[Интервју] Го променив полот за да го усогласам надворешното со внатрешното

Разговаравме со Бојан, млад човек во своите дваесетти години, активист за човекови права кој неодамна направи хируршкиот зафат за промена на полот. Во интервју за Радио МОФ тој говори за неговиот живот, патувањето во Белград заради промена на полот и целокупното искуство со медицинскиот тим.

[Интервју] Го променив полот за да го усогласам надворешното со внатрешното

Кога прв пат почуствувавте желба за промена на полот? 

Повеќе би ја дефинирал како потреба. Зборот желба наведува на тоа дека луѓето „сакаат“ да ја направат таа „промена“, дека се работи за „избор“. Всушност се работи за длабоко всадена потреба на усогласување на надворешното со внатрешното. Тоа усогласување е нешто што буквално сите го правиме, секој ден, сите со истата цел – да бидеме повеќе во согласност со она што ни е природно, што е наша лична одлика. Кај транс луѓето тоа е на ниво во чија основа лежи родовиот идентитет, при што се преземаат одредени мерки од кои останатите луѓе немаат потреба, затоа што нивниот родов идентитет е во согласност со нивниот биолошки пол. Да резимираме: Да се биде трансродово лице не е избор – но начинот на кој ќе се помине процесот на транзиција, самите медицински постапки – тоа е избор и лично право на лицето. За мене лично, таа потреба се појави веднаш штом дознав дека „промената“ е возможна. Тоа беше пред повеќе години, на интернет. Нескладот сум го чувствувал отсекогаш, но како и секој друг, морав да поминам низ фазата на учење дека и покрај тоа што кај нас едвај се зборува на оваа тема, во другите држави, па и во соседните, веќе се прават огромни чекори за на транс луѓето да им се овозможи да живеат продуктивен живот како рамноправни граѓани. Овде, за жал, се’ уште сме во фазата на исфорсирана патологизација, арбитрарни одлуки и одбивање речиси од сите страни.

Кажете ми нешто повеќе за детството, адолесценцијата, каков период беа тие за вас?

Можам слободно да кажам дека беа во најмала рака многу непријатни, речиси неподносливи. Луѓето кои не се трансродови многу нешта земаат здраво за готово – родовите улоги се одамна предодредени според деловите на телото, се’ се прифаќа од прва рака – додека за нас буквално секој ден е борба. Има многу зборови кои боли да бидат слушнати. Потоа следи борбата во нас. Прашања. „Зошто не сум и јас како другите? Што му фали на моето тело па што не ме гледаат онака како што јас се гледам? Зошто очекуваат да правам работи што не ми се природни?“ и слично. Па потоа некои совети за „нормализација“ од најблиските – „дај среди се, на ништо не личиш, женско си, иди фати дечко, треба да се мажиш, сакаме внуци, нема ти што да кажуваш, така треба, така сите прават“ – а ова е само почетокот. Понатаму лесно може да се претвори во караница. Лесно е сега се’ да нафрлам, а за ова речиси никогаш не сум ни зборувал. Отрпнав многу со текот на годините. Искрено ви велам, секој ден е борба, секој момент е криза. Притисокот е постојан и страшен, и без разлика колку се добри и искрени вашите напори да разберете, жал ми е, но нема да можете се’ додека не сте во автентична ситуација. Или обидете се да летате со скршени крилја. Исто е.

Кои се некои од најголемите проблеми со кои сте се соочиле досега заради вашиот идентитет? 

Тука би издвоил две групи: едната ја претставуваат институциите, а другата – интимните врски.

Институциите, наместо да работат во корист на луѓето, само изигруваат ѕидови и функционираат на принципот: одбиј и дискриминирај, без разлика што ќе побараат од тебе. Пред две години успеав да го променам името, но без никакво образложение ме одбија за промена на матичниот број (иако кај нас нема специфични услови кои треба да ги исполнам за таквата промена во документите, транс луѓето не се никаде споменати во законите). Сега имам направено операција, така што повторно поднесов барање. Во меѓувреме имаме еден ист случај како мојот во кој промената е одобрена, а самата институција нема на кој закон да се повика за да ме одбие. Дополнително, и Уставот вели дека се’ што не е забрането, е дозволено. Очекувам одобрување, затоа што не смее да има друга опција. Минатиот пат веќе беа направени сериозни прекршувања на Уставот, законите и меѓународните документи ратификувани од РМ, за што е во тек и судска постапка, што секако дека е заглавена. Штета што повеќето наши јавни службеници никако не можат да ги остават дома своите предрасуди и ставови од пред неколку векови, па мораат да ги напишат и на хартија, со свој потпис, цврсто стоејќи зад сопствената омраза.

