Националната платформа за далечинско учење, онлајн предавањата, како и пристапот до образование на децата од руралните средини за време на изолација, беа дел од темите за кои разговаравме со Добре Јовевски, наставник во Основното училиште „Илинден“ во Крива Паланка. Во 2018 година, на натпреварот „365 Challenge“ што го организираше „Мајкрософт Македонија“, Јовевски ја освои првата награда. Предизвикот беше подготвен со цел да се претстават придобивките во образованието преку користење на разни Microsoft алатки. На Светскиот форум за иновативни наставници во Вашингтон 2011, пак Јовевски ја освои втората награда.
Тој во интервјуто за Радио МОФ ги сподели своите искуства од досегашните онлајн предавања, интересот на ученците и процесот на оценување.
Како наставник во училиштето во Крива Паланка, кој многу добро ги владее информатичките технологии, како се справувате со новите услови на учење откако пред две недели запре наставата во училиштата?
По објавување на вонредната состојба и запирање на наставата во училиштата очигледна беше потребата да пристапам кон алтернативни начини на изведување на барем еден дел од воспитно-образовниот процес. Секој еден час е драгоцен во тој процес, а целосното запирање на наставата за мене беше предизвик да го користам своето искуство од онлајн обуките. Во вакви услови друга форма и не постои освен со помош на технологијата преку онлајн учење. За мене голема мотивација беше интересот на учениците и секако подршката од страна на нивните родители.
Каква е реакцијата на вашите ученици? Колку е важно сега родителите да работат со децата, или ова не е неопходно ако наставникот држи онлајн настава?
Во изминатата седмица како работам онлајн настава со учениците се повеќе е евидентна нивната љубопитност кон ваквиот начин на учење, кој го сметаат како нова авантура. Тие не дозволуваат да бидат отсутни на онлајн часовите, за да немаат празнини во знаењата. Еден на друг си помагаат, релаксирани се од грешки во одговорите, споделуваат задачи и функционираат како тим.
Улогата на родителите во онлајн наставата е во смисла на техничка подршка. Преку овој начин на работа каде веднаш добивам повратна информација од нивното учење, го прилагодувам поучувањето индивидуално со визуелна импресија на нивното излагање и ја исклучувам улогата на родителите при реализација на часот. Решавањето на домашните задачи како и во нормалниот процес може, но и не мора да биде со помош на родителите.
Кои се вашите совети за онлајн наставата, кои платформи можат да бидат искористени, на што треба да се внимава?
Избрав онлајн платформа за конференциска врска, каде можам да споделувам содржини и материјали, презентации, работни листови, коментирам разни случаи и проблеми, како и табла што можеме да ја користиме за решавање на задачи и пишување на текстови. Преку видео можам да ги гледам учениците дали пишуваат, дали работат, дали учествуваат на часот. Ваквиот начин е уште една можност за повратни информации од деца.
Во принцип можностите на секоја платформа се неограничени и претставуваат предизвик. На социјалните мрежи од страна на колеги се споделија многу платформи и секој наставник пристапи кон индивидуалнен избор што најмногу му одговара за користење.
Дали сте задоволни од насоките кои како наставник ги добивате од МОН? Дали на наставниците им е потребна поголема помош од институциите и како може да им се помогне на наставниците кои не се снаоѓаат со технологијата?
МОН и БРО оваа ситуација ги затече неспремни, на почетокот не понудија никави решенија, за по неколку дена понудат парцијални решенија. Тие не беа подготвени за организирање на наставата во вонредни услови. Нивната одговорност ја префрлија на Локалната самоуправа каде директорите на училиштата дадоа задолженија секој наставник да изнајде форма како би ја реализирал наставата. Оваа образовна политика доведе до конфузија кај наставниците и до одложување на користење на унифициран модел за изведување на онлајн настава. Наставниците кои не се снаоѓаат најдобро со технологија би требало да следат онлајн тренизи органзирани од МОН, БРО или од своите колеги со поголемо искуство. Паралелно со изведување на онлајн настава да има постојана техничка и стручна подршка за наставниците.
Дали проверката на знаењата е нов предизвик, колку е возможно реалното оценување во вакви услови?
Преку онлајн тестови, работни листови, директни одговори – има неограничени можности за следење на учениците. Тие пишуваат одговори и ги испраќаат преку е-пошта или во групата на наставникот. Попладневните часови кој што ги имаме се посветени на проверки и повратни информации од учениците и родителите за сработеното. Кога ги спомнувам родителите мислам дека тие во оваа ситуација повеќе се како набљудувачи и советници во овој процес, но сметам дека воопшто не е лошо доколку и тие се вклучат во креирањето на знаењата кај учениците.
Сте работеле во рурални средини, па оттаму што мислите, дали сите деца имаат пристап и услови за онлајн настава? Дали на локално ниво има дополнителни мерки за учениците во Крива Паланка?
Кога зборуваме за реализација на настава на далечина многу ретко, па можеби никогаш не ги земаме во предвид учениците кои живеат во руралните средини. Сите сме свесни дека голем број на ученици од селата, па и од градовите немаат опрема и интернет конекција за следење на ваков тип на настава.
Предизвикот за следењето на онлајн наставата во семејствата каде има неколку ученици е голем затоа што на секој ученик му е потребен персонален компјутер или добра организација во распоредот на часовите од страна на наставниците. Исто така би напоменал дека економската ситуираност на наставниците често не дозволува да има секој наставник свој компјутер, а и членовите на неговото семејство. Министерството требаше да поведе сметка за техничките потреби на наставниците во компјутерската опременост бидејќи старите лаптопи дадени од МОН веќе се нефункционални. Така останува секој наставник да се снаоѓа на свој начин. Во реализацијата на ваков тип на настава има и други трошоци кои се на сметка на домашниот буџет, како што се струја и интернет.
Вчера беше најавена новата мерка на Министерството за образование, одобрувањето на националната платформа за далечинско учење, изработена од Бирото за развој и УНИЦЕФ. Кои се вашите совети за ваквиот пристап?
МОН и БРО пред некое време ја најавија можноста за следење на неформалниот начин на едукација на децата преку емисијата ТВ Училница на МРТВ. Овој начин на едукација е избор за децата, или ќе следат или нема да сакаат да ја гледат емисијата. Снимените видеа во платформата Е-Училница, со нарација од страна на наставниците, се повисока форма на едукација. Останува дилемата како и на кој начин наставниците би ги користеле овие видеа во процесот на онлајн едукација. Според мое мислење, најдобар начин на едукација би била онлајн едукацијата каде би имало интеракција помеѓу наставникот и учениците, а овие видеа да бидат како дополнителни материјали за одредени содржини. Освен поучување потребно е и непосредно следење на постигањата на учениците што би го олеснило процесот на оценување.
Ивана Смилевска