[Интервју] Филип Букршлиев, „Строг пост“: Културниот проток не би можел да биде задушен или изгладнет до смрт

Во „Котур“ на 16 јануари од 21 часот ќе се случи концертна промоција на деби албумот (ЦД) на составот „Строг пост“, кој воедно е и прв албум на новото музичко издаваштво на „Аксиома“.

Се работи за трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани). Најавени се како бенд што „создава музика која осцилира на честопати невидливите граници помеѓу и онака провизорните жанрови стонер рок, психоделичен рок, дум метал, пост рок, панк џез, амбиент и сл., сите филтрирани низ внимателно изработено, експериментално сито и решето. Музиката е набиена со брутални и заразни рифови, стегнати во ритам секција која би наликувала на менгеме, кога би сакале визуелно да си ја претставиме“.

„Строг пост“ веќе има „извозено“ солидна музичка километража, ако се земе предвид дека, посебно или заедно, Букршлиев, Омерагиќ и Новковски свират и во „Светлост“ (и нивниот проширен „Odron Ritual Orchestra“), „Taxi Consilium“, „Fighting Windmills“, „The Local Blue“, групите на Јордан Костов, Филип Букршлиев трио, „Palindrom“… и кој знае уште колку неформални состави.

Пред да се случи промоцијата и музичките истражувачи да го чујат деби парчето на „Строг пост“, Букршлиев за Радио МОФ одговара на прашања за самиот состав и албумот. Исто и за домашниот културен проток, мачките, чудесноста и апсурдноста на постоењето… и се’ попатно.

По сите досегашни свирки и издавање музика посебно на членовите… сега вадите албум, но со нов музички проект „Строг пост“. Зошто тргнавте со „Строг пост“?

Не би можел точно да ти одговорам зошто. Ние сме како стари брачни партнери: долго свириме заедно во различни формации, меѓу нас секогаш има музика и не баш многу разменети зборови. Оперативниот речник најчесто ни се состои од: Свириме, Да и Не. Или можеби тоа е поради тинитусот што низ годините сме го вдомиле во ушите, па не се слушаме добро? Како и да е, практикуваме многу ad hoc концертни со слободна импровизација, за редовна кросполенација на музичари и звуци. Во одреден момент меѓу нас тројца од некаде се појавил импулсот за згуснување како Строг Пост – импулс кој веднаш сме го споделиле и инстинктивно сме го обликувале. И тоа би било тоа.

Постои ли тука, од една страна, лична потреба за музичка самореализација, но од друга страна можеби и поширока одговорност за да оставите личен белег, т.е. за свирење нешто што не „игра на сигурно“ со конвенционалните, пазарни и трендовски поставки?

Ако не ѝ пристапуваш на музиката како најобичен претприемач, како некој кој треба да понуди услуга за редење плочки во тоалет, тогаш пазарните и трендовските поставки се најобична небулоза. Не би можел ни да го наречам потреба за музичка самореализација, ниту некогаш би имал енергија и би бил доволно опседнат со себе за да можам да обмислам оставање на личен белег. Единствената асоцијација што ми се наметнува е комуникација. Некој вид на процесирање, медитација и артикулација на целокупната чудесност и апсурдност на постоењето, колку и тоа да ме прави да звучам како некој хипик кој штотуку си замислил дека тоа што шета бос наоколу е врвна доблест.

Во најавата на промоцијата стои дека албумот е снимен пред скоро година дена, во февруари 2023 кај Ивица Јанкуловски – Штраф. Требаше ли да „легне“ албумот на неколку свирки, па да пристигне до сите нас?

Воопшто не беше планирано толку да залегне. Снимен е скоро на прва, со план да биде веднаш спакуван како готов производ, без многу да му ја мислиме. Се појавија неколку проблеми од техничка природа со снимката кои мораа да бидат адресирани; во меѓувреме ја изгубивме и просторијата за проби (ете, за нас не притрча на помош извршната власт) и ни се слизна од раце ритамот за Строг Пост. Требаше неколку месеци постојано да си повторуваме и да се бодриме меѓу себе „Ајде Бука/Дени/Кико, еден ден и ти може да бидеш портретиран како Човекот што го Вдоми Постот во Македонија!“ за конечно да најдеме нова просторија и да се вратиме во живот.

