[Интервју] Бранка Џајковска: Сензорните соби нудат дополнителна поддршка, не се замена за училница

„Сензорните соби не се замена за училница, туку се простор во кој ученикот може да добие дополнителна поддршка. Училницата е, и треба да остане примарно место за развој и образование на учениците, вклучително и учениците со попреченост. Во рамки на училницата треба да се тежнее не само кон присуство на ученикот, туку негово суштинско вклучување и во наставата и во природната динамика и социјален живот на таа одделенска заедница. Сензорните соби се дополнителни простории од кои придобивка имаат учениците со попреченост, но и сите ученици кои во некој момент може да имаат потреба од индивидуална работа и образовна поддршка. Во сензорните соби кои ние ги опремуваме има елементи кои се од голема корист за ученици со интелектуална попреченост, со хиперактивно однесување, ученици од аутистичниот спектар, деца кои имаа проблеми со моториката и слично“, вели во интервју со Радио МОФ Бранка Џајковска, проектен менаџер на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

Џајковска е дел од Фондацијата „Чекор по чекор“, која лани го стартуваше овој проект заедно со своите партнери „Инклузива“ од Куманово и „Хандимак“ од Тетово. Преку него, како чекор кон понатамошна инклузија, 40 училишта треба да добијат опремени сензорни соби, инклузивни игралишта, пристапни рампи, пристапни тоалети или асистивна технологија, а проектот доделува и месечни стипендии за 470 ученици со атипичен развој.

Проектот е финансиран од Европската Унија, спроведуван во соработка со Министерството за образование и наука. Проектот има за цел да го поддржи суштинското вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта. Ова е процес веќе дефиниран со Законот за основно образование од 2019 година, а Фондацијата верува дека проектот придонесува кон градење на инклузивна клима во училиштата.

Досега се реализирани 10 сензорни соби низ Куманово, Струмица, Скопје, Македонски Брод и Старо Нагоричане. Оттука, Џајковска во интервјуто зборува и за опремата, кадарот што треба да работи во сензорните соби, но и за средствата што досега се вложуваат, а и понатаму треба да се вложуваат во школите што претендираат да бидат инклузивни, за да може да зборуваме за целосна инклузија и еднаков пристап до образование за секое дете.

Сензорна соба во училиштето „11 Октомври“ од Куманово

Каков вид на опрема, технологија и материјали се набавуваат за сензорните соби? Какви се потребите и критериумите за овие простори?

Морам да напоменам дека по ова прашање, различни провајдери имаат различно мислење и пристап. Ова не е само случај кај нас, туку и низ примерите кои ги гледаме од други земји.

Начинот на кој ние како проект одлучуваме што ќе има во една сензорна соба е преку еден длабок консултативен процес кој го реализираме со специјалните едукатори, педагозите, психолозите и наставниците во училиштата со цел тоа што ќе се набави да одговара на нивните потреби, односно на потребите на учениците кои би го користеле овој простор. Во овој процес на избор на елементи се обрнува огромно внимание на безбедноста на опремата и во однос на материјалите од кои се направени и во однос на нивната примена.

Сензорните соби имаат за цел да ја подобрат поддршката за учениците со образовни потешкотии преку алатки за визуелна, аудитивна и тактилна стимулација при учењето, како и подобрување на фината и грубата моторика. Ова заедно со една повеќедецениска заложба на Фондацијата „Чекор по чекор“ за катчиња за учење и индивидуален пристап во работата со учениците доведе до овој модел за опремување на сензорните соби кои ние го користиме. Така овие простории  имаат повеќе „катчиња“ и освен со елементи за сензорна стимулација (како сензорна туба со меурчиња, рефлектори за светлина, диско топка, конкавни и конвексни огледала, музички инструменти, панели со различни тактилни елементи и сл. ), ги опремуваме и со елементи за смирување и релаксација (лулашка, темно засолниште, тешко ќебе и сл.).

Дополнително, во сензорните соби интегрираме и спортско катче каде може да се работи на подобрување на моториката (кое е опремено со душеци за вежбање, Пиклеров сет, рипстол, тегови за раце и нозе и многу други спортски елементи). Со оглед на тоа дека сензорните соби ги реализираме во основните училишта задолжително вклучуваме и „образовно катче“ кое е опремено со разни помагала и алатки кои го подобруваат фокусот и концентрацијата на учениците, а преку мноштвото на книги, сликовници, енциклопедии и дидактички материјали за зајакнување на основните јазични и математички вештини кај децата обезбедуваме дополнителна поддршка за совладување на наставните цели.

