Оваа година за прв пат се одржува алтернативно културно лето во Охрид, кое е во организација на Kултуролошката иницијатива „5 до 12“. Идејата доаѓа од помислата да се подигне културната свест кај граѓаните и да се оствари поголема интеракција со туристите кои престојуваат во периодот на летото. Целта е да се даде една важност и акцент на она што го прават младите во Охрид. Од иницијативата велат дека овој настан е различен затоа што е несекојдневен и е достапен за сите. Поразговаравме со Јован Цветкоски кој е дел од иницијативата.
Чија е идејата и од каде започна иницијативата и идејата за Алтернативно културно лето?
– Идејата ја имав веќе подолго време, но недостасуваше некој краен чекор и вистинските луѓе со кои треба да се почне проектот. Целата работа започна од еден разговор со Сашо Митан за меѓусебна соработка помеѓу НАТГ „Аматер“ и Супер Радио, за нешто креативно и нешто кое ќе биде претставено пред охриѓани овој летен период, а ќе биде работено со многу млади луѓе.
Која е целта што сакате да ја постигнете преку Алтернативно културно лето?
– Целта што сакаме да ја постигнеме преку оваа иницијатива се состои во самата идеја, да се претстават голем дел артисти, млади креативци, таленти во најактивниот период во годината и да се даде една важност и акцент на тоа што го правиме ние младите во Охрид и дека е квалитетно и дека тоа треба да се следи и негува. Бидејќи ние утре треба да го претставуваме градот и да го белиме образот, а на најкултурниот под „дифолт“ град во Македонија и пошироко, му треба уште многу работа за да стигнеме до посакуваното ниво. Затоа и започнавме со оваа културолошка иницијатива.
Колку беше тешко да се соберат и организираат луѓето, кој се е вклучен, и како ја правите селекцијата што е алтернативно, а што не?
– Па, тешко е да се организира, не е лесно во никој случај, но кога има иницијатива, кога има ентузијазам и добра соработка, се стигнува до еден посакуван резултат, мора да се почне од некаде. Ова е прва година на КИ „5 до 12“, како што викаме ова е пилот верзија, па доколку прерасне во традиција и самото искуство од оваа година, ќе се преточи во наредната, и работите автоматски ќе станат полесни и веќе ќе знаеме на што сме. Како сржта на иницијативата би издвоил неколку луѓе конкретно: Јован Цветкоски, Сашо Митан, Реџи Рулс, Јаков Јованоски и Ристе Лекоски и секако сите кои што ќе учествуваат и другите кои ќе помагаат, волонтерите, и нашите пријатели и секако тимот на Супер Радио.
Селекцијата на што е алтернативно, а што не, се прави некако по природен пат. Бидејќи, најчесто тоа се млади луѓе кои не премногу имале „сцена“ и простор за да се претстават, или да им се даде некое вистинско значење и внимание и поддршка на тоа што го прават, самото тоа ги прави алтернативни, несекојдневни.
Зошто 5 до 12?
-Идејата за името 5 до 12, е тоа што кај нас сите работи се прават 5 до 12, а не треба да чекамево последен момент да преземеме нешто, затоа и се вика иницијатива, а културолошка, бидејќи сме во таа сфера и најчесто таму работите секогаш се прават 5 до 12, иако тоа може да важи за секоја област во Македонија…
Што различно ќе понуди Алтернативното културно лето?
Различно е тоа што нема да биде нешто секојдневно, нема да се истиот тип на настани и луѓе кои се секогаш во центарот и тоа што е една опуштена варијанта, достапна за сите, и бесплатна.
Што беше најтешко во текот на организацијата, околу што најмногу се ‘испотивте’?
-Па околу организацијата, се’ е предизвик, се’ потиме околу многу работи, особено дека е лето, а исто така се работи за долг период, речиси 2 месеца, до крајот на август и со многу луѓе договарање, на секој да му се погоди датумот, местото, времето, кои што зависат од многу работи, но ете некако полека почнуваме да ги редеме коцките и секако дека додека не заврши летото ќе се потиме.
Дали недостигаше едно вакво здружување на веќе постоечки настани и нови настани со цел развивање на културната сцена во градот? Што по завршување на летото?
-Секако дека фалеше, ова е еден мал дел, навидум мала иницијатива, која се надевам дека ќе придонесе барем малку, да се стави прстот на главата и да се запрашаме за многу работи, и ние обичните граѓани кој е нашиот однос кон културата, а исто така и луѓето кои се директно вклучени и се одговорни за сето тоа. По завршување на летото, ќе земеме длабоко воздух, ќе анализираме тоа што сме го направиле, што беше добро, што не чинеше и треба да се подобри, и ќе влеземе во нови предизвици.
Дали мислите дека има простор за ваков склоп на настани какви што се организирани на алтернативно културно лето преку зима? Што е со останатите периоди?
-Секако дека има простор за овој проект да се прошири и во другите периоди од годината, не само преку лето, но тоа беше првичната идеја, да биде на лето во „шпицот“ на годината, во двата најактивни месеци во Охрид, јули и август, бидејќи тогаш ќе биде неизбежно за луѓето да го видат нештото, а особено и туристите да видат со што овие млади, креативни, талентирани луѓе можат да се претстават. А секако дека преку година иницијативата 5 до 12 ќе се вклучува во проекти и соработки и ќе помога секаде каде што може и колку што може.
Дали иницијативата работи на некои други проекти освен алтернативното културно лето?
-Засега иницијативата е целосно фокусирана на алтернативното културно лето, бидејќи и во овој проект се вклучени многу проекти, а оваа е прва година, и со самото тоа ова е доста амбициозен проект. А секако дека и други идеи се во план, но одиме чекор по чекор.
Промоција на песнарка и „Jam Session“ во чест на Андреј Лаброски
Веќе во вторник, во склоп на иницијативата се одржува промоција на песнарката „Охридски музички бисерник – староградски песни“, каде ќе бидат преставени 66-те композиции кои ги мелографирал Андреј Лаброски, а кои воедно претставуваат негово животно дело. После промоцијата од 21 часот во „Кадмо бар“ стартува Jam Session во чест на Андреј Лаброски.
„Ова е единствено дело од ваков карактер, не само во охридскиот регион туку и во Македонија. Издавањето на ова дело е од големо значење, бидејќи покрај тоа што претставува една монографија за охридската староградска песна. Ова е и учебник за идните генерации да можат да изучуваат и пренесуваат охридската песна понатаму низ генерациите“ вели Христијан Томевски од Ансамбл „Билјана јуниор“.
Томевски додава дека главната цел на Андреј, чија прерана смрт е загуба за сите, била зачувувањето и унапредувањето на охридската староградска песна.
„За жал ова беше само почеток од она што сакаше да го направи, но и она што го остави е навистина едно монументално дело за македонската народна музика“ додава Томевски.
Целата програма на Алтернативно културно лето може да се следи ТУКА.
Мартин Колоски
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.