„Младите да работат напорно. Да минуваат помалку време на кафе. Да ги следат соништата. Знам, тоа е клише, ама без напорна работа денот ќе го поминеш во жалење. Не е лесно да се создаде систем. Треба труд од сите. Не само функционерите имаат одговорност. Сите. Тоа е важно. Имај на памет дека со секоја ситница, ритуал, со секојдневна навика ти придонесуваш за системот. Кога ќе се смениш, да може да се смени и системот. Кога ќе станеш, провери дали креветот е наместен, маалото е чисто… Размислувај широко!“.
Ова е една од пораките до младите на Арбер Салиху, говорник на годинешната конференцијата за друштвен активизам „Engage“, која се одржа во Музејот на современа уметност.
Салиху е млад човек. Тој е музичар. Културен активист. Оптимист. Креативец.
Веднаш прифати разговор со Радио МОФ. Со посебен жар ни’ збори за музика. За идеи. За уметнички концепти. Еден е од оние што смета дека со тимска работа, во самото соседство почнува градењето на заедницата. Така настануваат прогресивни проекти.
Според Салиху, не е тешко да се да се најдат заеднички вредности базирани на солидарност и толеранција, политичко и културно разбирање. Независно дали е тоа на Балканот, или во друг дел од светот.
„Потребно е повеќе да комуницираме меѓусебно, тоа е најважната работа. Да се дружиме, активираме, зборуваме, разменуваме ставови. Да бидеме гласни. Што сакаме, а што не сакаме. Да се трудиме да се разбереме самите, нашиот идентитет и вредностите, да се фокусираме на ваквите работи. Комуникацијата е клучна!“, вели Салиху.
Раскажува дека од 2016 е вклучен во заедницата Термокис, која во Косово ревитализираше напуштена зграда. Во просторот се одржаа повеќе од 180 концерти, проекции, театарски претстави, работилници и дискусии. Готват и храна. Граѓани цртаат, свират, помагаат со дрвенарија, трети го одржуваат просторот. Кој што знае и може. За да се придвижат работите.
„Термокис истовремено е заедница и простор. Имавме среќа да наидеме на организации – Toestand од Белгија и InfoQuartier Mache од Швајцарија, кои прават ‘луди’ работи секоја година. Одат низ различни предели низ светот, градат, поправаат простори кои се во лоша состојба. Ги прават функционални. Оваа година ќе бидат во Тетово, имаат проект во јули“, раскажува Салиху.
Организациите дошле во Приштина, запознале локални луѓе, па со помош на волонтери стартувал 10-дневен процес. Се реконструирала зграда без кров, струја, прозори и тоалет. Комплетно заборавена. Активистите и овозможиле барем елементарни услови, прифатлива за луѓето да може да се дружат.
„Дечките од Белгија и Швајцарија си заминаа, а ние продолживме. Во раце имавме простор, можност да го развиваме! Така се роди заедницата Термокис. Се среќаваме барем еднаш неделно. Вклучени се многу луѓе – 25 ден-за-ден граѓани и 50 екстра луѓе со повремен ангажман. Заедницата има хоризонтална структура, сите одлуки се носат групно, со гласање“, објаснува тој.
До пред два месеци сите работеле волонтерски, а сега конечно некои луѓе почнале да добиваат средства. Очигледно, нагласува, не е лесно да се одржува комплетно волонтерски. Сепак, одлуките припаѓаат на сите од Термокис, а не само на „персоналот“, кои се задолжени да имплементираат идеи.
„За да бидеш член на заедницата, треба редовно да доаѓаш на состаноци. Таму ги добиваш сите информации. Добиваш и идеи. На пример, има луѓе со желба за слем поезија. Пет члена од заедницата се здружуваат, договараат, помагаат да се случи евентот. Истовремено инспирираат и други личности. Тоа е јавен настан, доаѓаат луѓе, млади граѓани, гледаат, следат, раскажуваат на врсници… Се создава верижна реакција. Пробуваме да вклучиме што повеќе луѓе, да се ангажираат во заедницата“, раскажува Салиху.
Целиот општествен и политички контекст во регионот понекогаш делува демотивирачки, создава армија од апатична младина. Сепак, Салиху смета дека младите се повеќе пробуваат да го жртвуваат слободното време. Со цел да бидат дел од нешто поголемо.
„Сакаат да бидат дел од нешто што ќе ја обликува иднината. Не е лесно, секако. Да бидеш волонтер е убава, благодарна работа, меѓутоа не можеш постојано да ги обврзуваш луѓето да доаѓаат. Сепак, постои енергија меѓу младите. Тотално ја чувствувам. Создава нови можности, функционира таа енергија“, смета Салиху.
На прашањето дали се соочуваат со некакви притисоци од локалните власти, тој низ смеа вели: „Не, всушност, ние ги презираме сите авторитети“.
„Ако ни’ речат да направиме нешто, ние нема да го направиме“.
Како музичар, дел е од дуото „Обори“, кое го објави својот истоимен албум во 2017. Двајцата се ентузијасти. Уживаат во разнобојна музика. Растеле со рок, меѓутоа сега и хип-хоп, електроника, реге…
„Настапивме низ разни фестивали низ регионот, Србија, во Старата скопска чаршија… Музиката е најлесното нешто што излегува од мене. Обожавам музика. Убава платформа е за ставови. Сите песни се на албански јазик. Исто така, употребуваме јазик кој не е правилно употребувам низ модерната уменост“, вели Салиху.
Во однос на тоа дали кога фузираат музички стилови станува комплицирано за аудиториумот, повторно одговара низ смеа „Кога ги правиме песните… се надевам имаат смисла“.
„Првите три сингла беа повеќе рок и реге, но четвртиот повеќе хип-хоп. Не дека луѓето викаа ‘Уау, што направивте, зошто сменивте’, туку, едноставно, она што го правевме имаше смисла. Од неодамна уживам во хип-хоп формат. Ми дава слобода да се изразувам подиректно, без потреба да се кријам зад метафори од фолклорните или рок жанрови. Директно во поентата“, потенцира тој.
За самите косовци, вели Салиху, културната сцена не изгледа баш сјајно. Меѓутоа, за луѓето од други градови е поинаку. Викаат „еј, човеку, ова е навистина добро!“. Во музичка смисла, по војната се појавиле многу бендови. Но, според него, проблемот отсекогаш била одржливоста. Еден, максимум два добри албуми.. и толку.
„Речиси е невозможно да продолжиш да создаваш, едноставно, нема инфраструктура, индустрија да тe поттикне. Без основни средства е тешко да преживуваш, да се издржуваш себе си. Не дека нема луѓе што ќе ја слушаат твојата музика, туку индустријата ги нема пробиено границите и нема најдено начин како да ги поддржи артистот. Чудно е…“, вели тој.
Слично е со другите културни дејности, освен за филмовите. Според Салиху, кинематографија цвета. Прават признаени и успешни филмови. Во музиката, пак, имаат глобално прифатени ѕвезди, но тоа е надвор.
„Во самото Косово е DIY (направи сам). Сам ги носиш инструментите, сам снимаш, издаваш, дизајнираш. Се’ сам. Ако имаш некој пријател да ти помогне, или тато да ти даде пари, во спротивно е тешко. Сепак, младите се снаоѓаат. Наоѓаат начин да бидат креативни и прогресивни. Мора така“, констатира Салиху.
Бојан Шашевски