Идната година Солун ќе биде центар за младите, градот пред две години ја доби титулата Европска младинска престолнина за 2014 година. Бројни активности и организирани настани ќе бидат дел од оваа манифестација, во градот каде најголем проблем за младите е високата стапка на невработеност. Како течат подготовките, кои се плановите, но и како Солун се справува со младинските проблеми, во интервју за Радио МОФ зборува Бабис Папаиану, еден од главните организатори на настаните организирани во рамки на Европска младинска престолнина.
Зошто токму Солун беше избран за Европска младинска престолнина за 2014 година? Што беше пресудно?
Солун аплицираше за титулата Европска младинска престолнина во 2011 година, тогаш состојбата во општината не беше добра, беше почеток на администрацијата на Јанис Бутарис како градоначалник и тогаш се бараа нови идеи, што да се прави, какви алтернативи има, може ли нешто ново да се донесе во градот. Вистинската и главна идеја зад апликацијата за Европската младинска престолнина беше фактот што е направена од самите млади луѓе, имаше многу силна вклученост на НВО секторот и младинските организации од градот. Имаше одличната соработка помеѓу општината и цивилниот сектор и најпосле , во текот на целиот период од апликацијата, што значи околку 5 месеци од јануари до мај 2011, младите беа вклучени во целиот процес. Да бидам искрен, ова беше првпат едена апликација да биде направена исклучиво од млади луѓе, а не од одредена организација или експерт во пишување ЕУ проекти.
Колку беше тешко да ги мотивирате младите и да ги ангажирате за оваа цел?
Не беше тешко, напротив. Има гласини дека младите луѓе се мрзливи, дека не се интересираат за ништо, дека интересно им е само да седат и да пијат кафе и тоа е се. Тоа е сосема погрешно. Нашите впечтоци, за време на подготвувањето на апликацијата, но и сега, се дека младите се заинтересирани да учествуваат, да се вклучат и дека вистински се заинтересирани да донесат нови работи во градот. Оттука, нашата соработка беше неверојатно позитивна. Да бидам искрен, ние ги користевме алатките кои тие ги разбираат, па така, кога и да имавме потреба да повикаме млади луѓе, поканата беше испраќана по Фејсбук. Значи немаше соопштенија во печатот, на вести, телевизија или радио, туку ние ги користиме социјалните мрежи. Младите комуницираат преку овие мрежи, па и ние користиме Фејсбук, Твитер, Јутјуб и главно електорнски начини за комуникација.
Европска младинска престолнина бара голема организација. Каков е вашиот план, што ќе им понудите на младите луѓе во 2014?
За идната година нашиот сон е да се обидеме да организираме програма со многу активности, а како главен фокус ни е активната партиципацијата на младите на локално ниво. За нас е навистина важно да ги повикаме младите, не само да учествуваат, туку активно да земат учество и да ја креираат, во соработка со општината, младинската локална политика.
Имаме листа од 150 активности кои ќе се случуваат идната година, настани во повеќе категории музика, натпревари, семинари, конгреси, изложби и се што е интересно за младите луѓе. За нас секако најважно е да учествуваат многу млади луѓе, не само од нашата општина, туку и на национално и интернационално ниво. Оттука веруваме дека предложените активности се интересни, бидејќи се директен одговор на барањата на младите. Тие побараа такви настани, ние најдовме пари и ги донесовме. Она што за нас е важно е оваа листа на активности кои до година ќе се случуваат во Солун да биде почетна точка за нова општинска политика за младите. Солун е познат по младинските заедници и е навистина многу атрактивен град за млади луѓе. Имаме илјадници студенти на 4 универитети, заедно со локалните млади, значи зборуваме за бројка поголема од 150 илјади лица. Ние сме заинтересирани за соработка со младите луѓе и да креираме програма за младинска акција на градско ниво со помош на општината.
Кои се најголемите проблеми на младите во Солун?
