„Работам речиси 15 години во ‘Бидат Информатика’. Имаме изработено наша книговодствена програма и имаме голем број на клиенти кои ја користат. Во тој период имавме доста компјутери кои едноставно беа оставани од компаниите кои купуваа нови. Во исто време, имаше една жена која често знаеше да помине и да праша дали има некој половен компјутер за нејзиното дете. Ми нагласи дека е социјален случај и дека стариот што го имале им се расипал. Тука го гледам почетокот на цела оваа акција. Се згоди да имам машина во добра состојба. Ја средив и и ја дадов. Тоа беше некој си почеток“, раскажува младиот кавадарчанец Борче Стаменов, кој пред три години ја започна акцијата за донирање компјутер „Од нас за нас“.
Официјално, акцијата трае околу половина година, појаснува Стаменов.
„Првиот пат кога напишав на мојот Фејсбук профил бев изненаден од одзивот на луѓе. Не очекував дека воопшто некој ќе се појави, но се појавија. Првите 7-8 компјутери се раздадоа за неколку дена. Принципот е едноставен. Во објавата појаснив кои луѓе се цел на таа акција. Знаев дека повеќето од примателите на донации нема да сакаат да се појават поради одредени, разбирливи причини, па нагласив дека воошто не мора сами да го земаат компјутерот. Тоа беше и некој вид на проблем како за почеток. Имав донации, а немаше на кого да ги дадам. Преку контакти со луѓе од просветното образование успеав да ги поделам на места каде стварно е потребно да се има компјутер како средство за нормално развивање на децата. Знаеме дека во последно време се што работат за на училиште го работат на компјутер и на некој начин е неопходно“, објаснува Стаменов.
Првите компјутери заминаа кај ученици од основно образование. Овој компјутерџија вели дека како минувало времето се повеќе луѓе го контактирале.
„До пред 2-3 месеци луѓето и не веруваа дека постои некој кој дава компутјутери како донација. Но, ете, сега е раширена речиси на целата територија на Македонија. Досега имам донирано околу 20 компјутери. Донации имам исто така од цела држава. Луѓето ги транспортираат како знаат. Со некои и лично се сретнуваме, други по карго ми ги праќаат. Се надевам дека ќе трае и дека донациите нема да престанат. За сега има одличен одзив како кај физичките, така и кај правните лица“, вели Стаменов.
Тој на сите им се заблагодарува за нивната несебичност, од негово, но и од име на оние што добиваат компјутер. За акцијата вели дека е нешто што од секогаш сакал да го направи.
„Пред некое време најдов лице по предлог на пријател кое имаше потреба од компјутер, но едноставно не можеше да си го дозволи. Се слушнав и во неговиот глас го имаше она треперење од среќа, а ти си од другата страна на слушалката и го чувствуваш тоа. На некој шо не го познаваш си му го разубавел денот. Значи, нема ништо поубаво од тоа да делиш среќа. Нема. Не ме врзува некоја лична причина. Ме мотивира тоа што со мал труд можам на некој начин да помогнам. На некој да му овозможиш колку-толку нормален живот“, нагласи Стаменов.
Целосна поддршка има и од фирмата каде што работи.
„Директорот комплетно ме поддржува и како и повеќето мои пријатели и роднини се гордее со мене. Акцијата воопшто не ми пречи во извршувањето на сите работни обврски. Нормално, работата е во прв план, но речиси секој ден останувам по 1-2 часа после работа за да можам да средам некој компјутер и да го донирам. И уживам во секој момент. Пред некое време некој ме праша добро нели ти е смачено од компјутери и програми и преинсталции после цело тоа време? Јок! Уживам во секој момент. Веројатно си ја сакам работата, што знам?“, вели Стаменов.
Но, тој не е премногу оптимист дека ќе добие поддршка од локалните власти, иако според него, би требало да ја има.
„Толку е раширена акцијава, што просто не верувам дека не слушнале. Кавадарци е мало место каде луѓето знаат и кога си во ве-це и кој шампон го користиш. Веројатно имаат попаметна работа и ленти за сечење“, смета тој.
Според него, акцијата претставува покажување на здрав разум, а публицитет, вели, не му треба.
„Не правам јас нешто невообичаено или чудно или до сега невидено. Сакам само да помогнам колку што можам и како што јас знам. Доволна награда ми е нечие ‘фала’ или нечија насмевка“, додава овој кавадарчанец.
Во однос на тоа колку државата се ангажира за развој на информатиката, Стаменов смета дека и она во што е вложено, брзо се запоставува.
„Почнавме многу, а не завршивме ништо“, истакна тој.
„Во запоставувањето голем удел имаат и самите ученици. На крај на секоја учебна година полно ученици бараат опрема за купување поради тоа што ја оштетиле таа што им е дадена. И самата култура ни е на ниско ниво. Дали доволно се вложува? Никогаш не е доволно. Треба да се вложува што е можно повеќе во информатичката писменост наместо во некакви екстерни и експериментални програми препишани од други држави. Иднината на светот е во информатичката писменост, или просто кажано би рекол дека се функционира беспрекорно, но само на хартија“, смета Стаменов.
Тој вели дека одзивот е повеќе од одличен. Покрај веќе донираните 20 компјутери, Стаменов има и список со уште 70-80 луѓе кои чекаат да добијат уред.
„Има луѓе од цела држава. Повеќето се самохрани родители на кои поради ‘одличната’ економска состојба во државата едноставно не им остануваат пари за нов компјутер. Досега дадов уреди во Кавадарци, Неготино, Росоман, Скопје, Битола, Струмица и некои помали места.
Компјутерите кои се донираат прво одат кај него, Стаменов ги проверува и одлучува дали се погодни за работа.
„Тие што не може да се искористат, ги растурам и ги комбинирам со други. Понекогаш од два правам еден добар. Главно имаат добар процесор, вградена графичка картичка (по можност додавам и посебна), сите се со 2GB, или повеќе RAM меморија, имаат тврди дискови од 160 GB, па нагоре. Добиваат и тастатура и глувче кога има. Монитори, исто така, давам тоа што има некогаш ЦРТ (од постарите), а по можност и ЛЦД. Имаше и 2-3 принтери, скенери. Тие гледав да ги дадам на студенти или ученици кои ќе можат да ги користат. Сите добиваат комплетна машина спремна за работа“, појасни тој.
Акцијата, вели тој, ќе трае се додека има донации и е одлучен дека нема да запре. Според него, во секој град има барем по една слична фирма која се занимава со сервис и продажба на ИТ опрема и која може да се вклучи во акцијата. Негов предлог е во акцијата да се вклучат и практиканти, кои би ги поправале уредите.
„Јас секогаш викам да се помага, не знаеш што носи времето со себе. Утре може ти да имаш потреба од помош, каква било. Многу е веројатно на тој шо си му помогнал да ти излезе во пресрет. Секој што сака да се вклучи, може. Ако во вашиот град нема, еве во Кавадрци има таква акција. И се уште трае, и ќе трае. Дури ако имате машина која би можеле веднаш да ја подарете, пишете ми. Ќе ви дадам контакти од цела држава каде има потреба од донација. Случајно ми излета еднаш ‘Од нас, за нас’, па ете дадете нешто од вас, за вас. Сепак, апел секој град да си направи своја. Јас моментално сето ова го работам сам. Заедно ќе бидеме сто пати посилни и подобри!“, порача Стаменов.
Емилија Петреска