Да работите нешто речиси две децении и фактот дека на тоа треба да дојде крај не е мала работа но е убав повод да се оконча истрајноста. Малку од нас имаат слушнато за Pressure Radio кое веќе 23 години функционира како интернет радио на кое пуштаат различни стилови на хаус музика. На програмата на почетокот настапувале претежно диџеи од Британија, а подоцна соработката ја проширува и со интернационални диџеи. Едно од тие имиња е и скопскиот хаус диџеј Christian HSS (House Sound Of Skopje) кој долги години е директно дел од приказната на Pressure Radio.
Радиото функционира како непрофитна организација и успева да остане оперативно преку донации и други форми на поддршка, а слушателите ги привлекува преку емитување на хаус музика.
Приказната за радиото сега завршува, а Christian HSS оваа сабота за последен оддава почит кон приказната со свој сет што ќе се емитува со видео стрим од Макка бар. Воедно, Christian HSS во интервју за Радио МОФ зборува и за својот музички полет, искуството, диџејството…
Кој е твојот диџеј стил? Каде најчесто настапуваш, клубови, настани/евенти, фестивали?
Мојот стил е претежно хаус со влијание на стилови од чикашката и њујоршката хаус сцена, каде поминав дел од тинејџерските денови. Дополнително во моите сетови може да се слушне ритам од крајот на осумдесетите и деведесетите, дип хаус со сите примеси на фанк, вокал, диско, и секогаш по некоја класика. Последниве неколку години настапувам во скопските кафе барови и клубови.
Дали настапите ти се во форма на соработка или индивидуално настапуваш со својата продукциска куќа?
Најчесто индивидуално како Christian HSS (House Sound Of Skopje) освен кога правиме showcase за нашата етикета Артефакт.
Како дојде соработката со интернет радиото Pressure Radio?
Соработката со Pressure Radio од Лондон започна уште во 2007 година по препорака на личен пријател од САД. Од првиот остварен контакт веќе 17 години имам своја редио емисија под назив Hidden Dimensions како нонстоп микс, секоја сабота од 17 часот до 19 часот. Оваа наша приказна за жал ќе мора да заврши бидејќи по 23 години постоење радиото доби нов сопственик кој ќе воеде промени во политиката на работење и во програмскиот дел. За таа цел оваа сабота ќе биде последното издание на емисијата Hidden Dimensions која ќе се емитува во живо со пренос на видео стрим од Макка бар.
Како се снаоѓаш во ситуации кога имаш ненадеен проблем со опремата и си морал да импровизираш?
Најчесто при настапите вртам плочи што значи дека проблеми од таква техничка природа и да немам. Меѓутоа кога настапувам и користам дигитална опрема како лаптоп, контролер и слично се случуваат проблеми со опремата и во таква ситуација ја користам loop опција од софтверот додека не го надминам техничкиот проблем.
Како доста млад си започнал да се занимаш со диџејство, а имаш и искуство во САД. Кога ќе се вратиш назад како ти изгледа патот кој си го изодел. Дали вредеше од денешен аспект?
Над триесет години се бавам активно или пасивно со музика. Тоа подразбира собирање плочи, пуштање музика, промовирање странски диџеи, активности кои во минатото многу поактивно ги правев. Во последните години сето тоа го правам со помал интензитет, но секој момент и искуство поврзан со диџејството и музиката во целост, како и константната енергија од подиумите имаат трајно влијание на мојот живот и вреди секоја минута помината покрај грамафоните.
Совет за секој млад човек што се решил да застане позади диџеј пултот и ја превземе одговорноста но и привилегијата да забавува и во исто време едуцира група луѓе, секогаш да става приоритет на селекцијата и изборот независно за кој жанр на музика се работи, а потоа техниката на миксање на траките.
Огнен Тилиќ, надворешен соработник на Радио МОФ