Најголемиот проблем во Солун е младинската невработеност, таа е многу висока , за жал има има млади луѓе со вештини, но без можности да најдат работа. Тоа е реалноста за некој кој сака да најде работа дури и со универзитетска диплома, познавање јазици и сите неопходни вештини. Градот не реагира, нема понуди, па луѓето се селат во Атина или во странство. Ако останат во Солун треба да работат за многу ниски плати. Оттука најголемиот проблем секако е младинската невработеност, вториот проблем пак, кој исто така е важен, е социјалната исклученост. Тоа е проблемот со младинската невработеност, ако сте невработен повеќе од шест месеци, една, две години, тогаш почнувате да не верувате во ништо. Си велите, никој не се грижи за мене, никој не е заинтересиран, невработен сум две години и мора да живеам со моето семејство со 100-200 евра месечно, што е ништо за нашиот стандард. Луѓето ја губат својата верба во институциите и ја губат својата верба во демократијата. Затоа во Солун имаме луѓе кои велат – никој не се заинтересиран за мене, па затоа и јас не се грижам за ништо.
Сепак, се чини дека имате уште еден предизвик, една од целите на Европската младинска престолнина е да се подобри секојдневието на младите и по истекувањето на годишниот мандат. Што по 2014-та?
За време на 2014 , во текот на Европска младинска престолнина, планираме да го отвориме градот за младите преку младински натпревари, разни настани, музички случувања, изложби… Идејата зад тоа е да им дадеме на младите можност да се изразат. За нас најважно е да не запре овој проект и да продолжи годината потоа. Навистина е значајно за нас да креираме структура на општинско ниво, за соработка со младите, со граѓанскиот сектор, со студентите и универзитетите, и НВО секторот и секој што ги претставува младите е добредојден. За Солун младите се највисок приоритет, за нашиот градоначалник, за администрацијата, младите и нивните проблеми се приоритет број еден. Веруваме дека за време на Европска младинска престолнина ќе успееме да имплементираме повеќе успешни проекти и многу од нив ќе продолжат да функционираат и следните години. Ние сме во процес на коплетирање на листата на акции кои ќе бидат дел од локалната младинска агенда во соработка со младите од Солун и целата младинска заедница и креираме програми кои треба да функционираат во следните години.
Ако невработеноста е најголем проблем, може ли Европскиот младински град да помогне во справување со него?
Да бидам искрен не. Европскиот младински град е настан, титула, дури ни општината не може да помогне. На проблемот со невработеноста му треба национална политика, требаат решенија од Владата, од Европската Унија, потребни се инвестиции, конкретна политика за борба со младинската невработеност. За нас не е лесно да ја промениме ситуацијата во која се наоѓаат младите, но може да ги поддржиме и да им помогнеме, прво за да останат во нашиот град и да не се отселуваат, да кажат што знаат, да им дадеме можност да презентираат добри идеи за пазарот, па ако се оди добро, никогаш не се знае, можеби и ќе започнат свој бизнис, нешто нови и интересно во Солун. Ние не можеме да се бориме против невработеноста бидејќи немаме средства, немаме методологија, но преку Европскиот младински град, ќе може да ги поддржиме.
Македонија и Грција имаат долгогодишен спор. Дали младите од Македонија се добредојдени во Солун за време на Европска младинска престолнина и кое име ќе го користите за нив во текот на бројните настани?
Проблемот со името е проблем меѓу двете држави последниве две децении, но не е проблем за младите и за граѓаните. Знаеме дека луѓето од двете држави комуницираат, има заеднички проекти меѓу општините, граѓанскиот сектор и невладините организации, универзитетите. Оттука, ова не е реален проблем, тоа е технички проблем кој не зависи од нас, туку од владите да изнајдат решение. Ние знаеме дека , дури и сега, кога сме во пилот фаза за Европска младинска престолнина има млади луѓе од кои доаѓаат во Солун од сите европски земји, од целиот регион, за да ги видат настаните, изложбите, концертите. Секако дека има млади луѓе и од вашата земја и она тоа што ни е важно, е да се обидеме да им го претставиме Солун не само како шопинг дестинација или само како град пред Халкидики во кој поминуваат за да пијат кафе и продолжуваат кон морето. Ова е важно за нас, има соработка меѓу НВО секторот, ќе се организираат заеднички акции. Имаме цела листа планирани случувања , главно во Скопје за промовирање на Солун како Младинска престолнина, а има и учесници од градот Скопје во нашата програма. Да, има соработка и е добредојдена. За другиот дел(од прашањето) , има простор за делување, за владите да седнат и да најдат решение.
Јасмина Јакимова