Што се однесува до врските, ситуацијата под површината е многу посложена. Јас се идентификувам како геј маж, што за некои луѓе е изненадувачки само по себе, а не треба да биде. Без разлика дали е некој транс или не, секако дека може да има различна сексуална ориентација; таа не е поврзана со родовиот идентитет. Во секој случај, морам да кажам дека во многу ситуации сум наишол на силна трансфобија. Страшно е колку трансфобија има во ЛГБ заедницата. Ова произведува ситуации од типот на ладнокрвно „откачување“, понекогаш и по многу долга врска, и тоа доста често. Се шегувам. Се случува буквално секогаш. Барем во мојот случај. ЛГБ заедницата има уште многу да работи за да не биде толку исклучувачка, затоа што, во оваа ситуација, не е ништо поинаква од исклучувачката околина во која живее.

Каде ја направивте операцијата? Дали во Македонија има доктори кои се обучени за ваква процедура?

Се оперирав пред 2 месеци во Белград, со хируршкиот тим составен од познатиот хирург Мирослав Ѓорѓевиќ и неговите колеги, одличните пластични хирурзи С. Којиќ и Д. Миливојевиќ, заедно со анестезиологот Г. Корач. Искуството беше неописливо добро, толку добро што на човек просто ќе му стане пријатно што се наоѓа во болница, искрено ви велам. Целиот третман, однесувањето на целокупниот персонал, квалитетот, сите преземени мерки, физичките услови… сето тоа беше на ниво кое го немаме кај нас, далеку сме од тоа.

Во Македонија нема ниту хирурзи кои се заинтересирани за вршење на ваквите интервенции, камоли пак обучени. Тоа е една бариера која мора да биде уништена, чекор по чекор, да се отстранат предрасудите и стравот од учење нови хируршки техники. И повторно ќе потсетам – државата има обврска да обезбеди целосен медицински третман во рамките на своите граници, а доколку нема волја за тоа, има обврска да обезбеди средства за лекување во странство. Македонија не прави ниту една од овие две работи.

Тимот во Белград наплаќа многу помалку отколку клиниките на запад, но луѓето од Балканските држави не ги плаќаат истите цени како другите држави каде стандардот е повисок. Тимот во Белград, посебно зборувам за Мирослав Ѓорѓевиќ, има направено неколку стотици операции, работи многу години, и кај нив доаѓаат и многу пациенти од западните земји, меѓу кои и Чез Боно, синот на пејачката Шер. Тоа доволно говори за фактот дека нашиот северен сосед има одличен, квалитетен и искусен тим, и многу пристапни цени. Ова би било многу попристапно за нашите граѓани кога Фондот за здравствено осигурување би си ги исполнувал своите законски обврски според постоечките регулативи.

Каква е атмосферата во Македонија за трансродовите лица?

Модерната медицина ги има доведено овие операции на многу високо ниво. Кај транс жените на пример, ниту гинеколог не може да направи разлика, а кај транс мажите има одлични техники за постигнување функционалност на органите. Во Македонија не сакаат ни да чујат за тоа. Очигледно е срамота да се понуди соодветен медицински третман за одредена состојба, а камоли пак истиот да биде уште и квалитетен. Тоа би било нечуено за нашиот здравствен систем.

Во западниот свет има неколку екстремно познати транс активисти кои се реномирани професори или пак, патувачки активисти – предавачи на универзитети. Во Македонија во образовните програми оваа тема се прескокнува, како да е заразна, како да е некоја злобна пропаганда. Никој од „противниците“ не седнал да размисли и да сфати дека родот (родовиот идентитет) е всушност цел спектар. Во секојдневието веќе имаме различни родови идентификации, дури и без да ги земеме предвид транс луѓето. Сите сме различни. Самиот концепт за родот веќе не може да се гледа на ист начин откако ќе се прочита нешто и ќе се размисли за тоа. Но државава е заглавена во минатото, во бинарната поделба на мажи и жени и ништо повеќе, на стереотипи според телесните карактеристики, на исклучиви родови улоги, при што прекршувањата се сметаат за непростиви гревови и срам, итн…

Во други држави промената на документи е можна дури и без никаква медицинска потврда. Кај нас, дури и со направена операција, доколку шалтерскиот службеник или оној кој потпишува има предрасуди и негативни ставови, најверојатно би се нашле во лавиринт во кој ќе заглавите со години, без разлика што ги исполнувате сите услови (кои и онака не постојат кај нас како законски услови, што е причина повеќе за да ви го одобрат барањето!).

Во други држави транс луѓето се остваруваат како личности и како академски граѓани или на друг начин придонесуваат кон општеството кое ја почитува разноликоста и ги прифаќа и нив како рамноправни граѓани. Кај нас, транс луѓето се одбивани, дискриминирани, омаловажувани, исмејувани, насилно исфрлани од јавни установи, и константно трпат психичко насилство, а и физичкото насилство не е реткост, веќе постојат такви случаи. Далеку сме од современите општества.

К.О.