Елена Божиновска е млада инфлуенсерка-активистка за правата на децата од самохрани и еднородителски семејства. За нејзината работа во тоа поле, таа неодамна ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје и наградата „Emerging Europe“ за млада инфлуенсерка на годината. Дополнително, заедно со Станиша Станковиќ годинава напишаа и објавија Брошура за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства. Во интервју со неа разговараме со кои активности и предизвици се соочуваат младите активисти кај нас, што значи признанието „Млад инфлуенсер на годината“ за неа како и кои одговорности ги има еден инфлуенсер.
Иако млада, со години наназад работиш на општествени теми важни за младите кај нас. Се бориш за правата на младите од еднородителски семејства…а трудот го гледаме во резултатите. Може ли да ни го опишеш процесот, како изгледа за еден млад човек да има средби со институции, да се бори онаму каде многу возрасни не успеваат или се откажуваат?
Секое активистичко патување, па и моето, најчесто започнува од сопствена приказна. Ако зборуваме од гледна точка на организацијата и нејзината борба, пред да се стигне до институциите, се оди на терен, се прават проверки, се разговара со луѓето кои се нашата целна група во случајот деца и млади од еднородителски семејства, но и нивните родители.
Најважен чекор е да се разберат нивните проблеми, она што нив вистински им е потребно место да сервираме решенија кои ние или некој политичар сме замислиле дека им требаат. Самохраните и еднородителски семејства не се само статистика, туку вистински луѓе со проблеми, кои не се решаваат со 1000 денари од Владата, туку со системски решенија и менување на истиот тој систем од корен. Тие сакаат да бидат слушнати, нивните проблеми се неретко многу покомплексни од она што се гледа на површината, на брегот. Во однос на институциите – кога, како и кого ќе нагазиш и каква ќе ти е среќата. Искрено, сите се гостопримливи, не слушаат но ништо не превземаат. Секако, сме имале и од оние класичните „трескања на врата“, но искрено тие помалку болат од оние кои ветуваат дека ќе направат нешто – и на крај ништо.
За да го смениме системот треба многу од се – енергија, волја, храброст, и високо ниво на издржливост на сите удари кои ни ги приредуваат. Несоодветни, непромислени одговори се честа појава во институциите. Но има и онакви институции, вработени и политичари кои навистина ја препознаваат нашата работа и ни велат – браво бе деца! Тие се оние кои некогаш знаат да ни се
најголема поддршка за било какви промени.
Не е лесно, но не сум од тие што се откажуваат. Додека можам ќе го правам тоа што го правам, ќе помагам на други и најважно ќе едуцирам други млади луѓе. Многу не сфаќаат дека прв чекор кон промена – е токму едукацијата. Затоа ние на годишна база организираме неколку пати работилници кои им помагаат на сите членови на самохрани и еднородителски семејства, а најново од годинава е што заедно со Станиша Станковиќ, програмскиот менаџер ја напишавме и испечативме „Брошура за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства“ која им е достапна на нашата целна група и онлајн во секое време на македонски, албански и англиски на нашите социјални мрежи. Се надевам дека како што минуваат годините, ќе имаме можност да и се навраќаме и да ја надополнуваме со новите иницијативи кои ги подготвуваме. Сите 5 иницијативи беа испратени до Владата, со надеж дека нешто навистина ќе се промени.
Во делот на едукација, не се изземам ниту јас и целиот тим на YDF – оваа година бевме дел од тимот на експерти за семејни разновидности на состанок со 70 други претставници од различни земји во Мадрид, Шпанија – каде се дискутираа новите семејни политики на ЕУ. Имавме и ние што да научиме со желба да го имплементираме кај нас, а ја претставивме и брошурата.
Со годините се измени и значењето на поимот инфлуенсер, па од влијание за подобрување на нештата како да преминува во влијание за реклами и продажба на производи. Како гледаш на тоа, зошто е важно младите кои добиваат внимание да се залагаат за промени?
Секој може да ги користи своите социјални мрежи онака како што сака, исто како што тоа го правам и јас, но сепак сметам дека некои вредности се изместени. Иако и во денешно време за „инфлуенсер“ сметам некој кој е автор, новинар, актер, физичар, музичар, доктор, научник, некој кој остава нешто зад себе и е запамтен по својoт „инфлуенс“, сепак повторно ќе кажам, тоа не значи дека дел од денешните инфлуенсери не се трудат да бидат максимално вклучени во општествени промени и придонесуваат на свој начин. Сепак, би ги замолила, а и сите ние како граѓани треба да обрнеме огромно внимание на тоа што им се сервира на денешните деца и млади преку дел од инфлуенсерите и нивни социјални мрежи, различни подкасти и рубрики, кои не се ама воопшто пријатни за слушање, земајќи во предвид дека многу од децата и младите се изложени на интернетот и неговото влијание, и прават она што ќе слушнат – а чим го слушаат нели, нормално е.
Секако за огромна пофалба се оние инфлуенсери кои своите социјални мрежи ги користат за да направат промена, да поттикнат хуманитарни акции или едноставно да прикажат нешто добро и позитивно. Секоја година се јавуваат 1-2 инфлуенсери да ни помогнат во акцијата за божиќни пакетчиња и можам да кажам дека со нив соработката секогаш била успешна и имало мнооогу пакетчиња и за тоа сум им секогаш благодарна.
Што прават инфлуенсерите кај нас за општото добро? Дали можеби е малку поместен фокусот од „општо добро“ кон „лично добро“?
Сметам дека инфлуенсерите си ја вршат својата работа како и сите нас, ако си ја сакаат работата, нели, нормално. Од она што може да направат дополнително е да внимаваат какви производи рекламираат и какви се ставовите и политиките на тие компании, дали конфликтираат со општественото добро и благосостојба на луѓето. Се додека е производ што би го користеле и самите тие, за мене е во ред.
Оваа година ти ја доби наградата „13 ноември“ за хуманитарна работа што ја доделува Град Скопје и наградата „Energing Europe“ за млад инфлуенсер на годината. Колкава одговорност според тебе носи признанието да си млад инфлуенсер?
Се’ ми е уште како на сон, бидејќи уште во првиот момент кога влегов во Кинотека, и кога требаше да седнам во прв ред и видов со какви великани делам место, луѓе со високи титули и достигнувања, сфатив дека одговорноста е максимална и дека до крајот на мојот живот треба да и останам доследна на задачата, да останам хумана и приземна. Да продолжам да се едуцирам, помагам и солидарувам. Двете награди се поттик да ја продолжам мојата работа, среќна сум што сум препознаена и наградена, бидејќи на сите нас ни треба мотивација некогаш. Очекувам дека оваа награда ќе ми овозможи да помогнам уште повеќе. Мојата најдалечна, розеви-наочари тип на мисија и она што се надевам најмногу е дека ќе дојде и тој ден, кога нема да ни требаат веќе хуманитарни акции и мојата мисија ќе биде потполно завршена.
*Дел од одговорите во интервјуто првично беа објавени во текстот: Во море од штетни производи и дезинформации, следен чекор е регулација на македонските инфлуенсери
Ангела Бошкоска