[Интервју] „Алембик“: Синтеза меѓу природата и технологијата

И денот се раѓа и умира во крв,
наутро блеска на исток како новороденче.
Небото ја носи бојата на неговиот лик,
а часовите ги носат неговите години.
Навечер сонцето се дави во сопствената крв и умира,
небото облекува црнина и пали илјадници свеќи за неговата душа.
Сенките, со погледи свртени нагоре, чекаат да се роди повторно од сопствената пепел.
//
Течејќи, водата менува форми.
Противтежата победува:
се празни, се полни.
Без причина и порив,
без зашто, без како.
Цветот го јаде црвот,
гората гори
од првото дрво семето ‘рти.
Една камена грутка
и одбива и привлекува –
Сепак се врти.

„Сепак се врти, сепак се врти, сепак се врти….“. Овој Галилеовски рефрен уште ми одѕвонува во глава откако го изгледав спотот за темата „Dynamo“ на македонското дуо „Алембик“. Го слушав „на рипит“. Спотот е еден огромен колаж на видео записи од архивата на МРТВ, под режисерска палка на Дејан Јованов. И можеби е една од највпечатливите аудио-видео спојки што излегоа во 2021 година.

„Ова е песна за вртењето – на светот, рингишпилот, плочата и слични кружни или тркалезни нешта“, рекоа од „Алембик“ кога излезе спотот.

Песната значеше само мал фрагмент од нивниот свет, барем за оние што не ги слушаа настапите во „Амок радио“ и „Центар-Јадро“, или не им отидоа на концерт на „Млади за Скопје“ или на „Добра идеја фестивал“. На последниов свиреа на платото пред МКЦ. Некаде крај на септември, веќе доцно лето, почна ладничко надвор, ама аудиториумот будно следеше и патуваше со „Алембик“.

Со пријатели се обидувавме да ги „дефинираме“. Имаше нешто посебно во парот Ива Дамјановски и Виктор Танасковски. Магично и авангардно. Прво како физичка појава, дали можеби се излезени од некоја есенска прошетка од филм на Вуди Ален, друг спомена дека се како ликови од дело на Вес Андерсон, трет дека се етерично домашно олицетворение на дуото „Dead Can Dance“, истовремено имајќи во себе некаков француски или италијански сензибилитет и доза на фрагилност и поетичност, што оддава впечаток на дуо искрено втурнато да прави уметност, и живее уметност.

Но, секој обид за дефиниција беше непотребен. Вишок. Бидејќи „Алембик“ не претендираат да бидат калапени ниту во музичка смисла. Ќе најдете нешто амбиентално, електронско, или дарквејв, рокерско, психоделично, или џезерско…? Не се жанрофоби. Нивната музика сама по себе е оригинална, храбра. Музиката треба да се слушне и доживее. Без задршка и претпоставки.

„Музиката е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку (алхемиска) игра со музичките елементи. Оттука е и идејата позади името“, често ќе каже дуото „Алембик“.

Фото: Филип Ефински

Со Ива и Виктор одамна сакам да направам интервју. Ама, одложував. Не знам зошто. Па, сега конечно им пишав додека сум дома, изолиран поради ковид. Предложив разговор по „Зум“. Веднаш прифатија. Сега кога имаат спремно албум откако го презентираа и на свирка во Белград, во алтернативниот уметнички простор „Квака 22“. Таму настапуваа крај на декември, додека Виктор моментално студира во Белград, а Ива музикологија во Италија.

„Бев на поетско читање во местото. Имаат ‘окупирано’ зграда што порано била на воениот оркестар, ја користеле за проби и за сервис на инструментите. Но, сега веќе никој не ја користи и дечките ја имаат претворено во културен центар. Имаат убава биничка, се прават проекции на филмови, се организираат разни настани. Дури имаат направено и музеј со предметите оставени на локацијата. Многу интересно место! И, одма се запознав со дечките и договоривме свирка, бидејќи секако планот беше Ива да дојде до Белград, па заедно да одиме назад до Македонија. Навистина убаво излезе, публиката имаше супер реакција“, посочува Виктор на почетокот од нашата видео комуникација.

