот живот на Скопје.