Интернет радиото Баладна ФМ сака на своите слушатели да им обезбеди надеж сред крвавата граѓанска војна што се случува во Сирија. Ова радио известува за секојдневниот живот во сириските градови и сака да ги потсети луѓето дека постои живот без насилство.
Хакерите уште еднаш успеаја – влегоа во внатрешната базата на податоци на интернет радио Баладна ФМ и ја уништија целата архива: музика, извештаи, приказни.„Моравме да почнеме од нула“, вели Монис Букари, 35-годишниот основач на радио-станицата. Ова искуство е поучно за креаторите на програмата на Баладна ФМ – сега се работи на серверот, кој копии од содржината веднаш ги префрлува на дополнителен хард диск. На овој начин, соработниците и откако хакерите ќе нападнат, ќе можат да пристапат до копијата на системот. А нападите се случуваат редовно.
Централата на ова интернет радио е сместена во зграда во јорданскиот главен град Аман. Тука живее Монис Букари со неговата сопруга и шестгодишната ќерка. Од својот компјутер, тој ја координира работата на стотина новинари, кои доброволно работат во радиото. Тие живеат во Сирија, Аман, како и во Амстердам и испраќаат прилози, од кои Монис Букари прави радиопрограма.
Во Сирија често снемува електрична енергија и интернет конекција, па новинарите понекогаш треба да патуваат 100 километри за да ги достават своите прилози, вели Букари. Станицата „Баладна“ – во превод „нашата земја“ ги носи приказните од секојдневниот живот во земјата, која граѓанска војна полека, но сигурно, ја уништува. Дури и за времето на Рамазан, „светиот месец“, на многу места сé уште траат борбите. Како луѓето во Дамаск, Алепо и Хомс ги поминуваат нивните денови?
Букари и неговите колеги сакаат да одговорат на тоа прашање. Ситуацијата за многу луѓе во Сирија и понатаму е поразувачка: според податоците на ОН, повеќе од седум милиони луѓе се зависни од хуманитарната помош, а речиси половина од нив се деца.
Темите на Баладна ФМ се движат од воружениот криминал до соочување со менталната траума и воспитување на децата. Правата на жените се, исто така, важна тема. Една соработничка на радиото редовно известува за нејзиното искуство со дискриминацијата во Сирија. Нејзиното име не се споменува никаде, затоа што таа сака да остане анонимна.
„Жените се невидливи во нашето општество“, вели Букари. „Етаблираните медиуми не ги ни споменуваат. Ние зборуваме за нивните проблеми, потреби и искуства“. „На Баладна ФМ не можат да се слушнат вести“, вели германскиот новинар Кај Шехтеле. Наместо тоа, ова интернет радио нуди различни мислења и забелешки на доброволните соработници.
Многу е опасно да се биде новинар на Баладна ФМ радиото. Соработниците на програмата, поради нивниот ангажман, веќе се казнети. Еден од нив дури е и убиен. Монис Букари е сигурен дека неговото убиство е поврзано со работата во Баладна ФМ. „За сите нас тоа беше лош ден“, вели тој со тажен глас. „Но, ние веруваме во нашиот проект. Ние сме еден од ретките јавни гласови на Сирија, кој сака да стави крај на насилството. Сака да ги потсети луѓето дека постои живот без насилство“.
Програмата на ова радио е забранета во Сирија, па корисниците мора да користат трикови, за да можат да го слушаат. Содржините дневно и понатаму ги препорачуваат повеќе од 10.000 корисници. Корисниците се млади, обично, помеѓу 20 и 35 години, кои се главно од Сирија и Саудиска Арабија.
Успехот на радиото привлече непријатели. Зад хакерските напади стои група, која, најверојатно, е сочинета од симпатизерите на режимот на Асад. Организацијата се нарекува себеси „сириска електронска армија“ (С.Е.А), а нејзината цел е да се укине делувањето на приврзаниците на опозицијата на интернет. Според проценките на иницијативата „ОпенНет“, кој го открива надзорот и филтрирањето на содржините на интернет, оваа група има над 100.000 хакери. Американсиот весник „International herald tribune“ во јуни пренесе дека нападите се извршени делумно од руски сервери. Во минатото, цели на хакерски напади на С.E.A. беа западните медиуми – последниот во серијата хакерски напади беше врз американскиот „Financial times“.
Moнис Букари и порано имал работа со хакерите – во 2011-та тој морал да ја напушти земјата, бидејќи режимот верувал дека работи како шпион за западните земји. Букари потоа работел како фоторепортер. По бегството, хакерите го блокирале неговиот личен веб-сајт, како и профилот на Фејсбук. Иако тој сака да се врати во Сирија, тоа е премногу опасно. Работата која ја врши во Аман, ја разбира како придонес кон подобра иднина за својата земја. „Сакам мојата мала ќерка еден ден да живее во подобра Сирија“, вели тој.
Извор: DW/mkrevolucija.com