Всушност, се работело за хуманитарен настан. Продажна изложба, а дел од програмата вклучувала поетско читање од глумци, уметници и општо поети од белградска сцена.

„И, тука беше нашата свирка, за која имаше посебна влезница, средства донирани во хуманитарни цели за Лука Курјачки (млад сценарист). Тој, за жал почина (пред само неколку денови од тумор на мозок). Требаше да се испрати на лекување во Јапонија, па повеќе пријатели солидарно се собраа за него“, се надоврзува Ива.

Приказни од алхемиската соба на „Алембик“

Виктор во „Алембик“ обично е задолжен за електричниот и акустичен гитарски инструментариум, за мандола и вокал, додека Ива за клавијатури, уникатниот теремин и вокал. Виктор луѓе го знаат како музичар од бендот „Minstrel’s Gallery“, а Ива е музичарка-поетеса што во 2020 за книгата „Двоумење“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“.

Токму поезијата наоѓа голем удел во „Алембик“. Се провлекува низ целиот истоимен албум што наскоро треба да излезе.

„Сакавме текстовите да не бидат празни, туку да кажуваат нешто заедничко со музиката. Колку што е идејно вложено во музиката, да биде вложено и во зборовите“, потенцира Ива.

Фото: Ива Дамјановски

Стартувале спонтано, без идеја дека делата ќе прераснат во албум. Едноставно, заедно почнале да прават музика, а потоа полека се изградил концептот за судирот и синтезата на природата и технологијата.

„Приказната се случи со ‘Алба Верде’ (Alba Verde), првата трака. На некој начин, се сврза албумот да почне со ‘зелената зора’ и да заврши со ‘Curfew Sunset’. Долго време немавме видено зајдисонце поради полицискиот час што се случуваше пред зајдисонце, во лето. И во суштина, го направивме многу стихијно, работејќи на сите музички идеи. Сите оние експерименти и музички идеи што сме сакале да ги пробаме – ги пробавме во албумот. Тоа резултираше со албум што има толку жанрови колку што има песни. А, приказната околу технологијата и природата, некако се согласивме дека тоа е релевантен конфликт и го приметивме низ нашиот музички процес“, објаснува Ива.

На пример, вели таа, имаат песна каде имитираат звуци на птици, или од китови, кои звучат како од природата, иако се вештачки генерирани. Ги создаваат и преку теремин, гитара, или пак преку мандолата на Виктор, која практично ја свири на фонија.

„Тоа е многу актуелно… Да се стигне до синтеза, каде технологијата наместо да помага во уништување на природата и планетата и се’ она што е моментално актуелно за еколошките проблеми, да и оддава чест на природата, да биде во нејзина корист, да прави уметност посветена на неа, користејќи го она што сме го постигнале од технолошки аспект. Не да бидат спротиставени, туку да работат еден за друг во некоја убава синтеза“, потенцира Ива.

Виктор се надоврзува на „обратниот процес“. Пример, вели тој, песната „Азра“ е искомпонирана од неговата мачка, која често се качува и шета по клавијатурите.

Фото: Ива Дамјановски

„Ми беше интересно, смешно на почеток, ја снимав со телефон. Па, од тие клипчиња Ива извлече неколку музички мотиви кои мачката ги ‘отсвири’ и ја напиша таа клавирска фуга. Во неа конкретно е снимен клавирот како ‘prepared piano’, така се вика кога во жиците се ставаат разни ланци, листови хартија и сл. Снимката од таа песна ја објавивме пред извесно време. Крајниот, студиски дел, таму мачката свири. Мачката е снимена аудио“, вели Виктор.

