Музиката на Dok7 се состои од мелодични панк-рок рифови со примеси од хардкор, измешани со искрени текстови. Бендот го сочинуваат Милутин Поповиќ – главен вокал, Александар Јовиќ – гитара и придружен вокал, Иван Матејиќ – главен вокал и бас гитара и Братислав Станковиќ – тапани. По повод нивното гостување на второто издание на фестивалот на независната музика Земјотрес, Матејиќ за Радио МОФ ја раскажува приказната за овој нишки панк рок бенд.
Dok7 опстојува повеќе од десет години, но составот на бендот многу пати се има менувано. Како тоа влијаеше на енергијата во вашите песни и пораките кои ги пренесувате?
Приказната започна одамна, некаде во 2001 година со тогашниот член на бендот Владимир Андрејевиќ. Меѓутоа официјално почнуваме да постоиме во 2006 година кога бендот го добива сегашното име – Dok7. Тогаш бендот бевме само јас, Владимир и Милутин. Тогаш се случија и првите настапи и ги направивме првите песни, токму поради тоа како вистински почеток на бендот ја сметаме 2006 година. Кога станува збор за енергијата, мислам дека секогаш ја имаме „на претек“. Точно по тоа сме и препознатливи како бенд, настојуваме да и ја пренесеме на публиката што е можно повеќе.
При преслушувањето на досега објавениот материјал, лесно е да се забележи дека голем дел од песните обработуваат теми од секојдневието. Некои од нив имаат длабоки метафори и детално смислена структура, некои од нив се ваш директен коментар (на моменти и револт) на конкретна ситуација. Зошто токму ваквиот начин на изразување на сопственото мислење?
Се трудиме да им го покажеме светот на луѓето од нашата гледна точка. Животот на младите во денешницата, преку нашите лични искуства. Не значи дека тука има само тажни и депресивни моменти, има и радосни, комични, бесни моменти … понекогаш и моменти исполнети со чувство на вина. Како што рековте, типично секојдневие. Некогаш е тешко, длабоко, спакувано и анализирано на повеќе нивоа, но многу почесто ги кажуваме работите директно „in your face“.
Во поглед на мелодискиот дел, песни звучат доста различно една од друга, но сепак има одредени делови препознатливи за вас. Како обично тече процесот на создавање нов материјал?
Секој од нас учествува во тој процес, од таму и доаѓа диверзитетот. Без разлика дали станува збор за текстовите, деловите за гитарата или басот, секогаш заедно ги разработуваме идеите. Некогаш се случува во правењето на некоја песна да доминира еден член, но вклучени се и идеите на останатите – доволно за да се зачини резултатот. Основата ни е панк рок, на неа доградуваме делови од нашите души и мисли. Така секоја песна полека почнува да дише и „оживува“. Некогаш се случува да се движиме во различни насоки, но основниот правец е ист. Се трудиме да го развиваме постојано и по него сме препознатливи.
Каква е ситуацијата на независната сцена во Србија? Колкава е поддршката од публиката?
Сцената постои, ама ми се чини како да се бори за својот опстанок. Многу од луѓето се трудат и се вложуваат максимално за нејзиниот напредок и развој – тоа е за пофалба. Додека има луѓе кои сакаат да направат нешто, да променат нешто, да чујат нешто ново, сцената ќе постои. Сепак треба да се поттикнат сите на акција и работите ќе се решат. Сите како да се надеваме на некое подобро време, но за да дојде, треба да жртвуваме дел од себе. Потребна е упорност, да не се потклекнува на првата препрека, да се „стиснат заби“ и да се издржи мислејќи на утре.. тогаш ќе дојдат многу работи на своето место. Што се однесува до публиката, нивната поддршка постојано расте и многу сме им благодарни за тоа. Поради нив и постоиме.
На македонската публика не сте и непознати, вашиот прв настап „во странство“ бил токму во Кавадарци на фестивалот Будење во 2008 година. Што е различно во однос на настапот пред шест години? Што може да очекува публиката од вас на Земјотрес?
Oва ќе биде наш трет настап во Македонија, втор во Скопје. Иако сме и колку-толку познати на публиката, дури сега е моментот кога навистина треба да не запомнат. Многу работи се променија од 2008 година. Созреавме од тогаш, сега сме далеку поискусни, посигурни, подиректни. Ќе се потрудиме да продреме во главите на оние кои не слушаат и да им ја пренесеме својата енергија. Тоа ќе биде вистинска славеничка атмосфера, затоа што на мојата маленкост и е роденден на први февруари. Она што од нас може да се очекува во сабота е земјотрес со епицентар на бината од 10+ степени според Рихтеровата скала!
Кои се идните планови на Dok7, има ли најави за нов материјал?
Нашиот настап ќе биде всушност претпромоција на новиот албум, кој најверојатно ќе излезе на крајот на март. Моментално сме во фаза на продукција и договарање со издавачите. Планирано е да содржи 10 нови песни, неколку од нив ќе ги отсвириме премиерно во Скопје. По излегувањето на албумот, планираме концертна промоција во Белград и Ниш, а потоа и турнеја по Србија и регионот. Ама се во свое време…
Јована Ѓорѓиовска