[Интервју] Елена Стојчевска: Кик боксот е начин на живот

Елена Стојчевска е новиот европски јуниорски шампион во фул контакт, до 70 килограми. За Радио МОФ таа зборува како се остварува сонот во светот на кик боксот, која е формулата за успех, но и за откажувањата кои мора да ги направи секој млад спортист.

[Интервју] Елена Стојчевска: Кик боксот е начин на живот

Сребрениот медал  годинава го заменивте со злато, уште еден доказ на борбениот и издржлив дух. Какво беше чувството да се подигне победничкиот пехар?

Чувството е прекрасно, не беше тешко со труд се се постигнува, кога ќе сакаш нешто ништо нема да те спречи. Со дисциплина и напорна работа, успесите се загарантирани , а златниот медал дојде како последица на постојаното напредување во мојата 13 – годишна кариера. Придржувањето кон исхраната, напорните тренинзи и желбата за поголем успех, кога сето тоа ќе се собере златниот медал е награда за се претходно направено од моја страна.

Во финалето кое што се одржа во Полска ја победи претставничката на Хрватската репрезентација Цузиќ со што воедно се здоби со титулата Европски јуниорски шампион во фул-контакт до 70килограми. Дали ова искуство ќе ти биде мотив за понатамошни успеси или барем повторување на резултатот во иднина?

Секако дека ми е мотивација, ова е сон на секој спортист. Ќе ми биде мотив да продолжам со напорните тренинзи, да продолжам во сениорските води, бидејќи јуниорската кариера ја завршувам овде со златен медал. Исто така мотив ми е и претставувањето на сопствената држава и да докажам и покажам дека и кај нас и покрај скромните услови можат да се постигнат врвни резултати. Желба ми е да ги достигнам успесите на мојата сестра Кристина Стојчевска која ги има достигнато врвните резултати во овој спорт.

Знаеме дека боречките вештини се едни од потешките за изучување со што и му докажавте на „ посилниот пол“ дека не е се до големината. Која беше причината поради која што се одлучи за кик-боксот , а не за некој друг спорт?

1111Причината е мојот татко, тој од мала ме мотивираше и ме учеше, ми раскажуваше за боречките вештини. Тој е најдобриот мегународен судија во Македонија. Исто така целокупната моја фамилија има долгогодишна традиција со занимавање и успеси во овој спорт. Здравиот начин на живот, индивидуалноста која ја носи овој спорт беа мотив за учество во напорните тренинзи и водење здрав живот. За труд и време треба многу, воедно и трпение, а за вложување знаат само моите родители. Потребни се секојдневни интензивни тренинзи, со мојот сакан тренер проф. Горан Велков, откажување од многу активности кои вообичаено ги имаат младите. Што се однесува до вложувањата најчесто се лични средства иако морам да изразам голема благодарност до сите спонзори коишто досега ме подржувале во кариерата.

Вие сте македонски претставник, кој ги финансира натпреварите, турнирите. Вложува ли доволно државата во спотртот или спортистите се оставени самите на себе?

Понекогаш ни помага Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт, но повеќето трошоци се на самите спортисти. Нема доволно спонзори, а и одамна немам помош од општината што ја претставувам.

Во една од нашите средби имав можност да дознам многу повеќе за Вашите достигнувања. Хрватска, Германија, Босна и Херцеговина, Србија, Италија, Бугарија се само дел од државите во кои се имате натпреварувано. Можете ли да ни издвоите некои од тие големи натпреварувања, или секое си има свое значење?

Сите имаат своја приказна, од сегде имам некое искуство и некое достигнување, но сепак во Полска го достигнав врвот. Сето она што претходно го имам достигнато и како победи и порази на турнирите, ми овозможи да созреам како спортист да напредувам во спортската кариера и да го достигнам врвот односно Европски златен медал. Токму затоа Полска ќе има посебно значење и за мене лично, но и за мојата кариера.

Кој е главниот виновник за тоа што е денес Елена?

Главни виновници се најпрвин моите родители, мојата сакана сестра Кристина Стојчевска и мојот сакан тренер Проф. Горан Велков. Тоа се лугето коишто пред се веруваат во мене, чија што подршка ја имам постојано и коишто ме мотивирале секогаш кога тоа ми било потребно. И кои што биле со мене и во сите порази и победи. Воедно им се заблагодарувам од срце. Сакам долга и успешна кариера во сениорските води да ме следи среќа во спортскиот живот и да продолжам да бидам мотивирана и гладна за што повеќе успеси. На личен план да изградам кариера во областа којашто ќе ја одберам за студирање. Младите треба да го пронајдат сопствениот интерес во одредена област, да ги следат своите соништа, да се потрудат доволно за да ги остварат и никогаш да не се откажуваат. Успехот ќе биде загарантиран.

Сунаи Сабриоски