Деновите без драмскиот автор Горан Стефановски никој толку не ги чувствува како неговото семејство, бидејќи отсутноста од Македонија, а присутноста со творештвото и со понекој јавен проглас ја пополнува таа дневна потреба да се чуе „дијагноза“ за нас од најдобриот психолог на ова парче земја.
И во вакво време кога предизвиците се многу, а алатките за справување недостасуваат, зборуваме со Игор Стефановски син на Горан, за погледот на татко му од „горе“ кога може да се седне и да се муабети седнат крај него во Дебар Маало на клупа.
Да се носи наследството како син на Горан Стефановски е одговорност, но и обврска. Како е да се биде Игор деновиве, кога државата оддава признание, а во неговото Дебар Маало ја поставија клупата како спомен за него?
Да се биде Игор Стефановски е секогаш добро, како што се надевам и на другите им е удобно во сопствената кожа. Oвие денови чувствувам големо олеснување поради тоа што нашиот татко, дедо и сопруг си се врати дома, по скоро три години откако ја имавме идејата за спомен-обележје близу дебармаалската раскрсница, која за него беше еден од центрите на универзумот. Толку многу му значеше тој дел на градот што неговото враќање токму таму стана обврска за нас, и сега кога знам дека „душата му e нa место“ и јас некако полесно дишам.
А за Орденот за заслуги од Претседателот, знам дека многу ќе му значеше и дека ќе имаше што да каже, па затоа од сите емоции што ги чувствував тој ден, најсилна беше тагата што јас го примав одликувањето наместо него.
Кога станува збор за нашиот идентитет, Стефановски знаеше да се повикува на одговорност и обврска за која треба работа. Во една изјава вели: „Македонскиот идентитет не е нешто што е запишано и ни е дадено со златна лажичка во уста, тоа е нешто за кое треба да се работи, нешто на кое работам цел живот пишувајќи драми. Најлесно би ми било да си кажам јас сум Македонец и тоа е јасно само по себе и немам никакви одговорности. Но, треба работа. Имаме обврски и на кој начин тоа ќе ги спроведуваме обврските.“ Политички, неговиот тас никогаш не претежна и тој не се произнесе, но како реагираше на темата Македонија и политичките случувања внатре и од надвор?
Тој реагираше, како што би очекувале, воздржано и спокојно, како зен-будист кој едноставно ги прифаќа случувањата и не дозволува тие премногу да му влијаат врз внатрешната рамнотежа. Секогаш имаше што да каже, се разбира, но тоа како да беше од птичја перспектива. Додека јас вриев поради состојбите кај нас или неправдите што ни штетеа однадвор, тој сето тоа го разбираше како дел од нашата приказна на овие краишта. Кога ги отворавме овие теми, ме насочуваше да ја прочитам „Филозофија Паланке“ на Радомир Константиновиќ, но само воведот на српски е доволен за на човек малку да му се разјасни нашето бидување на Балканот. Штом во Библијата за Македонија пишува „во сè бевме во маки; однадвор напади, однатре страв“, прашањето е дали нешто реално се има променето и до колкав степен ние треба лично да ги сфаќаме случувањата во земјата.
Пред да почнам да го пишувам мојот магистерски труд на тема Македонија и патот кон Европската Унија, татко ми ми ја даде книгата „Замислувајќи го Балканот“ на Марија Тодорова. Таа ја посветува книгата на своите родители, кои ја научиле „да го сака Балканот без премногу да се гордее или да се срами со него“. Мислам дека ова е едно од нештата на кои тој, заедно со мајка ми се разбира, несвесно ме учеше, и еве дури сега можам да кажам дека сум ја научил лекцијата.
Во вашето детство имало „метеж“, со многу драмски ликови кои лебделе да бидат оформени низ соодветни зборови. Дел од драмите се напишани во период кога вие и вашата сестра Јана сте растеле, паметите нешто од процесите на создавање?
