Краткиот филм The Cave (Пештерата) во египетско-македонска копродукција, а по сценарио и режија на египетскиот режисер Ахмед Ел Гонеими, ќе ја има својата интернационална премиера на филмскиот фестивал во Ротердам на 26 јануари. Филмот ќе биде прикажан во рамки на програмата Spectrum Shorts.
Во него се раскажува приказната е за младиот басист Адем кој оди во Каиро во обид да направи музичка кариера, но и да внесе нов живот во старото пријателство со колега од бендот Амер.
Филмот се снимаше на локации во Каиро, а македонската екипа која работеше на неговата реализација ја сочинуваа Димо Попов – директор на фотографија, Ивица Јанкуловски – тонски снимател и дизајнер на звук, Благоја Неделковски – супервизор на монтажа, Дарко Попов – продуцент, а колор корекцијата ја изработи студиото Вертиго.
По проекциите во Ротердам, на почетокот на февруари филмот има американска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Санта Барбара. Наскоро, како што најавува продуцентот ФОКУС-ПОКУС, е планирана и македонската премиера на филмот.
Филмот е дел од омнибусот Аfrican metropolis и е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија.