Низ интернет просторот деновиве се прошири спотот за песната „Земја на еден жител“, со која триото „Педро Хорисонте“ музичките фанатици ги освежи со панк-рок „возење“.
„Педро Хорисонте“ е нов бенд составен од музичари со солидна километража низ македонската музичка сцена во последните 25 години. Дружината е составен од Пеце Младеновски од „Суперхикс“, Иво Митковски – бившиот тапанар на „Ај Кју“, но и Гога Поп Георгиевски, кој, меѓу другото, луѓето го препознаваат од составот „Лилит“.
Последниов низ смеа вели дека „намерно се сретнати – спонтано собрани“.
„Сега се ‘погоди’, иначе требаше да биде барем пред година дена“, посочува Гога Поп Георгиевски.
Пријатели се веќе долги години, па немало некое класично запознавање. Иницијативата тргнала од Пеце. Еден ден му се јавил на Гога и го прашал да посвират, а наместо тоа пиеле пиво и муабетеле три саати. Бас и гитара се ништо без тапани, па во приказната скоро истовремено се вклучил и Иво.
Заедно со името „Педро Хорисонте“, како нивно лого може да се забележи маскиран мексикански „lucha libre“ кечер. Според Гога, самото име не го манифестира она што го свират.
„Можеби со првиот албум кој се надеваме ќе биде до крајов на годинава, ако не нè удри метеор после коронава, ќе каже повеќе. Имавме 3 предлози за име на бендот, но на Твитер победи ‘Педро ХориСонте’, а и звучи некако егзотично и мотивирачки. Целата приказна за ‘Педро Хорисонте’ ќе биде запишана на омотот од алумот и прерано е да ја откриваме. Веруваме дека на државава ѝ треба Херој – па си рековме зашто да не си го измислиме и да се вика ‘Педро ХориСонте’“, вели Гога.
Во првата песна „Земја на еден жител“, текстот почнува: „Ќе дојде еден ден ќе нема со кого да се карам. Ќе дојде ден кога сам со себе ќе се договорам. Ќе остане оваа земја сама на себе. И со популација од само еден“.
Некои ова веќе го поврзуваат како еден повик за вразумување на луѓето, за нивното его, завист, некултура, неможноста да се разбереме меѓусебно, но и за корупцијата и лошите услови во државата, каде секој си заминува, па на крајот останува „Земја со еден жител“.
Според Гога, „среќа“ се бенд кој веројатно ја согледуваат моменталната ситуација, па дали како причина или последица на сите моментални случувања, се појавуваат да понудат некој вид слобода низ песна.
„Она што навистина се трудиме да го направиме, колку тоа е можно во една уметничка смисла, е да се лишиме од метафорите без притоа да ја инхибираме фантазијата кај нашите слушатели“, забележува Гога.
Спотот за „Земја на еден жител“ е снимен во домашни ковид услови. И албумот, односно, песните засега се снимани кај секој по дома, со голем акцент на тоа дека „не се групираат“.
„Ова, несомнено нè ограничи во ефективноста на издавање на синглот, сигурно и на албумот, но сепак не ни ја ограничи креативноста во правењето на музиката за ‘Педро ХориСонте’. Можеби досадно, но немавме случки и анегдоти во врска со снимањето освен што мачката на Пеце беше прељубопитна за да ја нема во кадар :) Во принцип еден до два дена ‘работа’/задоволство секој со својот вложен труд, иако тука мораме да признаеме дека највеќе вложи Иво кој го измонтира материјалот“, раскажува Гога.
Во однос на прашањето како Ковид-19 кризата влијае врз музичарите и уметниците, кои без концерти и настапи живуркаат и се борат за егзистенција, Гога вели дека „Педро Хорисонте“ има двајца професионални и еден непрофесионален музичар.
Ова, вели тој, по автоматизам треба да одговори дека ситуацијата не е сјајна, туку очајна.
„Без систем кој ќе дефинира, без систем кој има моќ да спроведува, очигледно дека најтешко им е на професионалните музичари на кои токму музиката, без разлика на жанрот, им е основен извор на егзистенција. Еве од ова уште еден одговор за појавата на ‘Педро Хорисонте’, херојот кој треба да отвори нови хоризонти :) Не се предаваме, туку ако не може да материјализираме – ќе фантазираме. Не би сакале да навлегуваме во теми за кои Некој е платен да размислува и згора на се’ да спроведува. Факт е, дека ние имаме песна и мотив да продолжиме, иако за тоа не сме платени да размислуваме ниту да свириме. Тука е пораката“, потенцира Гога.
Тој како „тажна тема“ го карактеризира прашањето за третманот на медиумите кон музичката и алтернативна сцена, во однос на тоа што недостасува кон промоција на бендовите и уметниците.
„Иако никако не сакаме да се сврстиме во некаква ‘сцена’, медиумите располагаат со етер во којшто можат да пласираат какви сакаат информации до крајните консументи, било да се гледачи или слушатели или и двете во зависност од медиумот. Едноставно тоа кај нас во државава веќе изгледа дека не вреди ништо. Можеби токму оваа ‘мрачна фаза’ од неприсутност на култура по медиумите нè создаде и токму тоа ќе придонесе Педро Хорисонте да почне да ги изразува своите супер моќи :) Можеби дури ‘се возиме’ на Ништото сме покреативни и од таму ни е целата инспирација за приказната околу Педро Хорисонте? Не сме стари – но ниту млади“, вели тој.
Смета дека оваа крајна констатација како формула за постоење и творење е некаква животна равенка за некаков резултат.
„Секако да не го заборавиме Ништото – не очекуваме ништо и со, и без медиуми. За волја на тажната вистина, медиумите, веќе не располагаат со целиот етер. Позитивно е што и ние располагаме со етер, а се вика: ИНТЕРНЕТ“, потенцира Гога.
За идните музички и издавачки планови, Гога вели дека „Педро Хорисонте“ има многу песни. Полека селектираат и гледаат да одберат она што најбрзо може да се најде на нивниот прв албум без истиот да изгуби контекст.
Креативно сe вклучени сите тројца, а заради ситуацијата мораат да бидат бавни.
„Дефинитивно албумот ќе биде измиксан и мастериран во студиото на Дени Крстев – ‘Студио 1060’ и големи се шансите да излезе во продукција на ‘Балкан Велики’. Сложни сме во идејата, крајниот формат, да биде уникатен во смисла не само да има многу малку примероци, туку и да понуди нешто што до сега не било понудено на музичкиот пазар. За ова секако од голема помош ќе ни бидат пријателите кои не сме ги изневериле, ниту како другари, ниту како конзументи на нашата музика низ годините“, вели Гога.
Бојан Шашевски