Да бидам искрен, како дете немам никакви спомени од неговиот креативен процес, освен што памтам дека тој и Влатко ја напишаа „Скопје“ во мојата соба. Не ја мешаше работата со приватниот живот, а и онака кое дете знае со што му се занимаваат родителите?! Сепак подоцна, како возрасен, видов како пишува: како тргнуваше процесот, со каква дисциплина седнуваше да загрее столче и со каква возбуда чекаше да ги види текстовите оживеани на сцена. Ретко кажуваше врз што точно работи, како да не сакаше да му избега суштината, да не му ослаби јадрото. Ќе спомнеше дека некој му порачал текст, па потоа ќе кажеше дека има идеја, или „куката на која ќе треба да виси месото“ — како што велеше. Потоа на работната маса ќе почнеа да се појавуваат голем број книги на одредена тема, на пример за „Одисеја“ за текстот Одисеј, или нешто како „Сексот и Првата светска војна“, за Фигурае Венерис Историае, па можеше да се разбере дека тука се готви нешто озбилно. Но, не споделуваше како оди, освен ако не мислеше дека би можел да му помогнам со изнаоѓање на некое решение, како на пример за смртта на судијата во Демонот од Дебар Маало — се отепавме од смеење тоа попладне.
Сепак, ова се однесува на неговото пишување по 2000-та, а за неговиот процес пред тоа најдобро е да се праша мајка ми, која беше со него за време на пишувањето на речиси сите драми и ги преведе сите на англиски. Со неа редовно си играа интелектуален тенис по дома и секогаш беше интересно да се слушаат и да се учи од нивните муабети или кавги на големите теми.
Пиесата „Казабалкан“ ви ја посветува вам, на Патриша, Игор и Јана. Колку во неа се пресликани неговите дилеми за вас и за вашата иднина? Дали му тежеше многу англиското небо, кое беше ниско за неговата стаменост?
Во тоа време, 1996-97, тој сè уште не живееше со нас во Англија. Ние тројцата останавме таму во 1992, а тој уште шест години си беше редовен професор на ФДУ, и леташе за Англија за празниците, или ние доаѓавме во Скопје. Кога пораснав, се шегував со него дека бил единствениот човек кој заработувал балканска плата, а требало да ги храни децата на „Запад“, наместо обратно. Тие први години беа исклучително тешки за моите родители (особено за мајка ми, речиси сама со две деца и со работа за која таа беше преквалификувана), па затоа кога му побарале текст од еден мал театар во Лондон, тој почнал да пишува за тоа што му се вртело во глава. Се разбира дека главните теми во тоа време, не само за нас туку за целата поранешна Југославија, беа иднината и надежта дека ќе биде подобро.
А за англиското небо, на секого му пречи, но мислам дека нему поголем проблем на почетокот му беа слоевите на резервираност кај Англичаните, кои тешко се пробиваат. Нормално, тој брзо се адаптираше, и онака ретко кој му беше рамен во социјални кругови. Кентербери му стана втор дом и кога почина, универзитетот каде што работеше избликна со емоции и љубов кон него.
Дебар Mаало за Стефановски значеше ковчег со сето богатство, од детството до сите школи и животни лекции. Трезор на сиот капитал. Почетната точка од каде што се градеше структурата на сето она што ни го остави како завештание. Но, каде е лоцирано вашето богатство?
Знам дека е клише, но фамилијата и блиските пријатели ми се најважното нешто. Кога ќе ти се родат деца, ти се подредуваат нештата, нели. Во нив е и минатото и иднината, а преку нив имаме шанса да изградиме нешто убаво за утре. Инаку, долги години се враќав во Македонија во секоја можност, мислејќи дека мојот роден град и мојата земја ме исполнуваат, но потоа разбрав дека тоа што навистина ми недостигаше беа луѓето и дружбата. Што би барал во Скопје да не ми се таму фамилијата и другарите? Сфатив дека точно е она што велат — не е важно каде си, туку со кого си. Доволно ми беше да се најдам со добар пријател каде било во светот за да се чувствувам како дома, а сега моите деца, од мајка Бугарка, татко Македонец и Британец, родени во Брисел, но пораснати во Албанија и во Црна Гора, се обидувам да ги научам дека домот е чувство и дека се наоѓа каде и да сме сите заедно.
