Комисијата за наука во рамки на Универзитетското студентско собрание на УКИМ најави шест студентски научно-истражувачки конференции, со цел овозможување на студентите да учествуваат во научно-истражувачките активности.
За прв пат, конференциите ќе се одржат оваа година во октомври, а единствен исклучок ќе биде Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој-СКЕЕОР која се најавува за декември, и ќе се одржи по осми пат.
Останатите конференции ќе претставуваат спој на неколку сродни науки во една конференција, организирани од страна на Факултетските студентски собранија, подржани од Комисија за наука при УСС-УКИМ.
За тоа колкави се можностите на студентите да работат на научно-истраувачки трудови, како пандемијата влијаеше на квалитетот на образованието на УКИМ и за тоа како се разви идејата за организирање на студентските конференции, разговаравме со Ангела Најдоска, претседателка на Комисијата за наука при УСС.
Како влијаеше пандемијата на квалитетот на образование на УКИМ, пред сè во делот на науката- дали најголем дел од истражувањата во кои се вклучени студенти беа ставени на пауза?
Социо-економската криза предизвикана од пандемијата од Ковид-19 целосно го измени студентското секојдневие. Влијае врз образованието, науката, но влијае и врз самиот квалитет на живот на студентите. Квалитетот на образованието на УКИМ не се намали со пандемијата, туку факултетите доста брзо и агилно се подготвија да обезбедат континуитет на наставата. Состојбата со научно-истражувачката работа на студентите на УКИМ е во вонредна состојба долго пред да се појави пандемијата. Универзитетот нема стратегија и план на ова поле, но нема ниту финансии. Државата не одделува буџет за научните истражувања да напредуваат, па оттука и лошата состојба во која се наоѓаат истражувањата во различни научни области.
Како се дојде до идејата за конференцијата?
Идејата за студентски конференции не е нова, на одредени факултети веќе се одржуваат. Оваа година имаме дополнителни пет конференции кои што се организирани од страна на УСС-УКИМ и Факултетските студентски собранија, додека пак, шестата (СКЕЕОР) е само подржана од УСС-УКИМ. Разликата помеѓу овие пет конференции од останатите е тоа што се спој на повеќе факултети и факултетски студентски собранија заедно. За прв пат на УКИМ, студентите од различни факултети се обединуваат со цел да направат нешто заедничко за себе и за останатите колеги. Студентските конференции се:
- МЕЕТ конференција (Факултетски студентски собранија на Филозофски Факултет, Педагошки факултет)
- СКУН (Факултетски студентски собранија на Технолошко-металуршки факултет, Природно-математички факултет, Факултет за ликовни уметности)
- НИСКЕП (Факултетски студентски собранија на Економски факултет и Правен факултет Јустинијан Први)
- СКГКП (Факултетски студентски собранија на Ветеринарен факултет, Факултет за земјоделски науки и храна, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура, и екоинженеринг)
- СНКН (Факултетски студентски собранија на Медицински факултет, Стоматолошки факултет, Факултет за физичко образование, спорт и здравје, Природно-математички факултет и Фармацевски факултет)
- СКЕЕОР (Факултет за електротехника и информациски технологии подржана од УСС-УКИМ)
Постои ли потреба за научна дискусија од страна на студентите?
Секако дека да, на тој начин студентите ги продлабочуваат и прошируваат своите знаења, се подобруваа квалитетот на образованието, се поттикнуваат студентите да размислуваат на теми од нивниот интерес и ќе се излезе од стандарниот начин на студентски живот на којшто до сега сме навикнати. Дополнителен бенефит е вмрежувањето помеѓу студентите, но и професорите.
Колку УКИМ нуди можности студентите да работат на научни истражувања, кога знаеме дека од година во година се кратат парите за наука?
