[Интервју + галерија] Душко Спасов: Сѐ околу нас е геометрија

Во хипнотизирачкиот свет на геометриската уметност со конец, деликатната интеракција на линии и форми се спојува со груба текстура за да создаде безвременски дела. Од впечатливи мандали и единствени хипнотички тестови до симболи и портрети, секое изработено визуелно парче на Душко Спасов – Дуле од Свети Николе претставува симфонија на математички јазик. 

„Сѐ околу нас е геометрија или некако е поврзано со неа“, истакнува геометрискиот уметник.

Тешко се дефинираат делата на овој уметник, но она што е сигурно е дека тоа се геометриски форми и фигури (geometry art) изработени со техника конец (string art), кои имаат мандала, зен и психоделични елементи и ефекти (mandala, zen & psychеdelic art). За него, ова е совршен спој на модерниот арт со древна умешност, но и на уметноста со занаетчиството. Вели дека првата асоцијација на луѓето им е со галаксија и вселена, голема маана му е што не ги потпишува сите слики, секогаш почнува со позитивна енергија и целта му е да направи убави дела кои, надежно, ќе останат векови по него.

„Почнав случајно, сакав да направам една слика. Татко ми имаше правено, тие на времето ја правеле по ‘Бурда’, југословенско списание за жени, и таму нашле објаснето сѐ за тоа како да се направат такви слики. Имаше убави слики и ми беше предизвик да направам една. И така почнав, направив една, успеав, па уште една, и некако ме повлече, ми се допадна. Ми се допаѓа како техника, си реков ‘ќе се задржам тука, да видам што можам да направам’“, се присетува Дуле на своите почетоци.

Започнал некаде во 2017 година и до денес нема застанато со изработка на сѐ покомплексни слики. Ги работи кога има време, претежно за викенди, а неговото досегашно творештво брои повеќе од 100 слики само во оваа техника.

„Многу активно почнав, тогаш имав време. Посебно короната ми одговараше за тоа, не се работи, дома сум, се спремам, си пуштам музика, обично инструментална. Се исклучувам од ‘тука’ и се вклучувам ‘таму’, тоа е некоја позитивна работа. Баш добро ми доаѓа. Мислам. Ми се допаѓа кога мислам. Размислувам на секоја линија, на секоја точка. Потребно е да си скронцентриран, мислата да ти е таму, инаку ќе правиш грешки. Се греши, но самата геометрија покажува кога нешто математички не се совпаѓа, па отприлика знам каде како треба да доаѓа, па малку назад, пиши-бриши… Нешто како поетите“, појаснува артистот за своето осознавање и навлегување во техниката.

Негова почетна база била безграничната палета на информации кои ја нуди интернетот, но посочува дека не е се’ точно и мора убаво да се истражи и размисли сето она кое нѐ интересира и за кое сакаме да дознаеме.

„Што те интересира, барај на интернет. Ќе најдеш различни одговори, точни, неточни, добри и лоши. Анализирај и ќе дојдеш до точен одговор. Јас конкретно до сѐ сум дошол сам, импровизирав, многу време сум потрошил на размислување како се прави, како да дојдам до тие некои основни агли. Па, полека-полека, нормално, човек се усовршува во сѐ нешто со кое поактивно се бави, без разлика дали е музика, цртање, шишање, што било. Кога работиш сѐ повеќе и повеќе, се усовршуваш“, раскажува уметникот.

Неговите уметнички дела, како што вели, ги содржат тајните на светата геометрија чија суштина е дека се’ нешто, како космосот, планетите и Сонцето е математички и геометриски точно и прецизно.

„Целокупното материјално и видливо, а и она невидливото, има почеток и код по кој е настанато. Сѐ околу нас е геометрија или некако е поврзано со неа, па дури и нашата ДНК. Под претпоставка, тоа визуелно би изгледало вака. Можеби е многу посложено, можеби поедноставно, но секако е според тие свети кодови“, поентира тој.

 

 

Mногу од алатите си ги прави сам, со текот на времето сфатил што му треба и како да си ги прилагоди потребите на себе.

A, процесот изработка се состои од повеќе фази. Во првата фаза се исцртува каде ќе паднат точките, а во втората се забушува и се коваат шајчињата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by StRing Art Studio (@artstudio.dds)

Потоа, ја прави рапавата, релјефна текстура на цврсто дрво како позадина и раскажува дека многу го сака овој занаетчиски дел од работата кој вклучува фарбање и експериментирање со смеси. Од најситен песок до пелавина од дрва и глина, тој користи најразлични материјали, но вели дека секогаш води сметка тие да се цврсти и убави, за дури и ако падне да може да се поправи.

„Многу ми се допаѓа кога на некој нов материјал ќе му ги видам својствата за првпат како делуваат, каков ефект ќе направат. Често пробувам нешто различно, ќе видам нови бои или сам ќе дојдам до нешто ново, без разлика дали е за некоја текстура или за геометрија. Понекогаш и не ми се допаѓа, па го поништувам и размислувам како би било визуелно подобро. Отвара можност да импровизираш низ просторот, ја буди имагинацијата. Како мислиш дека е подобро – прави“, наведува Дуле.

Според вообичаената крактика во Јапонија и Кина, позадината на која се изработува е мазна, но уметникот вели дека самата геометрија е труд за перфекција и кога таа се граничи со нешто непрецизно, рапаво и грубо, се добива совршен баланс.

„Јапонките и Кинезинките се авангарда во оваа техника, има и мажи, ама жените растураат. Прават страшно добри дела, секоја им чест, многу се бистри, интелигенти за математика и геометрија. Пред сѐ , се гледа убава изработка“, забележува тој.