Ја имате неговата питомост во зборувањето, убавиот јазик што очигледно живо ви го пренел. Игор, за што Вие имате жестина? За што имате војничка дисциплина како татко ви?
За добар превод. И не само на книги или во кабина, туку воопшто помеѓу културите и народите, бидејќи без превод сѐ уште збунето ќе се гледавме на Вавилонската кула. Голем број проблеми се појавуваат чисто од недоразбирање, дури и кога се зборува истиот јазик, така што замислете каква е потребата од добар превод или од меѓукултурно посредништво на меѓународно ниво. Можеби поради тоа што сум природно настроен со мојата билингвалност и бинационалност, и дека имам живеено точно 20 години на Балкан и 20 на Запад, имам потреба да работам врз односите помеѓу овие два, мои региони на светот. Чувствувам некаква обврска да бидам добар претставник на Балканот, особено во земји каде што едноставно имаат погрешна слика за нас, како што е Британија.
А војничка дисциплина немам, можеби дека не служев војска. Сепак, дисциплиниран сум околу сѐ што е поврзано со моите деца, а и ако сакам нешто да постигнам за брзо време.
Што од Горан остана незавршено?
Пред да почине, интензивно работеше врз Бушава азбука 2, или Бушав буквар, како што е вистинскиот наслов, и стигна до буквата Љ, значи точно на пола пат. Јас му бев истражувач — копав по македонскиот интернет за смешки, грешки или приказни за инспирација — и многу беше возбудливо да се читаат нови епизоди на култната серија.
Паралелно работеше и на проект за Риека — Европска престолнина на културата 2020. Беше многу возбуден околу сето тоа и требаше да оди таму токму тие денови кога почина. Ние си правиме планови, а животот понекогаш си има други идеи, нели.
Остана незавршено купувањето куќа во некое село во Македонија, каде што сакаа да се пензионираат со мајка ми; нови моменти со неговите три внучиња, кои го полнеа со среќа која дотогаш како да не ја беше искусил; неговата мечта да вози такси-кајче во Охрид како стар човек и сите идеи за нови драми за кои само тој знаел.
Игор, дали седнавте до татко ви на клупата? Што би сакале да му кажете денес, од Брисел? Со какви состојби и болести денес боледува земјава?
Се разбира дека седнав, уште првиот ден доцна вечерта, а потоа ја зедов мајка ми од аеродром во 01:30 и со неа седнавме од два до три сабајле, во најдлабоката тишина. Пред да седнам се напив една ракија, а и нему му ставив на усните, па бидејќи ми беше првпат да го видам, почнав да го допирам — рацете, носот, главата — за да видам колку е погоден, и уште не ми се верува колку е сè на место. Mу објаснив за целиот процес, од идеа до инсталација, за нашето претстојно селење од Подгорица за Брисел, за тоа како сме ние и за сè друго што може да ви падне на памет кога правите прв муабет со бронзена фигура на татко ви. Тоа беа горчливо-слатки моменти, но многу ми е важно што знам дека тој е сега таму, на своето место, и се надевам дека, заедно со дрвото посадено во негова чест, долги години ќе имаат што да гледаат и да слушаат.
А за состојбите во земјата вие знаете подобро од мене, а и нему веќе му беа јасни поради тоа што некако наоѓаше време да гледа наши вести каде и да се наоѓаше, па кога ќе го видеа на улица и во муабет ќе речеа ,,Не знаеш, не си тука“, знаеше да одговори „Никаде не сум отишол“. Така и го доживувам сега, поприсутен од кога било. Секој ден мислам на него, наздравувам со него, но кога доаѓа време за муабет, не сакам да навлегувам во политика за да не се вознемируваме џабе двајцата.
**Интервјуто е објавено во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземено од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.