По промоцијата на првиот број на списанието „Спознавање“, Дарко Беровски и АнаМарија Мишачковска нè покануваат на издавањето на вториот број.
Возбудени за промоцијата на „Спознавање 2“ која ќе се одржи на 23 септември (сабота) во 18:00 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ), ми раскажаа како течеле подготовките за второто издание.
„Возбудени сме за излегувањето на вториот број. Сега откако знаеме како функционираат работите сме поорганизирани, се тече полесно и побрзо, па така овој број го сработивме во период од три месеци. Многу позитивна реакција и позитивен федбек добивме после првото издание и тоа ни даде мотивација да продолжиме со ова и во вториот број да опфатиме поголем број на артисти“, ми раскажа Дарко.
Околу подготовката и целиот креативен процес АнаМарија ми раскажа дека трите месеци им биле доволни за да спремат сѐ како што сакаат со оглед на тоа што летото е плоден период за уметниците. Идеите за дизајнот и интервјуата веќе ги имале во план, па само растеле и се остварувале во точното време.
„Како главен печат на ова издание е заокружувањето на летото. На многу различни места списанието беше да го собере овој материјал изминатиов период. Лето 2023. Во лето има најмногу случувања и концерти, културни настани, па тоа ни беше од полза“, сподели Дарко.
Го прашав од каде и како ги собира интервјуата, а тој ми откри дека наоѓа некој начин да искомуницира со артистите, дали е тоа некоја потопла форма како Инстаграм или можеби мејл, често преку познаници, па некако се успеал да се спои со артистот и за да сними интервју. Нема некој специфичен начин на комуникација, но секогаш стигнува до целта.
Ми кажа дека „Д-фест“ и македонскиот „Егзит“ се фестивалите од каде што собирал многу интервјуа меѓу кои и едно со големо уметничко име од Србија.
„Отворени се за комуникација повеќето, особено кога ќе им објаснам за што станува збор и од каков вид е интервјуто. Како на пример дека ми се интересен бенд или соло артист и дека сакам да ги има во ова издание или дека не е интервју за лајкови и кликови, а гледам дека и ним им е интересно да споделат информации“, додаде Беровски.
АнаМарија како одговорна за дизајнот открива дека ги прошириле уметничките бранши како театар, организатори на фестивали, колумни од студенти кои биле заинтересирани.
Им се заблагодарија на Душица Брачиќ, Атанасија Гулевска, Емилија Трајковска и Никола Јовановиќ кои несебично дале парче од својата креативност во ова издание и порачаа дека дури ни губењето на телефонот на Дарко во Франција полн со интервјуа нема ги спречил и ова издание да биде на врвот на задачата. Додадоа дека од секој нов број треба да очекуваме нешто сосема ново и поразлично од претходното.
Нагласија дека на 23 септември во МКЦ ќе може да очекуваме штандови на артистите од списанието, настапи на музичките имиња кои се појавуваат на страниците на вториот број. На уметниците им даваат платформа и во списанието, а и на самиот настан да се изразат и да го покажат она во што тие најмногу се пронаоѓаат и уживаат.
Нѐ поканија да отидеме и да се увериме и самите во квалитетот на списанието, да уживаме во убавата музика и уметничките дела и со тоа да им дадеме поттик на уметниците да продолжат и понатаму да творат.
Ангела Иваноска