Младите се една од најзагрозените категории во време на пандемијата со коронавирусот. Освен здравствените опасности, тие се засегнати и со образовни, финансиски, социјални и психолошки проблеми откако целосно се промени начинот на живот последниве два месеци.
За тоа колку сериозни се проблемите на младите од Северна Македонија поразговаравме со Драган Атанасов, генерален секретар на Сојуз за младинска работа, кои актуелно работат на проект за образование на работници со млади, преку кој треба да се направи дополнителен чекор во воспоставувањето на младинската работа како професија.
Според него во земјава недостасува дискусија за тоа како рестрикциите влијаат на психофизичкото здравје на младите, а изразува и загриженост дека кризата дополнително ќе одолговлече дел од значајните политички процеси поврзани со младинското организирање.
Неминовно е да започнеме од најактуелниот проблем во државава, но и глобално. Како кризата поради пандемијата со коронавирусот влијае на младите во земјава? Кои се главните проблеми со кои се соочуваат во овие моменти и колку се сериозни?
Моменталната криза дефинитивно има големо негативно влијание врз младите, но тоа донекаде се подзаборава бидејќи вниманието е главно насочено кон здравствените и економските последици, а веројатно и поради тоа што младите спаѓаат во најмалку загрозената возрасна категорија. Но и покрај тоа што младите луѓе се мал процент од заболените од Ковид-19, тие трпат многу индиректни последици. Како прво, правото на образование им е ограничено или целосно ускратено на многу ученици и студенти. Нашиот образовен систем едноставно не беше подготвен за брза и квалитетна трансформација во учење преку интернет, а да не зборуваме за тоа дека илјадници млади воопшто немаат технички услови да следат настава. Оние млади кои се активни на пазарот на трудот ги чувствуваат економските последици, додека младите до 18 годишна возраст се соочуваат со многу ограничено време во текот на денот кога можат да излегуваат од своите домови. Јас до сега не сум чул дискусија за тоа како ограничувањата на физичката активност и социјалните контакти влијаат врз психофизичкото здравје на младиот човек.
Покрај здравствената криза, подеднакво опасни изгледаат и економските последици. Колку младите се погодени од намалената работа или затворањето на голем број бизниси и дејности и како тоа сметаш дека ќе влијае во следниот период?
Економските последици ги чувствуваме сите и треба да сме свесни дека и покрај мерките за поддршка, многу работни места се веќе укинати или се под ризик да бидат да бидат. Младите луѓе во многу случаи се први на удар, поради тоа што за компаниите е многу полесно да се откажат од вработен со помалку работно искуство. Истовремено, многу млади работат во дејности каде што не се неопходни силни стручни компетенции, па компаниите лесно можат да најдат нови вработени кога повторно ќе се створат услови за работа. Пример за тоа е услужната дејност, каде што голем дел од вработените се млади.
Како Сојуз бевте дел од иницијативата на повеќе граѓански организации кои порачаа на Владата дека треба итно да се делува за намалување на негативните ефекти од кризата врз младите. Што, според вас, е најприоритетно што треба да го преземат властите и надлежните?
Сметам дека неопходно е истовремено да се делува на две нивоа – со директна поддршка на младите и со поддршка на младинските организации и организациите за млади. Младите луѓе треба итно да се поддржат со обуки и можности за квалификација и доквалификација, со што ќе се зголеми нивната конкурентност на пазарот на трудот. Министерството за труд и социјална политика треба да ги разгледа можностите за реактивирање и проширување на младинската гаранција, што како програма веќе даде позитивни резултати. Во меѓувреме, мора да му се помогне на младинскиот сектор да ја преживее кризата, бидејќи најголем дел од организациите и онака постојано се справуваат со финансиски тешкотии. Со итни мерки треба да се поддржат организациите да ги покријат трошоците за плати и простор за работа, а потоа и да се финансираат активности за поддршка на младите што организациите би можеле да ги реализираат веднаш по завршувањето на кризата.
Актуелно како Сојуз за младинска работа работите на проект за признавање и подобрување на квалитетот во младинската работа во Северна Македонија. Што тоа конкретно ќе значи за младите?
Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Агенција за млади и спорт и со него за прв пат во нашата земја се овозможува образование на работници со млади, врз основа на стандардот на занимање Работник со млади од 2018 година. Со неговата реализација ќе се направи значаен придонес кон воспоставувањето на младинската работа како професија, а со тоа и кон долгорочно зајакнување на квалитетот на програмите за младинска работа што се нудат од страна на организациите и институциите. Обуката во рамки на овој проект ќе биде првата образовна програма за лица кои професионално работат на поддршка на личниот и социјален развој на младите луѓе верификувана од страна на Центарот за образование на возрасните. Во првиот циклус од нејзиното спроведување ќе бидат обучени 15 работници со млади, кои потоа ќе можат да развиваат квалитетна работа со млади врз основа на националните и меѓународните стандарди. Тоа значи дека ќе се зголеми бројот на професионалци во понудувачите на младинска работа кои ќе можат на младите да им пружат секојдневна соодветна поддршка, а особено во кризи како сегашната.
Можете ли да објасните што конкретно се подразбира под професијата „Работник со млади“, за која ќе држите обуки, и која ќе биде нивната улога во секојдневието?
Работник со млади е еден од трите профили на младински работници според Портфолиото на младински работници. Тоа е лице со развиено основно ниво на познавање на концептот, правилата и процесите на младинската работа, како и стручни способности за спроведување активности од младинска работа. Со други зборови, тоа е лице кое поседува компетенции за работа со млади луѓе спроведувајќи активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој преку неформално и информално учење. Работниците со млади секојдневно работат со млади луѓе во рамки на младинските организации, организациите за млади, младинските центри, младинските клубови итн., а нивното значење дополнително ќе се зголеми со отворањето на младински центри во сите општини – обврска што произлезе од новиот Закон за младинско учество и младински политики. Очекуваме дека во иднина ќе се отвораат нови работни места за младински работници а со тоа и ќе се зајакне системот за поддршка на младите луѓе.
Колку кризата од коронавирусот ќе влијае на процесите поврзани со младите и младинското организирање? Каква улога тука во иднина ќе има младинската работа?
За жал кризата веќе има негативно влијание врз спроведувањето на одредбите од Законот за младинско учество и младински политики, на чие донесување се чекаше многу години. Со воспоставувањето на регистарот на младински организации и организации за млади сигурно ќе се доцни, а процесот на отворање на првите младински центри во соработка со општините е стопиран поради тоа што обезбедените средства за нивно опремување беа скратени со ребалансот на буџетот. Младинскиот сектор секако треба да покаже разбирање за ситуацијата, но мора и да продолжи да притиска за отпочнатите процеси да продолжат, а младинските прашања да се најдат високо на листата на приоритети на Владата во текот на кризата, а особено по нејзиното завршување.
Даниел Евросимоски