И покрај тоа што интернетот нуди електронски изданија, печатените книги и понатаму остануваат интересни за младата популација. Он лајн најчесто се чита англиска и американска литература, но сепак за младите што навистина сакаат да читаат, прекумерното време поминато со компјутерите не ја уништува љубовта кон пишаниот збор.
Се купува главно кога книгите се на попуст, а во делот на жанровите нема ограничувања. Историски книги, мистерии, авантури, љубовни романи, психолошки и социолошки книги, како и стручна литература…
Желбата за читање кај младите сеуште не згаснала. Поубаво е кога ја имаш книгата во раце, а од онлајн читањето болат очи, велат тие што одлучија да го посетат годинeшниот Саем на книгата.
Дека има интерес кај младите за купување книги потврдуваат и издавачите. Велат, македонската публика покажува интерес за читање, а интересен е фактот што младите се повнимателно ги одбираат насловите и авторите на книгите што ги купуваат.
Додека помладите генерации најчесто си купуваат книги по свој избор, студентите се одлучуваат за стручна литература. Изненадувачки е фактот дека голем број од младите навистина ја сакаат книгата, велат издавачите.
Ако некогаш важеше правилото дека книгата е прозорец кон светот, компјутерите полека но сигурно ги менуваат работите. Таблетите и електронските книги стануваат се поинтересни за младите луѓе.
Сепак ако пред десетина години бевме уверени дека витруелниот целосно ќе го замени пишаниот збор, времето покажа дека книгите остануваат барани од младите луѓе. Младите во Македонија читаат и навистина сакаат да купуваат книги, посебно кога има добар попуст.
Добринка Темелкова