[Интервју] Андреј Клеменц: Велосипедот значи слобода – Скопје може да учи од Љубљана

За помалку од една деценија, Љубљана се претвори од град во кој тоа беше речиси невозможно, до место каде што сега со задоволство се вози велосипед. Истото може да се направи и во Скопје, и тоа за многу помалку пари, смета Словенецот Андреј Клеменц, кој деновиве е во посета на Скопје. Човекот кој живее во близина на Љубљана, секој ден со велосипед оди до железничката станица, со воз стигнува до центарот на градот, го монтира велосипедот и продолжува да се движи низ центарот. За Радио МОФ тој постави „дијагноза“, каква е состојбата за возење велосипед во Скопје, што може да се научи од словенечките искуства, но и зошто велосипедот значи слобода.

[Интервју]Андреј Клеменц: Велосипедот значи слобода- Скопје може да учи од Љубљана

Како Љубљана се претвори во еден од најдобрите градови за возење велосипед во овој регион?

Тоа беше еден долг процес. Љубљана навистина била велосипедски град помеѓу двете светски војни, но во 60-тите од минатиот век, просторот почна да се прилагодува за автомобилите.  Дури во 1999 година, кога се формираше Љубљанската велосипедистичка мрежа како НВО, за прв пат на организиран начин почна да врши притисок врз градските власти. Се правеа Критични маси, протести, се обележаа црните точки во Љубљана опасни за велосипедистите. Сепак, ништо реално не се случи се до 2006 година, кога градоначанлник станува Зоран Јанковиќ, а негов заменик урбанистот и професор Јанез Кожел. Тогаш за првпат почнаа интензивно да се казнуваат сите оние возачи на автомобили кои паркираат на тротоари, велосипедски патеки и по зеленилото, се затвори централното градско подрачје за автомобили, почнува да се наплатува за паркирање. Ова ги донесе првите промени – луѓето увидоа дека велосипедските патеки се слободни.

Што се случи потоа?

[Интервју]Андреј Клеменц: Велосипедот значи слобода- Скопје може да учи од ЉубљанаЉубљана во 2008 влезе како водечки партнер во проектот Civitas Еlan, проекти на ЕУ кои се фокусираат на одржливиот сообраќај. Како водечки град во проектот во кој учествуваа и Порто, Брно, Гент и Загреб, тогаш Љубљана требаше навистина да се истакне и да ги исполни дадените ветувања. А ветувања имаше многу,- усвојување на интегрална велосипедска стратегија за градот, промовирање на велосипедизмот…Е тогаш се увиде дека градот воопшто нема сообраќајна политика и стратегија. Па затоа се донесе нова стратегија, се мапираа приоритетите и јасно беше укажано дека во центарот на градот, приоритет имаат пешаците, велосипедистите, јавниот сообраќај, па дури потоа автомобилите. Се зголеми пешачката зона, истовремено се направија подземни паркиралишта за автомобилите, се воведоа еднонасочни улици.

Значеше ли ова и изградба и на нови патеки или се користеше постоечката инфраструктура?

Главно се користеше постоечката инфраструктура. Најважно беше да се интегрира велосипедизмот во инфраструктурата. Им се дозволи на велосипедистите да возат низ центарот. Но она што беше многу важно, е воведувањето на автоматски систем за изнајмување велосипеди, по теркот на Лион и Париз. Со 300 велосипеди и 31 станица, оној кој сака да ги користи треба да се регистрира преку интернет, а велосипед може да земе и да врати на било која од станиците. Првиот час исто така е бесплатен. Ова помогна во менување на имиџот на велосипедите, па од средство за сиромашните и студентите, велосипедот стана превозно средство за сите. Сега возењето велосипед е „тренди“ во Љубљана. Од сите патувања кои се прават во градот од 12-14%  се вршат со велосипед, односно околу 20% кога станува збор за центарот на градот. Во 2006 година на пример, оваа бројка беше двојно помала.

Возевте и низ Скопје. Каква е состојбата тука?