Од каде спојката со „Аксиома“, асоцијација што изминативе години стекна искуство во реализирање музички и културни настани, ама ова им е дебитантски полет во музичкото издаваштво? 

Со Вангел Ноневски („Аксиома“) се познаваме подолго време. Исклучително многу ја цениме неговата лична пожртвуваност редовно да посетува концерти со чудна музика и целокупната дејност на „Аксиома“ како организација: фестивалот „Омнибустопија“ и сите книжевни изданија. Во одреден момент на маса се појави идејата за проширување и во музичко-издавачките води. Нормално, веднаш го фрливме албумот кон него.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Engage Kicks & Gigs (@radiomofmusic)

Тешко ли е да се издава и живее музика во време на вечно политичко (над)мудрување, кога социјалните и класични медиуми знаат да го гушат културниот проток? 

Воопшто не е тешко да се издава и живее музика. Впрочем, тоа никогаш не било полесно. Тешкиот дел, освен ако не си најобичен палјачо, добро позициониран и во секој момент спремен да танцува и пее по желбата на одреден центар на моќ, особено ако притоа му биде ветена и удобноста на топлиот дом за да преспие – е строго математички, сметководствен. Се појавува кога треба да појдеш до маркет знаејќи дека денеска би требало да јадете и ти и мачката. Можеби вчера се жртвуваше за нејзин ќеиф, ама денес веќе не се издржува. Како ќе ги распределиш скромните средства за обајцата да бидете сити? Тоа е навистина Тешкото: поделбата на залаците и дали ќе успееш твојот дел да го задржиш надвор од досегот на лакомите и крадливи шепи. Од друга страна, културниот проток не би можел да биде задушен или, кога сме веќе таму, изгладнет до смрт. Од сите кандидати, најмалку тоа ќе успеат да го сторат импотентните „медиуми“. На пример, јавниот радио и телевизиски сервис може до крајот на времето да проневерува буџетски средства (или, под закрила на ноќта, како некој вошлив арамија да краде опрема од 103-ка) промовирајќи музика од ликови како Двабона, Јангдади, Пајакилара и до совршенство совладувајќи ја магиската вештина на игнорирање на очигледното – ама не гледам како тоа ќе направи Кристијан Новковски понежно да удира по тапаните.

Веројатно надежта е што „Строг пост“, заедно со бројни бендови и музичари, е дел од вибрантна џез и рокенрол сцена, па се избегнува онаа носталгична стапица од типот „Порано беше боље, сега е тапа музиката“? Има веројатно тука простор и за уште млади и не-толку-млади музички соединувања? 

Многу луѓе се возат со такси низ град, а таксистите се главните и единствените пророци на учењето „Порано беше боље, сега е тапа музиката“. После многу повторување на слоганите од таа килава доктрина се добива впечаток дека станува збор за некој вид на вистина. Во реалноста нема ништо друго освен простор. Полето за културна размена е големо, колку и светлината некогаш да се прекршува, па прави да не изгледа така. Дури и ако се случи да им поверуваш на таксистите, па почне да те мачи силно чувство на клаустрофобија и впечаток дека твориш во вакуум, доволно ќе биде и само во себе да си замислиш дека полето е големо, за проблемот да биде елиминиран. Или, можеби, ама само можеби, ќе ја имаш таа среќа (некои мудреци би рекле: доволно долго ќе посакуваш) универзумот така да се подреди што извршната власт ќе ти го додели просторот. Сепак, уште еднаш ќе повторам, предизвикот за младите и не-толку-младите е сосем друг: Дали се спремни поради тој простор да го делат оброкот со мачката?

Бојан Шашевски