[Интервју] Дарко Булдиоски: Втората „AllWeb“ конференција е голем предизвик

Македонија каска зад развиените држави во дигиталниот маркетинг, буџетите се мали, но секторот почнува да се развива, вели Дарко Булдиоски, интернет консултант и еден од основачите на NewMediaМК . Токму онлајн маркетингот и интернет ПР-от се темите на втората „AllWeb“ конференција која на средината на ноември ќе се одржи во Скопје. За овој настан, но и за користењето на интернетот во Македонија, Булдиоски зборува во интервју за Радио МОФ.

Поводот за овој разговор е претстојната „AllWeb“ конференција. Лани за првпат на ваков начин се говореше за основите на стратегиите за онлајн-комуникација на познатитe светски и домашни брендови и компании. Втората конференција, се чини, е уште поголем  предизвик. Ќе биде ли подобра од минатата?

Мора да биде. Кога заврши првата знаевме дека ќе биде голем предизвик следната, но со таа мисла се подготвуваме скоро цела година. Ќе се обидеме да бидеме барем за една нијанса подобри во сите сегменти: програма, организација, публика.

Дел од говорниците веќе се објавени. Која е целта на годинешната конференција и што сметате дека ќе се издвои како највпечатливо на второто издание на „AllWeb“?

Да, дел од говорниците ги најавивме, останатиот дел ќе следува, иако нас најголемиот дел веќе ни се познати (се смее). Целта е да навлеземе малку подлабоко во суштинските теми, да не бидеме уште една празна дебата која ќе гребе по површината. Сакаме да предизвикаме дискусии и споделување кое навистина ќе биде корисно за компаниите и организациите кои ќе бидат дел од овој настан. За издвојување е рано да се говори, ние ќе гледаме да понудиме максимум што можеме, а публиката е таа која ќе оцени што или кој се издвоил.  

Колку интернет маркетингот и онлајн ПР-от се застапен во Македонија, заостануваме ли зад светот или се носиме рамо до рамо со западните држави?

Не се носиме рамо до рамо, но тоа не е ни за очекување. Застапени се во некоја задоволителна мера, работата е што заради голем број на фактори развојот оди многу споро и промените тешко се забележуваат или уште подобро речено тешко одскокнуваат од лошиот просек. Мал дел од компаниите навистина се посветени на дигиталниот маркетинг, сеуште тоа е само еден мал дел од нивниот буџет што значи и мал дел од нивното време и нивниот фокус.

Социјалните медиуми и мрежи стануваат дел од секојдневието. Кои од нив се најупотребливи за онлајн маркетинг и дали се користат кај нас?

Facebook е тука број еден без никаква дискусија, токму за претстојниот AllWeb заедно со агенцијата за истражување на јавно мислење Рејтинг подготвуваме истражување кое ќе открие многу детали за локалните корисници на оваа мрежа. Веднаш зад него е сервисот кој веќе влегува во мејнстрим, Twitter, а не е за потценување ниту Instagram ниту Foursquare.

Интернет консултант,  тоа е професијата која стои до вашето име. Лични карактеристики или образование -што е потребно за да се стекне ова звање и дали е достапен ваков вид на образование за младите во земјава?

Најважна е желбата за континуирана надградба и поглед кон иднината. Искуството секогаш е предност. Да, постојат различни институции кои нудат формално образование во сферите на интернет маркетинг, онлајн комуникации и сл. Јас бев дел од неколку институции каде го стекнував моето знаење, на дел и предавав, но повторно ќе потенцирам, сето тоа е одлично за еден краток период. Мора човек да биде решен да биде мултидисциплинарен и континуирано да се надградува.

Стануват македонските граѓани, пред сè младите, зависни од интернетот? Дали и вие може да функционирате офлајн, на пример додека сте на одмор?

Можам. Но прашање е дали сакам? Нема да ми недостасува приватниот дел од Facebook, Twitter или Instagram. Кај мене тоа прашање е од друга природа – јас нема да можам да ја следам работата на мојот тим или на моите клиенти. Кога е таков компромис во прашање, одлуката дали ќе се исклучи човек е на малку поразличен кантар (се смее).

J.J.