Иако пред само два дена, дел од наставниците протестираа против лошите реформи во образованието, со акцент на екстерното тестирање, генералниот секретар на Интернационалата за образование, Фред ван Лејвен, денеска го поздрави договорот склучен помеѓу МОН и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) , со кој според него се разрешил конфликтот кој постоел.
Ван Лејвен, по средбата со министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, заменик министерот, Спиро Ристовски и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека тие ги подржуваат МОН и СОНК, кој е членка на Интернационалата за образование, да изнајдат решенија за подобрување на квалитетот на образованието во државата. Образованието, нагласи тој, е инструмент кој им помага на земјите да се развијат економски, но и демократски.
„Ние веруваме дека Македонија го има избрано вистинскиот пат за подобрување на квалитетот на образованието. Го потсетивме министерството дека за да се подобри квалитетот на образованието мора да се даде повеќе професионален простор на наставниците. Истовремено мора да им се даде на организацијата која ги претставува – СОНК, доволно простор да можат да предлагаат како образованието да се подобрува“, додаде тој.
На прашањето на Радио МОФ, да искоментира зошто е дадена оценка дека конфликтот помеѓу наставниците и министерството е решен, со оглед на тоа што пред само два дена дел од нив протестираа пред МОН, и не се согласуваат со спогодбата постигната помеѓу СОНК и МОН, туку сметаат дека реформите се лоши, Фред ван Лејвен одговори:
„Мислам дека на СОНК треба да му се даде време да ги организира состаноците, за да им објасни на своите членови за реформите. Секогаш во време на реформи е тешко сите да го сфатат ова, но ние знаеме дека голем дел од наставниците ги поддржуваат овие реформи. Знаеме дека екстерното тестирање е еден од проблемите, но знаеме дека екстерното оценување од неодамна е комплетно изменето, бидејќи беше една казна за наставниците, сега тој елемент е тргнат и е подобрено. Предложивме на МОН за подобрување на тестирањето да разгледаат и други мерки за подобрување на екстерното како „peer review“ (помош од колегите). Мислам дека во постоечкиот план има можност и да се вметне ова, што се надеваме дека понатаму ќе биде прифатено и од оние наставници кои протестираа“.
Дел од наставниците организирани во Наставнички пленум, во изминатиот период повеќе пати го осудија договорот меѓу МОН и СОНК, бидејќи според нив не се постигнати суштински промени за подобрување на квалитетот на екстерното оценување, но и образованието воопшто. Раководството на СОНК пак тогаш најави дека ќе го тужи пленумот бидејќи смета дека наставниците пласирале невистини и конструкции за синдикатот.
Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) неодамна исто така ги осуди како недоволни и половични резултатите од преговорите, оценувајќи го како грешка прекинувањето на штрајкот, со што според нив ја оневозможиле шансата за решавање на многу горливи прашања во сферата на образованието.
Едно од барањата на Средношколски пленум, кои ја бојкотираа наставата и кампуваа спроти министерството, исто така беше да се одложи екстерното оценување, додека не се подобри неговиот квалитет.
Адеми: Екстерното почна без проблеми
Првите информации од терен говорат дека екстерното оценување е почнато без проблеми, а доколку се појават некои технички проблеми ќе се надминат од страна на Државниот испитен центар и другите вклучени во процесот, изјави денеска министерот за образование и наука, Адеми.
На прашањето на Радио МОФ, зошто не беше даден одреден период за екстерното оценување да се подобри, како што бараа учениците и наставниците кои протестираа, Адеми одговори дека екстерното оценување неколку години се имплементира и „сега не може да се зборува за пилот проекти“.
„Може да зборуваме само за усовршување и подобрување и затоа сега се залагаме да се подобри системот, затоа што сега сметаме дека е потребен на образовниот систем“, рече Адеми.
За протестот на наставниците тој искоментира дека секој има право да протестира, но МОН и СОНК постигнале договор кој веќе започнал да се имплементира преку Законите за основно и средно образование.
„Предлозите веќе се доставени во Собранието, а во текстот на тие закони е тоа што е договорено со СОНК. Една од точките е дека екстерното оценување треба да постои, но дека треба да го подобриме и унапредиме“, вели Адеми.
Екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование, започна денеска и ќе трае до 10 јуни. Процесот на екстерната проверка на постигнувањата на учениците и проверка на објективноста на оценувањето на наставниците ќе опфати вкупно 183.280 ученици и 17.803 наставници.
K.O.