„Уличните кучиња секогаш имаат причина за секоја нивна карактеристика. Сите малтретирања, напаѓања, тепања, бркања и уште што не, за жал влијаат врз нив и кога-тогаш тие се осврнуваат кон останатите граѓани. Дефинитивно треба да се промени целосната перцепција на луѓето за нив. Не можеме да ги спасиме сите, но можеме полека-полека да ги промениме работите и да ја намалиме бројката“.
Вака размислува Иван Јовановски, 19 годишен активист за бездомни животни од Богданци кој своето детство, тинејџерство и младост ги минува помагајќи им. Член е на гевгелиското здружение „Нала дог рескју“ и спасител на многу „исфрлени, дехидрирани, слаби, со муви и болви, катастрофални“ животни од магистрални патишта, автопати, околни села, ридишта, депонии, брани… Досега се изнагледал и соочил со сѐ и сешто, а летово првпат достигигнал и бројка од 15 кучиња во двор. Поминал многу додека да прифати дека, како што вели, „повеќето просто не сакаат да изнајдат хумано решение и имаат монструозни погледи за проблемот наречен ‘кучиња скитници’“.
„Средно учев во Битола. Имаше таму едно многу старо куче, дојде човек и ми вели ‘дај со секира ќе го убиеме, да не се мачи’. Бев згрозен. Го однесов на ветеринар, го зеде едно битолско здружение и денеска е среќно вдомено во Англија“, сведочи активистот.
Во 2017 година, кога почнал, тендерот за заловување и стручен третман на бездомни и нерегистрирани кучиња во Богданци го држел стационар од Неготино кој, како што вели Јовановски, заловувал и убивал масовно. Секое второ куче било позитивно на лишманија, „што не е возможно, логично и нормално“. Исфрлувањето на кучиња во 3-4 часот сабајле било секојдневие. Се одлучиле на петиција и собрале 600-700 потписи, со што успејале да издејствуваат „Комуналното“ да го раскине договорот со тогашниот стационар. Оттогаш, тендерот таму го држи ветеринарното друштво „Анри вет“ од село Стојаково. Стационарот во Гевгелија пак, вели тој, за жал соработува со Струмица, а таму ситуацијата е „размешана манџа“.
„Состојбата сега е за некој степен подобра, но далеку од добра. Во Гевгелија не е нешто поразлична, само 10 минути сме оддалечени. Таму бројката е малку поголема затоа што е поголем бројот на жители и села. Има многу нерегистрирани одгледувачници кои слободно си размножуваат. Многу често знаат и да ни фрлаат во близина на шелтерот на здружението. И се така, во круг. Некои дури откако ќе дознаат за ‘Нала’ ни го носат миленикот затоа што не можеле повеќе да се грижат за него. И 250 здруженија да има, никогаш нема да успееме сами да ја решиме ситуацијата без поддршка од надлежните институции како Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Министерството за внатрешни работи (МВР)“, објаснува Јовановски.
Според него, институциите се глуви и немаат интерес да го разрешат проблемот, затоа состојбата е таква каква што е – очајна.
„Луѓето кои трујат, убиваат, мачат животни треба да одговараат за кривично дело и да добијат затворска казна. Еднаш ми се случи мајка да се породи кај нас пред зграда. Имаше 6 кучиња. Неколку снема, две беа на монструозен начин убиени – заврзани, обесени, претепани и фрлени во контејнер. Имаа внатрешно крвање. Едното веднаш починало, другото го успаа. Остана само едно кое исто било ‘на око’ да се убие. Го спасив и среќно е вдомено во Англија, како и мајката“, раскажува тој.
Случајот бил пријавен во полиција и одговорот оттаму бил дека не можат ништо да направат затоа што мајката е улична.
„Човекот си е на слобода и сам си ја чека кармата, оти во нашата држава никој не е доволно моќен да превземе нешто. За жал, таков е менталитетот на луѓето. Сѐ додека не им удриш по џебот со длабоки казни – на тој начин ќе преземаат дејства за да го решат проблемот. А всушност, и сите кучиња да се отрујат проблемот пак нема да се реши“, додава.
Кога бил мал пробувал секое да го спаси и да му пружи сѐ што може. Во еден момент сфатил дека е единка и колку и да го дава максимумот, понекогаш не може ништо да стори.
„Многу често ние активистите пробуваме да спасиме сѐ што е на улица, а забораваме себе сѝ да се спасиме од некои ситуации. Таквите глетки влијаат многу на психичкото здравје и емоциите. Јас за жал веќе сум отрпнат од секакви ситуации и приказни и ништо не ме изненадува. Како мал сето тоа ми влијаеше премногу и не можев да си поверувам што се случува со луѓето и како размислуваат. Поминав многу додека да прифатам дека повеќето просто не сакаат да најдат решение и имаат свои монструозни погледи на решавање на проблемот“, се присетува Јовановски.
Од друга страна, тврди дека најголемиот проблем се нелегалните одгледувачници и сите што не плаќаат данок. Но, и „многу од стационарите каде кучињата се убиваат без никој да знае и дознае“.
„Немам ништо против одгледувањето на расни кучиња, ама се додека неконтролирано се размножуваат исто како и нерасните, проблемот само ќе расне. Решението е во масовна едукација, волонтерство уште од најмали нозе и хуманиот третман. Можеби, доколку почнеме од најмалите би се промениле некои гледишта, би се стекнала доверба во уличните кучиња и би се намалил стравот кој многу често е наметнат и останува уште од детство“, посочува младиот активист.
Ние во Македонија не сме доволно гласни, убедливи и упорни, смета Јовановски, а само така може да се реши некоја ситуација.
„Се додека не сме ‘досадни’ на оваа тема, нема ништо да се среди. Решенијата постојат и сите здруженија ги имаме истите, но треба да бидеме повеќе сплотени“, заклучува.
Дополнително, тој смета дека секој треба да го стерилизира својот миленик. Првенствено, вели, со тоа го чува неговото здравје, го намалува својот финансиски трошок за во иднина и се грижи за популацијата на бездомни животни.
„Многу често луѓето мислат дека една стерилизација од неколку илјади денари е многу висока сума, а напротив, ако кучето роди и не ги фрлиш, трошоците се многу поголеми“.
Инаку, немилосрдниот наратив за бездомните животни во медиумите останува непроменет. Пријавите за каснувања се секојдневие, како и напуштањето на миленици. Животните не престануваат да се размножуваат, а со тоа проблемот не престанува да расте. Предлог-законот за измени и дополнувања во Законот за заштита и благосостојба на животните, кој требаше да биде донесен со скратена постапка уште во март и со кој легислативно ќе се реши коренот на деценискиот проблем и покрај животните ќе се заштитат и граѓаните, сѐ уште чека во Собранието.
Бездомните животни во Македонија се оставени на граѓанската (не)милост
Ангела Петкова
Фотографии: Иван Јовановски, приватна архива