Медиумските организации се обидуваат на најразлични начини да ги натераат читателите да платат за содржината, но од американското списание „Салон“ избрале многу необичен начин да го направат тоа.
Доколку читателот избере да ги блокира рекламите, списанието ќе го искористи неговиот компјутер за да ја „копа“ криптовалутата Монтеро, слична на биткоинот, пишува ББЦ.
Создавањето нови криптовалути бара комплексни математички калкулации кои одземаат многу компјутерска моќ.
„Нашата намера е да користиме мал процент од вашата неискористена процесорска сила за да придонесеме за напредок на технолошките пронајдоци, еволуцијата и иновацијата“, посочува „Салон“ на своите читатели.
Интернет-страницата се служи со „CoinHive“, контроверзна алатка за копање која пред некое време беше користена за напад на владини веб-сајтови во Велика Британија, САД и на други места. Сепак, наместо инцидентите, каде хакери преземаа контрола на компјутерите за да копаат криптовалути, „Салон“ ги известува своите корисници и бара нивна согласност пред да ја користи алатката.
„Прифатив да бидам дел од новиот модел за приходи на „Салон“. Сега 100% од мојот процесор се користи од нив за копање на криптовалути. Како што мојот компјутер забавува и се загрева, така станува тешко да се навигира нивниот веб-сајт“, вели безбедносниот истражувач Трој Мурч.
Идејата е да се користи компјутерот на посетителот додека тој се наоѓа на интернет-страната на списанието. Откако ќе се согласи, неговиот компјутер веднаш се става во акција. Читателите можат да слушнат како вентилаторите почнуваат да работат засилено, а тоа значи и трошење повеќе електрична енергија.
Во делот на често поставувани прашања на нивната страница, „Салон“ вели дека идејата е дел од тест-период.
„За нашата тест програма ќе започнеме да ја користиме вашата процесорска моќ да копаме криптовалути за да ја надоместиме загубената добивка од вашето користење на блокатор на реклами. Планираме понатамошно искористување на секое сознание за да помогнеме во поддршка на еволуцијата и растот на „блок-чејн“ технологијата, дигиталните валути и други начини за подобро вреднување на размената на содржини и придонесот на корисниците“, соопштува компанијата.
Голем број интернет корисници одлучиле да имаат софтвер за блокирање на рекламите кои се појавуваат на страниците. Сепак, за многу компании, рекламирањето е единствениот начин за заработка од читателите.
Неколку публикации експериментирале со решенија за овој проблем. Најуспешниот е плаќање за пристап до содржините, или системи во кои по одреден број на отворени содржини корисникот мора да плати за да продолжи со читање.
Сајтот „Вајред“ (Wired) предвидува дека околу 20% од нивните читатели пристапуваат на нивниот сајт преку блокатор за реклами, па тие им ги ограничуваат бројот на содржини достапни за читање доколку сајтот не биде ставен на листата на дозволени страници во софтверот за блокирање.