[Интервју] Иван Николовски, ЏЕФ Македонија: Предизвик за младите е да се остане во државава

Младите луѓе во Република Македонија се и те како свесни за состојбата во која се наоѓаме и во моментов е најважно тие да се вклучуваат проактивно, а не реактивно во политичките процеси на национално и локално ниво, објаснува Иван Николовски, претседателот на Здружението на Млади европски федералисти – ЏЕФ Македонија во интервју за Радио МОФ.

Со него разговаравме пред претстојното Федерално собрание на Младите европски федералисти, кое за прв пат ќе се одржи во Македонија, од 23-ти до 25-ти март во Скопје. Настанот претставува клучен политички собир на паневропското младинско движење.

Освен за настанот, со Николовски поразговаравме и за поимот федерализација, кој беше особено актуелен во негативна конотација последниве два изборни циклуси во Македонија, за „десоросоизацијата“, како и за предизвиците и придонесот на младите во евроинтегративниот процес на Македонија.

Кон крајов на месецов во Скопје ќе се одржи Пролетното федерално собрание на Младите европски федералисти. Зошто е значаен овој настан и кои се вашите очекувања од него?

„Организациите-членки на паневропското политичко и младинско движење „Млади европски федералисти (ЏЕФ Европа)“ секоја година организираат два политички собири познати под името “федерално собрание” (анг. federal committee). На овие собранија, фокусот е ставен на идните активности на ова паневропското движење, како и да ги утврдат клучните политики кои ќе ги застапуваат на европско ниво, пред сѐ пред институциите на Европската Унија. Оваа година е навистина значајна за нашето здружение со оглед на фактот што, во соработка со ЏЕФ Европа, сме домаќини на Пролетното федерално собрание на Младите европски федералисти. Дотолку повеќе, овој настан е од особено значење за Градот Скопје и Република Македонија бидејќи ваков настан за првпат се одржува кај нас. Во рамки на ова федералното собрание, Република Македонија и Скопје ќе ги посетат околу 100 делегати од над 20 национални ЏЕФ секции ширум Европа кои, меѓудругото, ќе дискутираат за прашања поврзани со евроинтеграциските процеси на државите од Западен Балкан. Во фокусот на овогодинешното Пролетно федералното собрание ќе биде и зачленувањето на Република Македонија во ЕУ. За таа цел, во рамки на овој настан, планираме да одржиме и една дебата на која ќе бидат поканети политичари и експерти од државата и од странство.“

Официјалниот постер за Федералното собрание на Младите европски федералисти

Каква е соработката на младите федералисти од Македонија со оние од Европа?

„Македонија ја има една од најактивните ЏЕФ секции во регионот, но и Европа. Поради тоа, соработката со ЏЕФ Европа е на доста високо ниво. Во последниот период, ЏЕФ Европа, но и останатите национални ЏЕФ секции ја одбраа токму Македонија како локација за одржување на своите настани, семинари и студиски посети, за кои ние пруживме целосна организациска и логистичка поддршка. Понатаму, соработката со ЏЕФ Европа се состои и во тоа што ние како национална секција од Македонија имаме можност да учествуваме во активности за изградба на нашите капацитети на европско ниво, но и да покренеме односно активно да се вклучиме во паневропски кампањи за застапување на одредени политики од значење за иднината на континентот и секако да се вклучиме во спроведување на проекти од заемен интерес. Покрај ова, нашата секција зема активно учество на сите федерални собранија и европски конгреси притоа активно придонесувајќи во процесите на донесување одлуки.“

Зборот федерализам/федерација во Македонија беше користен во еден негативен контекст последниов период. Што застапуваат младите федералисти во 2018 година во Македонија и во Европа?

„Кај нас постои негативна асоцијација на зборот федерализам и федерација затоа што, во дневнополитичкиот дискурс, честопати се користи за да означува поделби како во случајот со конспирациите околу „Тиранската платформа“ и наводните идеи за кантонизација и федерализација на Република Македонија. Најдобар пример за тоа е минатогодишниот политички прогон, познат и како „десоросоизација’, чиј таргет беше нашата, но и уште дваесет други граѓански организации од земјава. Поконкретно, во рамки на оваа здружена канонада на претходната власт, органите на прогон и одредени движења и медиуми како „Стоп Операција Сорос“, нашето здружение, но и целото федералистичко движење беше претставено како инструмент на Џорџ Сорос во неговата идеја да создаде европска супер-држава, со која би се укинале националните идентитети и суверенитетот на поединечните европски држави. Ова е сосема спротивно на тоа за што ЏЕФ Македонија и ЏЕФ Европа се залагаат.