„Мачката е впишана како автор и изведувач на таа трака. Бидејќи, тука го предизвикуваме и концептот на авторство. Зошто автор и уметник мора да биде само човек?!“, прашува Ива.

Сето тоа се вклопило во приказната, без форсирање. Генерално целиот процес за компонирање бил голем експеримент, но и школа. Откривале работи врзани со композиција, студиска работа, продукција. Дури и со конструкција на микрофони.

„Имаме песна што oд германски се преведува ‘Коњите не јадат краставица салата’. Тоа е првата реченица преку некој ран обид за телефон, пред телефонот на Александар Бел. Филип Рајс го има измислено и таа е првата пренесена реченица. Јас пробав да направам нешто слично, со мини од молив да функционира како телефон и да ја снимиме таа иста реченица, како еден омаж. А песната на некој начин прозвуче како тип на ‘Крафтверк’ музика и се поклопи со ‘германското’“, се присетува низ смеа Виктор.

Нуркање низ архиви

Освен мачката како „таинствениот трет член на составот“, во албумот гостуваат Филип Ефински и Емил Спиркоски. Исто така, вако важен дел го споменуваат и режисерот и монтажер на спотот за „Dynamo“, Дејан Јованов. Тој го склопил целиот тој колаж од снимки од архивата на МРТВ, каде откриле вистински бисери меѓу видео материјалите и одлични кинематографски решенија, но и духот на некои други времиња.

Идејата била на Дејан, а видеата ги нашол објавени на извесен „Јутјуб“ канал.

„Некој веројатно ги имал дома на видеокасета, можеби 90-ти, или некој што работел во МРТВ… Не знаеме точно. Но, добив контакт од вработени во МРТВ, се јавив, бидејќи сакавме да бидеме чесни, да знаеме дека не крадеме туѓи авторски права. Ми кажаа како се прави тоа, до колку секунди смееш легално да искористиш инсерт и сл. И, жените сами ми рекоа: ‘Луѓе, наша вина е што МТВ ги нема ставено достапни за јавност. Така да, кој и да ги ставил на Јутјуб – алал да му е!’“, раскажува Виктор.

Според него, самиот спот прави да се подзамислиш како оставаме да пропаѓаат такви вредни работи.

„Тоа е апликативно на секоја сфера во живеењето. Од архитектонска, уметничка, политичка гледна точка, се’ што ни е оставено на користење – го запоставуваме“, вели Виктор.

Проблемот со архивирањето не е тајна во Македонија. Не е само во архивирањето на видеа, тука се книги, документи, или пак дигитализација на архивите на медиумите, чии вести, интервјуа, теми ги снемува. Моментуми и податоци што имаат историска важност.

„Овој семестар (во Италија) се занимаваме со архивистика. И, работам со манускрипти од 13-14 век… Имаат зачувано стара архива. Ги имаат манускриптите, оригинални учебници што учеле студенти. Ние ги анализираме. Актуелна е темата како правилно да се дигитализира архивата, тоа е процес во сите библиотеки во Италија. Мислам дека само треба да се работи на случајот. Не е толку поврзано со средства, туку државата да се сети, да седне и да го направи“, потенцира Ива.

Фото: Игор Аврамовски

Во поглед на архива на музика и артисти, кај нас Тошо Филиповски изминативе години макотрпно работи како хроничар, прави монографии, енциклопедии и рок-времеплови, па Ива вели дека можеби би било убаво да му се овозможи да има свој тим, а целиот тој труд потоа да биде пошироко меѓународно достапен.

Патување низ културa и за култура  

Дуото „Алембик“, освен како музички артисти, често се публика и реципиенти на други настани од домашната културна сцена, како поддршка. Следат според можности, преслушуваат сè што е ново, а во последно време се импресионирани од бенд како „Луфтанза“ и целиот тој колектив што создава и одделни музички проекти.

Генерално за културната сцена, Виктор веќе кажа дека таа треба да се развива спонтано, органски, а да не биде исфорсирана, за да има ефект.

