[Интервју] Арнолд Чанг: По екстрадицијата, проблемот во Хонг Конг стана полициската бруталност и слободните избори

Предлог-законот за екстрадиција во Кина, ги поттикна протестите во Хонг Конг, кои траат веќе половина година и достигнуваа бројка и до 2 милиони луѓе. Иако револтот првично беше насочен кон предлог-законот, кој сега веќе е отфрлен, фокусот на движењето се пренесува на други пет барања, вели Арнолд Чанг, основачки член на политичката платформа „Демосисто“ во интервју за Радио МОФ. Најважните две барања се однесуваат на независна истрага за полициската бруталност, како и слободни избори и демократија.

Во продолжение прочитајте повеќе за разликите помеѓу моменталните протести и поранешната „Чадор револуција“ („Umbrella Revolution“), нивните барања, како и тоа, дали протестите водат кон некоја повисока цел.

Се плашите ли дека повлечениот предлог-закон повторно може да се „стави на маса“?

Со оглед на еден пример од претходно, последен пат кога владата повлече предлог-закон беше пред 15-16 години, а од тој пример, Пекинг секогаш става акцент на тоа, да го постави повторно на „маса“, но сè уште не го прави тоа. Мислам дека шансите се мали за предлог-законот да се врати, и мислам дека најголемиот проблем на движењето не се однесува веќе на тој предлог-закон. Луѓето бараат слободни и фер избори, луѓето бараат да престане полициската бруталност, и тоа се вистинските барања на движењето моментално.

Што ќе се случеше доколку успееја да го донесат законот?

Хонг Конг има пример од претходно. Пет продавачи на книги продаваа книги со кои се критикувала владата на Пекинг. Потоа, тие пет продавачи биле киднапирани и исчезнале. Подоцна беа пронајдени и осудени во Кина. Се случувало активисти или луѓе, кои не им се допаѓаат на кинеската влада, да ги киднапираат и да ги носат во Кина. Мислиме дека ако законот се донесеше и не успеавме да го спречиме тоа, дека ова можеше да се случува регуларно според закон. Тие киднапирања пред тоа биле незаконски, биле исклучителни случаи и всушност не биле легални. Но, ако предлог-законот се усвоеше, тогаш активистите и луѓето кои не им се допаѓаат на Кина, легално би се носеле во Кина.

ФОТО: Ројтерс

Може ли да кажеме дека протестите се продолжение на „Чадор револуцијата“, и кои се разликите помеѓу сегашните протести и тие претходно?

Мислам дека ова движење наследува многу од „Чадор револуцијата“. Постојат две главни разлики. Кулминацијата на движењето на „Чадор револуцијата“, се сомневаме, но немаме точни бројки или статистика, дека имаше околу 500.000 луѓе кои протестираа мирно, окупирајќи го централното подрачје на Хонг Конг. Но, во ова движење, кулминацијата беше кога имаше протест на кој учествуваа два милиони луѓе, четири пати повеќе, една третина од целото население. Значи, може да видиме дека, всушност, поддршката за ова движење во Хонг Конг во моментов има многу поголема поддршка од движењето на „Чадор револуцијата“.

„Чадор револуцијата“ заврши после 2-3 месеци, затоа што окупирањето (простори) продолжи, а луѓето почнаа да губат симпатии за движењето, мислејќи дека тоа им влијае на нивните животи, а после тоа движењето го изгуби моментумот. Но, на изборите, од пред две недели, се покажа дека мнозинството од луѓето во Хонг Конг е на страната на демонстрантите, тоа се случува на шест месеци од протестите, па можете да видите дека моментумот на ова движење е многу поголемо. Иако полицијата користи многу поголема сила, луѓето сега имаат тенденција да се конфронтираат за да се спротивстават на полициската бруталност, а ова е уште една голема разлика помеѓу движењето сега и „Чадор револуцијата“  пред пет години.

Која е улогата на „Демосисто“ на протестите, дали се коорганизатори или слично?

Движењето нема лидер, што значи дека нема ни една невладина организација или партија која е одговорна за целата работа. „Демосисто“ како и останатите невладини организации во Хонг Конг, или активистички групи, се труди да го помогне движењето. Тоа што го правиме најчесто е преку „краудсорсинг“, на тој начин и настана движењето. Тоа значи дека различни невладини организации, организации или активисти истражуваат во кој дел можат да се вклучат со различни идеи или да се вклучат директно во протестите. Не велиме дека сме лидери на протестот, но го олеснуваме процесот за тие да се случат. Тоа на што се фокусираме е да ги организираме младите и да правиме училишни штрајкови. Друг сектор на кој работиме е меѓународната кампањ, на кој начин меѓународната заедница и општеството можат да покажат поддршка на луѓето во Хонг Конг.

ФОТО: АП

Мислите ли дека барањата на движењето можат да се прифатат по мирен пат?

Всушност, повеќето луѓе во Хонг Конг во моментов протестираат мирно. Протестите сепак сакаме да бидат мирни. Во првите недели од протестите, имаше стотици илјади луѓе, милион луѓе, протестите беа мирни сè додека полицијата не се обиде да ја расчисти „сцената“, користејќи солзавец, а луѓето беа принудени да се бранат. Концептот да се бранат од полициската бруталност и бруталноста на членови на банди, контролирани од владата, дојде по инцидентот кога бандата нападна случајни луѓе во подземната железница, а полицијата не направи ништо да ги спречи, туку им дозволи да ги удираат луѓето. По ова луѓето сфатија дека треба да се одбранат од ваквото насилство, и се случија дополнителни инциденти. Мислењето на повеќето демонстранти во Хонг Конг е дека протестите би биле мирни сè додека полицијата или владата не се обидат да интервенираат.

Може ли да се каже дека протестите водат кон некоја поголема цел? Можеби независност на Хонг Конг?

Ова е тоа со што кинезите сакаат да го обвинат движењето, го обвинуваат дека е сепаратистичко. ‘Вие се борите за независност на Хонг Конг’, обвинуваат дека има странски фондови со кои се обидува да се оддели Хонг Конг од Кина. Но, фактот е тоа што повеќето луѓе се свесни за ова обвинување од Кина. Статистиките и анкетите покажуваат дека кај мнозинството од демонстрантите постојат пет барања на движењето во Хонг Конг, последното барање е слободни и фер избори, во извршната и законодавната власт. Никој, навистина не повикува на независност на Хонг Конг, туку над 70% од граѓаните сакаат да го постигнат тоа преку таканаречената рамка – една држава, два системи, предложена од Пекинг.

Тие слободни и фер избори, кои ги има ветено Пекинг, се напишани во уставот на Хонг Конг, но Пекинг моментално не дозволува слободни избори во Хонг Конг. Тоа за кое се бориме е да им кажеме да го исполнат тоа што го ветиле. Мнозинството луѓе се борат за исполнување на барањата кои се комплетно уставни, не се бориме за нешто што е неуставно, како некакви сепаратисти. Се бориме преку самиот систем.

М.К.