Идејата за федерална Европа постои уште пред почетоците на Европската Унија каква што ја знаеме денес. Европската Унија е создадена пред сѐ врз идејата за економска соработка и заеднички пазар на државите кои биле завојувани страни за време на Втората светска војна. Во тој период, доминантните размислувања се движеле во насока на тоа дека ако постои економска унија, политичката унија помеѓу овие држави ќе си дојде сама по себе. Меѓутоа, одредена група на теоретичари и мислители, меѓу кои и Алтиеро Спинели, еден од  идеолозите и основоположниците на современото европско федералистичко движење, Европската Унија требала да се заснова пред сѐ на цврсти политички и демократски институции, нешто што и денес не е случај. Оттука, идејата за обединета и федерална Европа за која нашето движење се залага подразбира создавање на политичка, економска и вредносна унија која ќе овозможи доближување на политичките институции до граѓаните и ќе го зголеми нивното активно учество во процесот на донесување одлуки. Дотолку повеќе, оваа идеја повикува на обединување на сите држави од европскиот континент врз начелото на супсидијарност, поточно децентрализација во донесувањето на политички одлуки на што е можно пониско ниво со што би се овозможила поголема непосредност.

За крај, концептот на обединета и федерална Европа се базирана врз начелата на мир, демократија и добро владеење, владеење на правото, почитување и заштита на човековите права, додека европскиот федерализам подразбира истовремено постоење на повеќе политички и национални идентитети и остро се спротиставува на какви било форми на асимилација и субординација.“ 

Што конкретно преземате како ЏЕФ Македонија за подобрување на внатрешно и надворешно – политичката ситуација во Македонија?

Нашата организација е политичка, но не партиска, младинска организација. ЏЕФ Македонија преку своите активности активно ги вклучува граѓаните на Република Македонија, со акцент на младите, во процесот на приклучување на Република Македонија кон ЕУ. Во моментов спроведуваме неколку проекти кои имаат за цел да ја подобрат комуникацијата на ЏЕФ со граѓаните, а воедно да вршат мониторинг на работата на институциите и да нудат препораки за подобрување. Во изминатиот период и ние како организација ги редефиниравме нашите приоритети и во наредниот период ќе се посветиме повеќе кон доближување на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија до граѓаните преку почести улични акции во повеќе градови и ќе продолжиме како и до сега да учествуваме во политичките процеси преку учество во работни групи и консултативни средби со политичари и институции. Покрај ова, еден од приоритетите за кој се залагаме е и политичкото образование затоа што сметаме дека на младите луѓе најпрво им е потребно знаење за да можат да бидат активни и да дејствуваат во својата средина. За жал, и покрај позитивните примери на политички свесна и активна младина како во случајот на Студентскиот и Средношколскиот Пленум, формалното образование во Македонија недоволно вложува во политичкото едуцирање на младите граѓани за нивните права и обврски како идни граѓани во една демократија. Сосема спротивно, јавноста можеше да биде сведок кога одредени наставна материјали како учебникот за Граѓанско образование, промовираат вредности на авторитаризам, субмисивност и подаништво на граѓаните пред институциите на моќ.

Заедно со ЏЕФ Европа започнуваме да го спроведуваме проектот „Европа на училиште“ во рамки на кој се предвидуваат интерактивни предавања во средните училишта во Македонија со цел, на учениците, да им ја доближиме идејата за Европа и европските вредности притоа придонесувајќи кон зголемување на свеста за потребата од политичко образование кај надлежните институции, но и кај самите млади луѓе.“

Токму младите се главните поддржувачи на евроинтегративниот процес на Македонија. Колку и на кој начин тие придонесуваат во евроинтеграциите на земјава?

„Младите луѓе во нашава држава се и те како свесни за состојбата во која се наоѓаме сега. Најважно во моментов, е младите да се вклучуваат во политичките процеси на национално и локално ниво, особено во случаи кога предмет на дискусија се прашања кои се од круцијално значење. Сепак, она што е многу важно е младите да не се вклучуваат реактивно, туку проактивно. Исто така, од особено значење е младите луѓе од Македонија да се вмрежуваат со нивни колеги од други европски држави преку активна комуникација, партнерство и соработка. На овој начин, тие би можеле значително да ја зголемат свеста за заеднишнтво и почит кон различностите, но и да ги подобрат своите капацитети за менаџирање, работна етика, но и критичко (ре)обмислување на доминантните наративи и политики.“

Кои се според вас, како млади федералисти од ЏЕФ Македонија, главните предизвици пред младите од Македонија во периодот кој следи?

„Основниот предизвик е да се остане во државата. Сѐ повеќе млади луѓе се иселуваат во потрага по подобро образование, вработување и воопшто иднина. Сега е многу полесно да се најде квалитетно образование и подобри можности за вработување надвор од државата и тоа е главната причина зошто младите избираат да си заминат. Во периодот што следи, потребно е властите  доследно да ги спроведуваат реформите кои треба да придонесат кон деблокирање на евроинтеграциските процеси на Република Македонија. Истовремено, властите, во соработка со засегнатите страни и општествените чинители, треба да се посветат на креирање на реформи и политики кои се потребни за суштинско подобрување на условите и стандардот на живеење, за младите луѓе да имаат што помалку причини да ја напуштаат државата, а оние кои веќе заминале, причини да се вратат и придонесат кон нејзиниот развој.“

Даниел Евросимоски