Последната фаза е умешното, умствено испреплетување на издржливите конци со што се изработува самата геометрија. За неа вели дека му претставува најголем предизвик, но и најголемо задоволство. Досега има изработено повеќе форми и според него кругот, односно кружницата, дава најмногу можности за експериментирање и најубавите дела можат да се направат од неа. Како да дојде до некои геометриски решенија мислел со години, други има смислено сам, а до некои пак дошол сосема случајно, на среќа.

„Геометријата со измрдан центар ми е многу интересна. Ми требаа две години за да откријам како се поместува центарот на кругот. Сега веќе знам дека може да се поместува како сакаш, па ме мачи еден друг ваков проблем. Кога ќе начекам време, мислам како може да се дојде до тоа математичко, геометриско решение. Ќе го откријам, може ќе ме фати година две, ама ќе го откријам“, дециден е артистот.

Особено интересна е сликата од која, буквално, ти се заматува. За оваа изработка Дуле вели дека едноставно станува збор за вкрстена геометрија. Сѐ нешто кое ни изгледа сложено, всушност е многу едноставно, а ефектот е магичен.

Нешто слично, за кое и самиот се зачудил, е сликата која ја дал на подарок на другар за вселување, чиј центар делува како „зашмрљан“, расипан, а отстрана „гледаш совршенство“. Овој ефект го постигнал сосема случајно, на среќа, со спојување на три слични нијанси на бои, на сребрена позадина. Оттогаш, експериментира со решението и повеќепати го има повторено истиот ефект, но сѐ уште не знае како е тоа воопшто возможно. Постојат уште неколку такви форми до чие решение дошол сосема случајно.

„Најдраги дела ми се сопствените уникати до чие решение дојдов сам. Никаде не сум ги видел предходно, а ниту потоа некој да ги направи истите. Преинтересно ми е како се испреплетуваат едни во други“, открива Дуле.

Најчесто почнува неколку слики истовремено, на една работи текстура, на друга геометрија, а на трета кова. Па затоа, не може точно да утврди колку време му е потребно за изработка на едно дело, но е сигурен дека не се под 30-40 часа. Заприметил и дека му одзема повеќе од 10 часа додека да дојде само до ковањето.

„Чувството е како да одиш низ пустина. Ќе те заболи раката, потоа главата, не си направил пауза, па ќе се затекнеш дека 2 часа мислиш како една точка да споиш со друга… Но, чекор по чекор и со време колку повеќе вежбаш свикнува и раката, ама сепак не сака брзање“, го доловува тој процесот низ кој минува за да реализира едно дело.

Меѓу другото, занаетчијата додава и дека процесот воопшто не му е фрустрирачки, напротив, му причинува задоволство.

„Многупати луѓето ми викаат ‘ех, ќе те изнервира’, не ме нервира. По природа сум смирен, сталожен, а ова уште повеќе ме научи да бидам таков. И често кога во животот ќе дојде нешто на ‘живец’, си викам ‘ајде, како во стринг артот, полека, нема нервирање, ќе го решиме, чекор по чекор’. И се враќаш 360 назад. Пример, требало да има 360 степени, а си направил 361 или едно помалку. И полека, коригираш. Грешки има во сѐ нешто, тие те учат на многу работи. На овој начин размислувам и додека правам слики“, раскажува артистот.

Од големината и бојата на рамката до различните геометриски форми и боите на конците, секоја слика е различна од предходната и уникатна сама по себе. Мајсторот на занаетот вели дека може да се потруди структурата да биде слична, но никогаш иста, а геометријата е таа и не можеш да ја менуваш.

„Секоја слика под одредена светлина дава друг ефект, зависи од тоа каде и под кој агол ја гледаш. Тоа најубаво се забележува кога се движиш покрај нив“, вели тој за ефектите кои ги нудат изработките.

На прашањето дали знае за некој друг од нашите простори кој го има ова хоби, Дуле вели дека досега не чул и не сретнал никого, а постојано прашува и често бара. Според него, мали се шансите да има уште некој кој се занимава со ова, а би му било многу мило и би сакал да размени мислење ако е тоа случај. Вели дека има луѓе кои се бават со стринг арт, но тоа секогаш се едноставни работи како бротче и точаче.

„Се чувствувам сам на овие простори. Досега се имам запознаено само со еден Шпанец, тој го работи секојдневно само ова“, споделува специфичниот уметник.

Исто така, нагласува дека е отворен да го сподели занаетот со секој кој ќе посака да научи. Според него, иако изгледа многу сложено, било кој што ќе се заинтересира би успеал да ја совлада техниката брзо.

„Јас сакам некој да научи, можеби ќе му се допадне на некој, ќе го повлече“, додава тој.

Покрај геометриските фигури, уметникот од конци има изработено и по некој лик, меѓу кои на Луис Армстронг, Чарли Чаплин, неговата ќерка и Кирк Хамет, лога, суперхерои, мистичната роза и други симболи.

„Паметам една сабота, кога го правев гитаристот на ‘Металика’, цел ден само шајчиња ковав. Таа слика не ми е довршена уште. Не сум по портретите, но одвреме-навреме знам да пробам нешто поразлично“, се присетува Дуле.

Тој се пробува и во разни други обични и необични техники и ги сака сите, но чувствува дека повеќе му лежат невообичаените.

„Сум пробувал да сенчам со молив, па со олуени бои, тие не сум ги објавувал, треба да ги објавам. Натаму, здравје, сакам да се пробам и во други техники, и ќе се пробам. Сега спремам нешто на платно. Скоро објавив слики со техниката цртање со технички молив“, посочува уметникот.

За крај, овој човек со специфичен талент вели дека речиси сѐ е минливо и менливо и дека треба да уживаме во убавите моменти, а кога ќе се „замрси конецот“ во животот, пополека да размислиме како да го решиме проблемот.

Ангела Петкова