„Треба да се развие некоја индивидуалност, а сепак да биде како заедничко движење. Некако повеќе да се дисперзира, да има повеќе случувања на различни места, не само кафулиња, или да не биде само МКЦ, да се користат и различни локали за авторска музика. Мислам дека тоа недостасува. И, да се прават и надвор (outdoor). Да се размислува на целиот простор што е на располагање. Тоа беше поентата и на фестивалот што го правевме – ‘Синестетика’“, вели тој.

„Синестетика“ се случуваше на падините на Водно, кај Жданец. Годинава пак сакаат да го организираат. Името доаѓа од самиот микс на различни уметности и жанрови. Во програмата гледале да има класична музика, џез, рок, метал, панк… Ива тогаш свиреше на стартот, прв пат на теремин од Горан Трајкоски, заедно со колешка.

„’Синестетика’ произлезе од самиот концепт. А, самото тоа што беше во природа, на некој начин беше ‘statement’ спрема институциите што не се залагаат за култура. Дека, можеме и вака“, забележува Виктор.

„Синестетика“, фото: Александар Чокревски

Ива смета дека за развој на културата не е потребна само помош од градот, државата, туку прво да постои волја од луѓето. Уметноста е неопходна, потенцира таа, но во услови на криза, како пандемиската, здравството и егзистенцијалните проблеми се примарни.

„Реалноста е дека уметноста е нешто што доаѓа откако го имаш изедено лебот. Јас како музичар сметам дека е неопходна во животот на луѓето. Нели, оној познатиот став од ‘Dead Poets Society’ (‘Mедицина, право, бизнис, инженерство: тоа се благородни определби и неопходни за одржување на животот. Но, поезијата, убавината, романсата, љубовта… за тоа остануваме живи’). Сепак, мислам дека повеќе недостасува волја, отколку што недостасува буџетска помош“, потенцира таа.

Тоа што бендовите и артистите си даваат меѓусебна поддрша е добро, но, штета е што често останува само на тоа, посочува Виктор. Дополнително, вели тој, луѓето се навикнати на нешто лесно и познато, затоа и постојат толку многу кавери.

„Не дека имам нешто против тоа, и самиот сум свирел доволно кавер. Но, некако позадината е леснотија, сигурност. Поголемиот дел од публиката им е позгодно да излезе на кавер свирка и ќе ги знае песните што ќе ги чуе, па не треба да си го ‘мачи’ мозокот. Без ризик, без истражување. Многу музичари и професионално се занимаваат со кавери. Што, мислам дека одзема на креативност и уметност. Затоа на албумот ќе имаме песна базирана на многу стандардна прогресија во секаков вид на популарна и современа музика. Прогресијата ‘A mol, F dur, C dur, G dur’ ја испревртевме, искористивме различни цитати од песни и ја направивме ‘салата’. Песната се вика ’Never judge a song by it’s cover’, како некој наш statement (став)“, посочува Виктор.

Што понатаму?

За деби албумот, дуото „Алембик“ вели дека е 99% готов со снимање, микс и мастер, а ќе има официјална промоција веројатно на концерт на лето. Тогаш ќе бидат вратени од студиите, а на настанот ќе може да се купи на носач на звук. Не планираат да биде објавен на „Спотифај“ или „Јутјуб“ пред продажба на плочите.

Фото: Ива Дамјановски

„Меѓувреме договараме други настани, концерти, планови за спот и следен сингл. И, на страна Ива со свој музички проект, и јас со мој. Планираме нешто и со гитаристот Филип Ефински, имавме настапувано 2-3 пати, чисто свиревме импровизации. Тој проект го викаме ‘Импрув’. Планиравме и еден таков албум да снимиме. Со ‘Minstrel’s Gallery’, пак, наскоро ќе спремаме трет албум. Така да, има доста работа“, констатира Виктор.

Бојан Шашевски