[Интервју] Џон Вајцман: Creative Commons понуди нов вид заштита на авторските права

Организацијата Creative Commons беше создадена пред повеќе од една деценија, а нејзините лиценците за заштита на авторските права стануваат се попознати поради растечката потреба од лесно достапни податоци на Интернет и можноста она што некој го направил друг да го земе,  искористи и унапреди. Не може секој автор да биде правник или адвокат , дециден е Џон Вајцман (John Weitzmann) од Creative Commons, кој во интервју за Радио МОФ објаснува како функционира лиценцата на Creative Commons, што штити, но и зошто и е потребна слобода на културата, пред се кога станува збор за Интернет.

Creative Commons

Фото: Ванчо Џамбаски

Како се роди потребата за создавање на Creative Commons?

Инспирацијата беше секако слободниот софтвер и лиценците за слободен софтвер, па некаде кон почетокот на новиот милениум се размислуваше за ваква лиценца, како во делот на софтверот, така и за сите останати работи. Постоеше идејата и се размислуваше за неа се додека не се случи еден познат судски процес во САД каде што проблемот беше тоа што одредени материјали беа повторно заштитени откако претходно беа јавно поставени на Интернет. Во тој случај беше вмешан адвокатот Лери Лесик, кој беше лут бидејќи го изгуби случајот по што стана јасно дека мора да се направи нешто. Ова всушност беше и иницирачкиот момент за да се создаде Creative Commons.

Што добија и граѓаните и авторите од лиценцата на Creative Commons?

Им дадовме алатка на луѓето да ја „ослободат“ својата работа и содржините. Ако сакаат  да создадат содржина која потоа може повторно да се користи од некој друг и која другите луѓе можат да ја менуваат и надградуваат, сепак и тогаш имаат потреба од некаква законска заштита и правен текст. Ним Creative Commons им дозволува да го користат оној стандарден текст со права и закони кој им дозволува онаа содржина која тие ја креирале полесно да се споделува на интернет, да привлече повеќе внимание и да им се даде на други лица кои сакаат да ја споделат и искористат.

Што штитите и од кого?

Даваме е правна заштита за авторските права, но она што го прави лиценцата на Creative Commons е извесно намалување на оваа правна заштита. Ова не значи дека авторот се откажува од своите авторски права, туку само им дозволува на останатите без надомест да го користат тоа што тој го направил. Секој материјал кој може да подлежи на заштита на авторските права, може да биде ставен и под лиценцата на Creative Commons.

Според вас, што значи поимот „слободна култура“ и колку е таа важна во интернет општеството?

Јас под „слободна култура“ подразбирам култура која е ослободена од правни проблеми. Вообичаено авторските права се многу прецизни и забрануваат многу работи. Некои луѓе велат дека тоа е лошо за културата. Па оттука идејата за слободната култура значи да симнеме најголем дел од овие правни ограничувања за да имаме послободна култира во ваква смисла. Значи поимот слободна култура не значи дека е бесплатна, туку култура која е ослободена на тој начин што секој може да ја користи за она што му е потребна. Ако законот застане зад културата, тоа е лошо бидејќи таа треба да се движи и да се менува. Кога законите го ограничуваат овој процес, тоа не е добро. Мислам дека многу од правните ограничувања не се добри за развојот на културата и затоа Creative Commons се труди да го олесни ова движење. Пред да биде измислен законот за авторски права, некаде во 18 век културата  беше апсолутно слободна. Сега таа е ограничена токму поради законите.

Creative Commons

Фото: Ванчо Џамбаски

Creative Commons постои една декада, колку се сменија работите во текот на овој период?

Некои работи се променија, но не премногу. Многу луѓе се уште не знаат не знаат кои се законите, ниту пак што е Creative Commons бидејќи ако никогаш не сте помислиле на авторските права , зошто тогаш би помислиле на потребата од лиценцирање. Нешто се случува, но оди многу бавно. Еден голем чекор беше направен кога Википедија беше ставена под лиценцата на Creative Commons, па многу луѓе го заблежаа тоа. Сепак ова е мал чекор, ние мора да изодиме долг пат додека сите да дознаат е дозволено, а што не смеат да прават (на Интернет).

Во еден период по вашето студирање вие работевте во едно германско радио, колку за вас е важен овој медиум?

Многу често слушам радио, а во Германија имаме и мошне развиен систем на радио станици и се вртат многу пари во овој сектор, па затоа и верувам дека радиото ќе опстане како медиум. Creative Commons лиценците не се многу често застапени во радиото, па најголем дел од програмите не ги користат овие лиценци, туку вообичаените заштити на авторските права. Но, јас се надевам дека наскоро дел од програмите ќе бидат ставени под лиценцата на Creative Commons и ќе ги отворат своите архиви.

Кои се идните планови во Creative Commons?

Неодамна направивме голем чекор со новата лиценца 4.0  и ова беше голема работа. Сега мислам дека ќе се концентрираме повеќе на политичките прашања. Во минатото од Creative Commons секогаш велевме дека политиката не е за нас, работиме неутрално и сме аполитични. Во меѓувреме работите се сменија бидејќи Creative Commons беше искористен како аргумент на политичарите во повеќе случаи во Европа.Тогаш сфативме дека не можеме повеќе да се држиме настрана од ова и да велиме дека политиката е нешто што не не интересира. Да се биде политички играч би можел да биде следниот чекор на Creative Commons.

Ј.Ј.