[Интервју]Андреј Клеменц: Велосипедот значи слобода- Скопје може да учи од ЉубљанаМислам дека Скопје од сите градови на Балканот кои сум ги посетил може релативно брзо и со мали инвестиции да направи многу на полето на велосипедизмот. Проектиран е како модерен град , веќе биле испланирани велосипедски патеки, се гледа дека тоа е направено уште во 60 и 70-тите години на минатиот век. Затоа во Скопје нема проблем со просторот,  проблемот е само во тоа што патеките се со лош квалитет, има ивичници и препреки, но тоа може брзо и евтино да се среди.

Сега треба да се најде решение за возење велосипед во центарот на Скопје, каде што очигледно нема насекаде велосипедски  патеки .Тоа може да се реши ако се земе дел од тротоарите, онаму каде што се доволно широки, или пак ако една лента од улиците каде сега минуваат автомобили, им се отстапи на автомобилите. Може и сообраќајот да се успори на 30 км. на час во центарот, па тогаш велоспедистите релативно безбедно ќе може да се движат по улиците низ центарот на Скопје.

Ако некогаш постоеле велосипедските патеки, проектирани во 70-те, сега дел од нив се уништени. Скопје интензивно се гради, како гледате на овој процес?

Гледам дека во центарот на градот се градат се повеќе згради, но тоа, пак, значи дека дополнително ќе се згуснува сообраќајот и ќе се отежнува движењето низ центарот на градот. Допрва граѓаните ќе се соочуваат со огромни проблеми и недостиг на место за паркирање. Токму затоа, мора да се размислува на понаков начин, а велосипедизмот би бил одлично решение. Доброто со Скопје е тоа што , ако имате добри патеки за велосипеди, за 20-на минути се стигнува до центарот од околните населби. За подалечените делови пак треба да се размислува и за комбинирање на велосипедите со јавниот превоз.

[Интервју]Андреј Клеменц: Велосипедот значи слобода- Скопје може да учи од Љубљана

Ако некој побара со неколку зборови да посочите каква е разликата на возење велосипед во Скопје и Љубљана, што би одговориле?

Во Скопје, на пример, во еден ден ми се случи дури четирипати да ја дупнам гумата . Ова е поради камчињата и стаклата на улиците. Друг огромен проблем, посебно за мал велосипед како мојот се огромните ивичници на тротоарите . Во Љубљана, пак, голем проблем претставува тоа што на одредени места се случува велосипедските патеки да исчезнат и мора возењето да се продолжи на прометни улици или по тротоар , каде возењето е забрането. За разлика од Скопје, Љубљана е постар град, па во неа има проблем со старото јадро и тука да се изведат патеките.

Каде најмногу сакате да возите велосипед?

Во Данска и Холандија. Ги сакам помалите градови во Холандија или Данска. Прекрасно е и во Копенхаген, но за мене ова е преголем град. Сепак забележувам дека генерално состојбите за возење велосипеди во големите градови се подобруваат. На пример, пред 13 години возев на Менхетен и тоа беше страшно, едвај да спасиш жива глава. Сега , Менхетен е едно од најдобрите места во САД за велосипеди.

Како станавте, би можело да се каже, вистински активист за промоција на велосипедизмот?

Тоа е долга приказна. Уште од 4 години почнав да возам велосипед, па уште кога бев мал сфатив дека можам со велосипед побрзо да и побегнам на мојата баба која тогаш ме чуваше. Тогаш и дознав дека возењето велосипед значи слобода. Во средно на пример, требаше да одам со автобус и да станувам рано, а тоа не ми се допаѓаше, па со велосипед одев во училиште, исто како и до факултет подоцна. Јас всушност пораснав со велосипед низ градот. И ден денеска одам на одмор со велосипед. Една од желбите ми е да го прошетам Охридското и Преспанското езеро со велосипед, возев и по јадранските острови, мене слободното време ми минува во дружба со велосипедот.

Кои се вашите лични рекорди?

Никогаш не сум поставил таква цел. Сепак паметам дека како студент за еден ден стигнав од Љубљана до Врсар, а тоа се 240 километри, за да ја посетам тогашната девојка . Тоа беа млади години и љубов. (се смее). Во деведесеттите, пак, возевме низ Данска, па за 10 дена минавме околу 800 км. Последниве години одам од Љубљана до Далмација , околу 400 км  ги минувам за 3-4 дена. Секојпат кога можам да отпатувам некаде со велосипед, јас ја зграпчувам таа можност и уживам.

Ј.Ј.