[Интервју] Александар Коциќ: Преиспитувај се’ што гледаш онлајн, вдиши длабоко, па потоа кликни „сподели“

Александар Коциќ е професор по новинарство на Универзитетот Напиер во Единбург. Aктивен e уште и како новинар во информативната редакција на британското радио „Би-Би-Си“.

Со Коциќ се сретнавме на завршната конференција за медиумска писменост на Високата школа за новинарство и за односи со јавност, одржана во „Холидеј ин“. Таму имаше своја презентација за лажни вести, а го пренесе и шкотското искуство за медиумската писменост. Веднаш прифати интервју.

Во разговор со Радио МОФ зборуваше за предавањата со средношколци, влијанието на неетичките и манипулативни содржини и за регулациските процеси во онлајн просторот. Според него, секој млад човек треба да преиспитува се’ што гледа на интернет. Треба да почека десет секунди, размисли убаво, да вдиши длабоко, па потоа да кликне на копчето „share“ (сподели).

Зошто им се потребни на младите обуки за медиумска писменост?

Можеби и не им се потребни?! Но, лично верувам во основното начело на демократското општество – добро информиран граѓанин е моќен граѓанин. Ако граѓаните не се добро информирани, демократијата и понатаму ќе функционира, меѓутоа тоа е слаба демократија, слабо општество. Така што, моја основна појдовна точка е дека нас ни требаат добро информирани граѓани, па на таа основа може да носат одлуки кога ќе излезат на гласачкото место, но и меѓу изборите, да може да ги преиспитуваат одлуките на властите, да ги образложуваат, да разбираат како влијаат политичките одлуки врз нивниот живот.

Тоа е основната зошто е важно да ги едуцирам младите луѓе за лажните вести, како да ги препознаат и ние како општество како да се бориме против нив. Ако мислиме дека не ни требаат информирани граѓани, тогаш не ни требаат ниту обуки.

Доколку изоставува политичка волја, порачавте граѓаните самите да дејствуваат. Но, колку е тоа доволно? Бидејќи, доаѓаме во ситуација кога организации преку проекти и обуки ја туркаат медиумската писменост, медиуми известуваат за етичко новинарство, но политичарите како да не ги следат чекорите. Како медиумската писменост да не остане „заглавена“ во неформалната сфера, туку да влезе и во образовниот систем?   

Околу оваа тема сум идеалист. Можеби и наивен. Еве, да поставиме прашање – зошто нема политичка волја? Може затоа што на политичарите тоа прашање не им е важно, или пак, ако одиме уште подалеку, затоа што можеби им одговара да не бидеме добро информирани граѓани?!

Така што, граѓанскиот сектор треба да покрене иницијатива. Со мали проекти, ваму и таму, да се демонстрира на властите дека можеме, дека постои потреба, постои побарувачка – затоа да помогнат. Па, евентуално, со време, ќе стигнеме до точка кога медиумската писменост ќе биде институционализирана. Ќе се работи на систематско ниво, затоа што ќе заклучиме дека е во наш интерес, на целото општество. Но, во млади демократии како Македонија, не треба премногу да се потпираме на политичарите. Сепак, ми се чини, во нашите земји се уште е присутен оној инстинкт дека „се’ треба државата да реши“. Нема!

Алекдандар Коциќ на конференцијата „Медиумската писменост во образованието – предуслов за учество на младите во општествените и политичките процеси во Македонија“; Фото: Висока школа за новинарство и за односи со јавност

Околу одговорноста во онлајн просторот. Ако земеме дека сите се медиуми, Твитер, Фејсбук, портали, блогови итн., младиот човек ретко знае дека секој еден негов збор, таму некаде прави „домино ефект“ – влијае врз некој настан, личност, став. Освен саморегулацијата во онлajн заедницата, кога човек корегира човек, потребни ли се некакви дополнителни етички механизами, за да не излезе ситуацијата од контрола?

Не само младите граѓани, туку малку луѓе од сите генерации знаат што зборувате, или за „домино ефект“, или како се зголемува една лага. Најдрастичен пример е оној со Хилари Клинтон и „педофилијата“, кога човек со пушка влета во пицерија во Вашингтон (мислејќи дека ресторанот е поврзан со онлајн заговори за „злоупотреби на деца“ н.з.), па некој можеше да настрада.

Ова е генерален проблем, за сите нас. Ако чекаме од гигантите, социјалните мрежи, Фејсбук, Гугл и сл., тие да направат нешто,  тогаш ќе се изначекаме! Нивен интерес е т.н. „traffic“ (сообраќај). Што повеќе да се клика. Бидејќи, тука се за парите. И тоа е сосема во ред. Поради тоа, наивно е да очекуваме нешто да направат по ова прашање, а се’ што досега правеа е шминка. Мачкање очи за да изгледа дека нешто прават.

Одговорните власти мораат да преземат чекори, да ги притиснат. Со оглед дека се глобални компании, чекорите треба да бидат на глобално ниво. Ништо не може да направи една македонска влада. Или британска. Сеедно. Практично консумираме вести од целиот свет. Но, политичарите во овој поглед мора да покренат иницијатива. Да соработуваат, а не да војуваат со тие фирми. Мора нешто да правиме! Бидејќи, денес, на сите нас интернетот ни е најголем извор на информации.

Знаете, работам на четвртиот канал на британското радио. „Би-Би-Си 4“ е најголемата и најслушана радио станица во земјата. Просечната старост на слушатели е 55+ години, па според возраста ги бираме темите, итн. Но, интернетот е тешко да го контролираме, освен ако не сте Кина, но претпоставувам дека не сакаме да бидеме Кина. Затоа, да вршиме притисок врз политичарите подобро да се организираат, да помогнат да бидеме подобро информирани граѓани.

Фото: Висока школа за новинарство и за односи со јавност

По конференции се начнува прашањето за начини на регулација на дигиталната зона, низ призма на некакви етички механизами и критериуми за медиумите. Постојат поделени мислења, но колку воопшто етиката значи ретерирање од нашите заложби за слобода на информирање и изразување?

Тенка е границата меѓу етика и цензура. Се сложувам. Добар модел, односно пристап по кој треба да се оди, е оној на јавните сервиси во електронските сектори, радио и ТВ. Пример, „Би-Би-Си“ применува исти правила на својот веб-сајт, како што применува и за своето радио и ТВ.

Тоа е моделот кој треба да се прошири низ останатите медиумски играчи. Оттука и во некој момент пазарот, кој во одредени моменти покажува дека цени квалитетна и проверена информација, ќе продолжи во таа насока. Повеќето нации се свесни што се’ се случи на запад, свесни сме на опасностите што ни претстојат. Таквиот тренд може да продолжи. Од друга страна, гледаме дека лажните вести не се само мали проекти на студенти од Велес за да направат брзи пари, туку се и големи проекти, зад кои некаде стојат и огромни организации, како што е Путиновата тајна служба итн.

За крај, да се вратиме на почеток. Што би им препорачале на младите, кои секојдневно „висат“ на интернет?

Преиспитувајте се’ што гледате. И никако не кликај на „share“ (сподели), пред да размислиш дали е тоа вистина што го читаш. А, лесно се проверува дали е точно или неточно. Не треба да бидеме некакви гении или техничари. Доволни се неколку едноставни чекори. Но, да не прифаќаат ништо автоматски. Малку да почекаат. Проблем е што на социјалните мрежи, сите ние, многу брзо кликаме „share“ или „retweet“. Почекај десет секунди, вдиши длабоко, па потоа „share“.

Бојан Шашевски      

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.