Со цел да може да се вклучени студентите во научни истражувања, без разлика дали тоа се меѓународни или домашни, прво треба да ги има тие истражувања. МОН одделува премалку финансии за наука и тоа е главната причина поради која има и пад на научно истражувачката дејност во РСМ. Други проблеми се тоа што голем дел од факултетите немаат соодветна апаратура и материјали за да истражуваат. Јас како студент на ФЕИТ сум имала можност да учествувам во меѓународен проект како и проекти коишто сме ги правеле на факултет. Но да бидам искрена ова не се случува и на останатите 22 факултети на УКИМ. Тоа што јас сум ја имала таа среќа да студирам на факултет којшто добил проект не значи дека и останатите мои колеги од други факултети ја имале оваа можност и тоа е проблем. Мора да се инвестира во наука ако сакаме да имаме подобро и поквалитетно образование и ако сакаме да се поткрене нивото на Универзитетот. Од моето искуство можам да кажам дека на УКИМ има професори коишто сакаат да придонесат за развојот на науката, но уште поважно, сакаат да работат со студентите. Не може да зборуваме за можноста на УКИМ за истражување во области на науката, кога државата не инвестира во истата. Тогаш науката останува само неостварена желба за студентите и професорите. УСС-УКИМ потпиша Декларација во којашто ги наведовме нашите барања и решенија на оваа тема. Останува институцијата Министерство за образование и наука да донесе план и да почне да спроведува политики со кои ќе се стимулира научно-истражувачката дејност.
На кој начин ќе се прават трудовите, дали е предвидено работа со ментор-професор, со оглед на тоа што за поголем дел од студентите ова ќе биде прв ваков труд?
Свесни сме дека студентските конференции се новост кај поголемиот дел од студентите, поради тоа за студентите коишто се на додипломски задолжително е да имаат ментор-професор. Менторот го бираат сами во зависност од полето на интерес. Доколку имаат потешкотија при изборот на ментор, го контактираат тимот координатори на конференцијата на која што сакаат да учествуваат и тој ќе им помогне во сите фази од пријавувањето.
Како се бираа областите за конференцијата – некако се чини дека изостануваат техничките и медицинските науки?
Секоја од петте конференции е организирана и наменета за повеќе факултети, беше потребно да се најде заедничка тема на интерес на истите. Областа на конференцијата, како и самите теми беа одбрани од самите факултетски студентски собранија во консултација со наставниот кадар од факултетите. Сите факултети коишто се сродни без разлика на науката имаат своја конференција. Тоа може да се види од самата организациска структура на конференциите дека се рамномерно распределени во сите науки и дека секоја наука има своја платформа за презентирање на студентски трудови.
Кои се студентските придобивки кои се очекуваат од конференцијата?
Со овие конференции студентите имаат можност да истражуваат и пишуваат за нешто што е од нивното поле на интерес и ќе им овозможи подобри познавања за теми од научната област на изучување. Покрај тоа ќе ја научат и методологијата за пишување на научен труд и научните принципи на истражувањето. За прв пат, на сите студенти, без разлика дали се запишани на еден од факултетите на УКИМ или на останатите Универзитети, имаат можност да бидат дел од студентски настан на кој ќе бидат презентирани трудови напишани од нивни колеги и теми кои што се од нивен интерес. Идејата е да се зајакне соработка меѓу студентите од различни научни области, но и да се креира автономен простор за критички дискусии на различни теми, како и вмрежување од различни области во рамки на академската заедница.
Дали ова би станало традиција секоја година?
Да, целта е конференциите да продолжат во континуитет да се одржуваат секоја година, да бидат почетна точка за науката и научните истражувања во нашата држава и да станат препознатлив бренд на УКИМ.
Нешто што не ве прашав, а би го додале?
Ги повикувам сите студенти кои сакаат да истражуваат во било која научна област да се пријават на една од студентските конференции. Научниот труд е многу важен за професионалното усовршување на студентите, без разлика дали градат кариера во академската заедница или надвор од неа, секогаш се додадена вредност.
Ивана Смилевска