[ИНТЕРВЈУ] Borghesia: Отворете ги музеите, мртвите идеи веќе ја ловат Европа!

За тоа какви теми обработуваат во својот нов албум „Proti kapitulaciji“, со кого би сакале да соработуваат и дали сѐ уште постои цензура,  разговаравме со култната словенечкa музичкa група „Borghesia“.  Експерименталната група, која е позната по својата мешавина на ЕБМ, индустриски и dark амбиентaл музички стилови, по трет пат ќе настапи во Скопје, во склоп на „Pin Conference“.

Прочитајте кои се нивните ставови за политичката состојба југоисточно од Берлинскиот ѕид и какви се ставовите на критичката мисла денес, во интервјуто за Радио МОФ непосредно пред нивниот настап.

Во вашиот последен албум, „Proti kapitulaciji“, користите 12 поеми од словенечкиот дадаистички поет Сречко Косовел. Дали може да ја запознате македонската публика со ликот и делото на овој поет преку дел од неговите стихови?

Сречко Косовел (1904-1926), од словенечкиот регион Крас, е Никола Тесла на модернистичката поезија, кој во својот краток, но плоден живот (живеел само 22 години, а оставил наследство од преку 700 песни), се развил во еден од полуцидните критичари на тогашната европска политика, како фан на брзиот технолошки напредок. Косовел е поет, кој ја употребувал „cut up“ техниката пред Буроуз, а пред Боуви ја напишал песната „Херои“. Неговите песни од пред еден век кои сѐ уште се актуелни, биле бомби кои паѓале врз стерилниот парламентаризам и малограѓанство. Со оваа негова песна ќе го отвориме нашиот концерт во Скопје:

ODPRITE MUZEJE
Odprite muzeje!
Po Evropi že strašijo
mrliči — ideje.
Odprite muzeje
za nacionalizem,
za mrtve ideje.
Odprite grobnice!
R. I. P.!
– – –
OPEN MUSEUMS
Open museums!
The dead-ideas
Already hunt Europe.
Open museums,
to nationalism,
to dead ideas.
Open tombs!
R.I.P.!

Кон каква утопија се стреми критичката мисла денес, имајќи го предвид хаосот во дискурсот?

Критичкото мислење не се стреми кон утопија, туку кон аналитичко размислување и подобрување на општеството. Тоа што го нарекувате “хаос на дискурсот“ е неолиберален трик кој го изедначува размислувањето на едната страна со аргументираната позиција на другата страна. Така во медиумите имаме прилика да го слушеме брборењето на некоја старлета или случаен минувач за, например, потребите на јавното образование или државната сопственост на јавната инфраструктура. Но поради, ‘балансирањето на вистината’ се претставуваат аргументите на еден десно ориентиран и еден наводно лев политичар. Значи, ред естрада, ред каприци, ред наука, ред политика, ред шовинизам, па кој е најгласен и едноставен – тој е победник. Добро вели Грета Тумберг: „Не ме слушајте мене, слушајте ги научниците!“.

Државиот систем се трансформираше, меѓутоа истите проблеми останаа. Кои општествени проблеми ги опфаќате во „Proti kapitulaciji“?

Ако реферирате на промената на економско-политичките системи во земјите (југо)источно од Берлинскиот ѕид, проблемите ни оддалеку не се исти. Моите родители, како типични претставници на средната класа, кој од село се преселиле во град, можеле да си дозволат викендица, одмор на море, здрава исхрана, имале пристап до одлично јавно здравство, нивните деца имале бесплатно образование и пристап до воншколски активности, моите родители имале гарантирана работна позиција, стан и автомобил. Денешната средна класа, ако воопшто останало нешто од неа, може само да сонува за некои од овие привилегии. Слично на тоа, до ден денес, доменот на најлевиот истурен дел на граѓанството е опонирање на војната машинерија на НАТО и на војната воопшто. Усташите, четниците, војните ветерани и други националисти добиваат улици, споменици и аеродроми. Самостојноста и независноста беше трик на локалните капиталисти со кој ги заменија солидарноста и одговорноста кон општеството со предаторство и распродажба на општенствените добра. А толку глорифицираната Европа има слична судбина со младинските клубови и алтернативната култура на овие простори во деведесеттите – бавно истерување на акумулацијата или неприметно варење на жаби. Класната борба после Втората светска војна создаде корпус на слободи и гаранции кои европските институции бавно, но сигурно, ги редуцираат во согласност со интересите на капиталистичката продукција. Демократските процеси се дел од ланецот на потрошувачка. На албумот „Proti kapitulaciji“ преку стиховите на Сречко Косовел, кои повторно потенцираме се стари околу 100 години, пееме претежно за горенаведената ситуација.

Borghesia
Foto: Joze Suhadolnik

Постои ли цензура во време на квантитет?

Дали срањето потешко може да се сокрие во базен или во чинија?

Под рака со конзумеризмот, добивме поп – култура која се повеќе вметнува општествени ставови.  Која е позицијата, односно состојбата на андерграунд сцената кога политичкото станува елемент на капитализмот?

Не би се сложиле со таква релативизација. Сигурно е дека конзумеризмот сака да го приспособи дисидентскиот дискурс, но само полуписмен идиот може да падне на таа стапица.

Со кои нови и млади уметници би сакале да соработувате?

Денеска читавме дека раперката M.I.A. го посетила затворениот Џулијан Асанж. И двајцата ни се многу интересни.

Дали моментално работите на нови проекти?

„Borghesia“ интензивно работи на нов концептуален албум кој би можело да биде готов и во текот на 2020 година.

Ивана Смилевска