  УЧИЛИШТЕ ГРАД / ОПШТИНА
1 11 Октомври Куманово
2 Илинден  Крива Паланка
3 Дане Крапчев Гази Баба
4 Видое Подгорец Струмица
5 Ѓорѓија Пулевски Аеродром

 

6 Димитар ПЃ Беровски Ѓорче Петров

 

7 Блаже Конески Аеродром

 

8 Христијан Т. Карпош Старо Нагоричане

 

9. Климент Охридски Македонски Брод
10. Ѓорче Петров Ѓорче Петров

(*Клик на името на училиштето за видео од сензорните соби. На првата минута од видеата се однесува на проектните активности, а во вториот дел е прикажана трансформацијата на просториите)

Колку вкупно чини една сензорна соба во просек, односно, постои ли и некаков финансиски стандард?

Сензорните соби кои се реализираат преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија ги реализираме во рамки на буџетот кој е предвиден од проектот т.е. во просек 3.500 евра за една сензорна соба.

Би сакала да потенцирам дека дел од овие проектни сензорни соби се реализирани и со поддршка на општествено одговорни компании кои ја препознаа идејата на проектот и заложбата секое дете да има еднаков пристап до образование и услови да напредува и да се развива во училиштето во кое учи. На основа на ова наше искуство ги поттикнувам училиштата да ги разгледаат и овие „можеби неконвенционални“ начини на финансирање за да можат да обезбедат ваков простор и во своето училиште. Грижата за ранливите категории ја покажува нашата зрелост како општество, а чекорите кое секое училиште ќе ги преземе за да обезбеди еднакви услови за учење за секое дете и еднакви можности секое дете да го постигне својот потенцијал, не е веќе прашање на добра волја на училиштата, туку е обврска на училиштата и остварување на детските права.

Рековте дека Проектот предвидува во просек 3.500 евра за една сензорна соба. Исто така, училишта да размислуваат за буџетирање, како нивна обврска за проширување на инклузијата, што веројатно ќе придонесе да се намали и „провевот“ на дискриминации и стереотипи за децата со атипичен развој?

Проектот има можност да додели помош за 40 училишта, што е околу 10% од училиштата во државата. Така што, повеќе од потребно е да се поддржат и останатите училишта и поради тоа што учениците со попреченост имаат право на квалитетно образование и поради тоа што во училиштата се образуваат граѓаните на иднината кои од најмала возраст треба да се научат да ги прифаќаат и почитуваат различните од себе. Останува да се надеваме дека овие заложби ќе ги направат учениците подобри, поинклузивни и поемпатични граѓани од нас денес, имајќи го на ум случајот во Гостивар со ученичката со Даунов синдром, секојдневните петиции на родители на деца со типичен развој ученикот со попреченост да се испише од одделението на нивните деца, и многу слични и срамни примери.

Исто така важно е да се напомене дека инклузијата треба да се разбере како еден процес кој е сеопфатен и кој ниту започнува, ниту завршува во училиште. Затоа сите треба да го направиме својот дел за нашата заедница да биде поинклузивна. Во таа насока, сметам дека и државата, и општините, и бизнис заедницата и ние како граѓани и вие како медиуми треба да придонесеме кон овој процес.

Сензорна соба во училиштето „Христијан Тодоровски – Карпош“ во село Драгонманце

Доволно ли е само да се постават сензорните соби, или треба да се работи и на едукација на наставниците/специјалните едукатори/образовните асистенти за да можат да работат со децата во сензорните соби? Какви компетенции и знаења треба да има кадарот?

Професионалниот развој на училишниот кадар е основен предуслов да имаме вистински напредок на образованието, а тука секако влегува и инклузивната клима во училиштата и прашањето за успешно користење на сензорна соба.

Нам ни е многу драго што оваа тема се вклучува и во програмите на иницијалното формално образование на училишниот кадар, па така тие влегуваат во настава поподготвени за работа со ученици со попреченост, користење на алатки за стимулирање на развојот кај учениците и диференцијација на наставата по тежински нивоа со цел да одговара на потребите на секое дете во одделението.

Во однос на користењето на сензорната соба, специјалните едукатори во училиштата се тие кои имаат најголемо познавање за оваа проблематика и своето знаење го споделуваат и со своите колеги наставници во училиштата, а го користат и во директна работа со учениците. Постојат и дополнителни обуки, еве пред извесен период Сојузот за специјални едукатори и рехабилитатори реализираше обука за сензорна интеграција која е отворена и за наставници, педагози, психолози кои можат да ги зајакнат своите компетенции поврзани со оваа тема.

Според вашите искуства, каква е ситуацијата со училиштата и инклузивните потреби во Скопје и другите градови? Има ли разлика и како би намалиле тие разлики?    

Жителите на Скопје имаат поголем пристап до услуги за поддршка на учениците со попреченост, отколку оние од помалите градови или пак од руралните средини. Затоа, како проект обрнуваме особено внимание нашата поддршка да не биде сконцентрирана единствено во главниот град (иако овде има најголем број на жители и соодветно на тоа и најголем број на ученици со попреченост), туку да работиме низ сите региони и во урбани и во рурални средини. Во таа насока, симболично, првата сензорна соба која ја отворивме како дел од Проектот е сензорната соба во с. Драгоманце во Општина Старо Нагоричане.

Бојан Шашевски