„Една дружина постари дами и господа секојдневно ужива во културните настани во Скопје, изложби, концерти, поетски читања и промоции каде што се служи бесплатна храна и по некоја чаша вино. Овие луѓе редовно комуницираат меѓусебно и заедно прават распоред за настаните во престојниот ден. Кога општествениот прекор се претвора во закана за нивната забава тие сфаќаат дека она што го прават им значи повеќе од што си мислеле“.
Вака гласи описот за документарниот филм „Господата од современа“ (Consuming contemporary), кој минатиот петок имаше своја проекција во кафулето „Котур“.
Радио МОФ разговараше со режисерката Ана Алексовска за процесот на снимањето на филмот, препознатливите скопски легенди и нивниот автентичен начин на живот.
Алексовска објаснува дека начинот на живот кој го водат хероите на филмот е усвоен и од групи луѓе низ многу градови во светот.
„При истражувањето дојдовме до сознанија дека во Чешка нив ги нарекуваат „holubi letka“ односно јато гулаби кои доаѓаат онаму каде има трошки храна, додека во некои делови од Италија – „envelopari“, алудирајќи на како писмо затворена средина која не дозволува никој друг да навлезе во неа. Кај нас се почувствува таа одбивност на општеството, на културната елита да ги прими луѓето со поинакво секојдневие“, вели Алексовска.
Хероите во документарецот се скопски легенди. Доколку во животот сте присуствувале на неколку културни настани во Скопје, сигурно ги знаете. Главна хероина во филмот е онаа жена, со препознатливи црвени кадрици.
Анегдотално веќе со години сум ја слушала идејата за документарен филм за овие лица, идеја која режисерката Алексовска ја реализираше во 2019 година.
Но која е приказната на скопските легенди, која е приказната на црвените кадрици?
„Господата се луѓе кои празнината на секојдневието, опустошено поради тегобите во приватниот и професионалниот живот, ја исполнуваат со посета на настаните во градот. Многу е тешко кога се нема со што убаво да се пополни денот и убаво е што постојат отворени, јавни настани кои нудат содржина – последна сламка општествена реалност за која некој би можел да се фати кога е од многумина отфрлен“, вели таа.
Дружината од скоро 12 лица, со години ги посетува културните настани. И во самиот филм се забележува дека при константното посетување тие изградиле сопствен вкус за уметност.
„Верувам дека секој гледач ќе успее да си развие свое чувство за тоа колку и што од тоа што се нуди по галериите им се допаѓа на ликовите. Настаните во Скопје еден долг период беа обременети со хипокризија – публиката на големите отворања често делуваше дека е таму за дружењето и фотографирањето, многу повеќе, отколку за воспримање на самите изложени дела“, нагласува Алексовска.
Таа споделува дека протагонистката сериозно ги напреднала своите видици и ставови во однос на некои важни општествени прашања само поради тоа што посетува настани веќе 30тина години.
„Некои дела ја трогнуваа, а други ја оставаа рамнодушна – како и сите нас. Едноставно е – во сцените снимани во нејзиниот дом јасно е воочливо колку е полиберална и со пошироки видици од својот сопруг, а и самата јас во текот на тие 3 години работа со неа можев да забележам промена во нејзините мисли и емоции предизвикана од посета на некој за неа инспиративен настан“, вели режисерката.
Процесот на снимање на „Господата од современа“, траел три години, а една година била потребна само за да се стекне довербата од протагонистите.
„Создадовме опсервациски односно набљудувачки филм каде инсистиравме на наше минимално интервенирање во сцените и прикажаната реалност со цел да се улови и покаже вистината – недопрена од никаква пропаганда. Откако сосема се зацврсти довербата меѓу нас и ликовите, настапи убав процес на заедничка креација на дејството каде тие, ликовите, самите учествуваа во градење на одредени сцени. Сето ова, се разбира, беше надоградување на оригиналната идеја и тоа и го очекувавме од процесот“, објаснува Алексовска.
Режисерката истакнува дека првичната идеја за филмот била на Анжелика Апсис, културна работничка, а според првичната идеја требало да се прикажат паралелно два дијаметрално спротивни света, но со текот на времето идејата се фокусирала кон приказната со изборот на протагонистите.
„Мене ме придвижи љубопитноста за нивната мотивација, а со подлабокото навлегување во приказната исплива на површина општествената неправда како тема, што за мене е голема инспирација“, додава Алексовска.
Сепак, филмските работници кои работеле на „Господата од современа“, го немале луксузот да работат со луѓе кои едвај чекаат некој да им пријде со идеја да направи филм за нив.
„Напротив, многу тешко се согласија а и разбирливо е – скоро секаде беа посочени со прст и гледани со презир. Токму затоа, ни требаше многу време да се навикнеме едни на други и на присуството на камерата. Нам ни беше многу важно да не ја изневериме нивната доверба и да го прикажеме парчето живот кое ни го понудија, нивното чувство за себе и светот токму онака како што треба за да бидат разбрани, сфатени од околината на начин кој е поинаков, кој не е најлесен „од прва“ и анулирачки. Со еден збор – да ги прикажеме со емпатија и да повикаме на неа“, вели Алексовска.
Зборувајќи за културната сцена, режисерката посочува дека во неа е пресликано сè што се случува во општеството.
„Изолираност и непријателство кон различното во себе и во околината се присутни на речиси сите планови – политички пред сè. Минатава декада влеговме во една ера на фасади, метафорички некако манифестирана преку архитектонската дееволуција што ја просведочивме во главниот град. Сè беше направено „да личи“ а во позадината цврсто продолжуваше да постои тоа што се обидуваме да го скриеме. Ова јасно се виде и во голем дел од кадрите кои ги направивме за време на снимањето на културните настани. Толку софистицирани гестови и насмевки, а зад нив грубост и ароганција“, забележува таа.
Според Алексовска, неприфатливо е човек кој посетува јавен настан во градот да биде грубо исфрлен и да доживее забрана за посета.
„Пред сè, токму нему, му се потребни тие допири со оваа реалност. Некому значат поминати неколку часа во забава и релаксација, но на маргинализираните господа, тоа се голтките живот кои им дозволуваат бегство од неподносливото секојдневие. Доста гледавме од страна и со осуда – промените се случуваат кога ќе научиме да влегуваме и во туѓата кожа при потрагата по решенија и прогрес“, вели таа.
Документарецот ги следи црвените кадрици и останатите скопски легенди додека тие ги посетуваат културните настани, а го документира и однесувањето на обезбедувањето кон овие лица. На прашањето дали по премиерата на филмот, добиле коментари од културните работници, режисерката потврдува.
„Многу ни пријдоа со истата забелешка дека се препознале во дел од сцените и дека конечно добиле материјал да ги пополнат празнините за луѓето со кои речиси секојдневно се разминувале, но ништо подетално за нив не знаеле освен она што го гледа окото и брза да го осуди умот“, вели таа.
Премиерата на „Господата од современа“ се случи на Филмскиот фестивал „Македокс“, а Алексовска нагласува дека дебатите по секоја физичка проекција се долги, што ја радува. Сепак, пандемијата од КОВИД-19 предизвика проекциите на филмот да се најчесто онлајн.
„Малку бевме унесреќени што филмот се прикажуваше најмногу по онлајн фестивали поради пандемијата, па ни беше скратена можноста да ја почувствуваме енергијата на публиката која нема веќе изградено мислење за главните ликови поради тоа што ги препознава од ноќните настани. Селекторката на „HotDocs“ во Торонто изјави дека многу жали што, поради пандемијата, пропуштена е шансата луѓето со овој стил на живот да го погледнат филмот за скопските „колеги“. Веруваше дека при таа средба ќе се случеа прекрасни разговори. И верувам дека е така“, вели Алексовска.
Режисерката признава дека филмот „ја пораснал“ на многу начини бидејќи бил тежок процес што донел многу поуки во однос на личноста и поставеноста кон околината.
„Но, во однос на она што го научив од протагонистите и допирот со нивното секојдневие – тоа е за сложениот процес на дефинирање на личниот идентитет. Кога тој не влегува во ниедна општествена флоскула, следи состојба на терор (или слобода) да се исполни со нешто свое и ново. На тенката линија „каде сега – во дефиницијата на околината за мене, или кон личниот потсвесен стремеж?“ – многумина се губат. Овие херои – не, и таа храброст сакам да ја научиме сите од нив“, порачува Алексовска.
Ивана Смилевска